Достапни линкови

Иако онлајн, „Глобал гејм џем Македонија“, супер продуктивен


Илустрација - „Глобал Гејм Џем Македонија“', Скопје 2020

„Добра страна беше што оваа година наместо два, траеше 5 денови и оваа година дојдоа луѓе од градови каде немало ГГЈМ до сега, Велес, Прилеп, Струмица, Струга,... Оваа година имаше најмногу девојки во однос на број на учесници што е важна точка“, вели Гораст Цветковски, еден од организаторите на „Глобал гејм џем Македонија“ за годинашното онлајн издание.

„Глобал гејм џем Македонија“ го реализираше годинашното издание онлајн, поради пандемијата од коронавирусот. Но, тоа отвори други можности. Поточно, сега имаа можност да учествуваат заинтересирани и од други градови каде што вообичаено не се одржува маратонот.

Настанот „Глобал гејм џем“ е најголемиот глобален настан за развивање на игри. Се одржува еднаш годишно истовремено на голем број локации во вид на 48-часовен маратон на кој се креираат игри за секаков вид платформи. Како дел од International Game Developers Association (IGDA) неговата цел е да ги обедини сите кои креираат или имаат желба да креираат игри и да поттикне креативност, соработка и експериментирање.

Гораст Цветковски, ко-основач на Македонска асоцијација за развивање на игри – МАГДА, која го организира настанот, вели дека реализацијата на настанот била под знак прашање.

„Не бевме сигурни дали треба да се прави. Сепак, идејата на ГГЈМ е соработка, дружење, запознавање нови луѓе, учење и забава во живо. Но, сепак на крајот одлучивме дека би било голем пропуст да имаме дупка во организирањето кога реално може да се изведе некакво издание. Така и беше. Во последен момент одлучивме, а нашите спонзори Нетсетера, ХАСЕЛТ, А1 Македонија и СЕДЦ беа доволно храбри повторно да не поддржат и да успееме да направиме одлично издание“, вели Цветковски.

РСЕ: Оваа година поради пандемијата од коронавирусот, „Глобал гејм џем Македонија“ беше онлајн. Колку и дали тоа влијаеше на успехот на маратон?

Гораст Цветковски, ко-основач на Македонска асоцијација за развивање на игри – МАГДА
Гораст Цветковски, ко-основач на Македонска асоцијација за развивање на игри – МАГДА

Цветковски: Онлајн изданието како лоша страна го има тоа што нема физички контакт, го нема тоа возбудливо чувство на маратон. Луѓето се полабави што многу често не значи продуктивност. Добра страна беше што оваа година наместо два, траеше 5 денови и оваа година дојдоа луѓе од градови каде немало ГГЈМ до сега, Велес, Прилеп, Струмица, Струга,...

Оваа година имаше најмногу девојки во однос на број на учесници што е важна точка. Можеби се охрабрија да дојдат зашто е онлајн, но од следната година ќе присуствуваат и на настанот во живо.

Се формираа 21 тим, а продуцираа 19 игри што го прави овој ГГЈМ супер продуктивен.

РСЕ: Дали има и каков напредок забележувате во креирањето игри кога би споредиле со почетоците на „Глобал Гејм Џем“ во Македонија?

Цветковски: Оваа година имаше најголем скок визуелно. Игрите изгледа графички исполирано и перфектно. Многу се внимаваше на саунд дизајнот и аудио ефектите. Сето тоа се должи достапноста на алатките и нивната се поголема моќ.

РСЕ: Какви игри најчесто креираат младите во Македонија?

Цветковски: Најчесто се прават 2Д платформери. Пикселизирана графика се користи доста често затоа што е хардверски најнеоптеретувачка. Секако имаше тимови кои работеа 3Д и користеа постоечки пакети со асети за модели и текстури.

РСЕ: Колкав и каков успех имаат победниците на маратонот? Дали игрите на победниците од претходните маратони се достапни за играње?

Цветковски: Откако ќе заврши ГГЈ сите игри се прикачуваат на веб страната на светската организација. Таму може да ги симнете и играте игрите од оваа година. Понатамошниот живот на играта зависи од тоа дали тимот има желба да продолжи да ја работи. До сега имаме 3-4 игри кои се веќе на сторовите и гејминг платформите, а кои почнале токму на ГГЈМ. Една од нив е Odium to the core од Dark-1.

РСЕ: Какви услови и можности имаат креаторите на видео игри во Македонија? Што би рекле дека може да се подобри?

Цветковски: Освен образование, формално и неформално, условите се исти во цел свет. Алатките се достапни, литература, пристап... се! Останува само да се има идеја, желба и да се биде вреден.

Штета што се уште нема институција која ќе ги собере на едно место сите професии кои се потребни во едно гејм студио и да ги преточи во катедра на некој факултет, приватен или државен. Тоа е сериозна гранка која е од почетокот во константен подем.

РСЕ: Што би им порачале на следните учесници на маратон?

Цветковски: Тоа што секоја година им порачувам. Прво, да дојдат и да не се плашат, а откако ќе почнат со работа да експериментираат, да се отворени за соработка и дружење зашто таква шанса човек да може да пробува се што ќе посака без да има некакви стеги, многу ретко се добива.

XS
SM
MD
LG