Достапни линкови

„Мој термин“ дише на шкрги


илустрација

Поради пандемијата со коронавирус голем број хронично болни пациенти со месеци не направиле контроли и испитувања. По застојот од неколку месеци, матичните лекари велат дека системот „Мој термин“ почнал делумно да функционира, порачувајќи дека медицината не е само корона, туку и низа други болести

Животот со хронична болест воопшто не е едноставен, а дека може да стане многу тежок во услови на здравствена криза покажа и пандемијата со корона вирус на која не остана имун и нашиот здравствен систем.

Педесетгодишна пациентка од Куманово на своја кожа почувствувала што значи да се биде хронично болен во услови кога не може да прави редовни контроли. Повеќе од десеттина години, таа боледува од автоимуна болест на Клиниката за ревматолошки болести во Скопје. Нејзината дијагноза бара редовни контроли на секои два месеци и хронична терапија која подлежи на промени во зависност од тоа како се развива болеста.

„Во февруари беше мојата последна контрола закажана преку мој термин. Потоа поради короната се се смени. Не можев да закажам преглед, а времето минуваше и јас не се чувствував подобро. Еден ден сама решив да го побарам докторот на клиника. За среќа ме прими и без упат и ми ги направи потребните испитувања. Сега повторно чекам за термин. Матичната лекарка ме извести дека сум ставена на некаква листа на чекање и дека штом се ослободи место, ќе ми закаже редовен термин за преглед“, раскажува пациентка од Куманово.

Во меѓувреме, се соочила со уште еден проблем, односно недостиг на лековите кои ги набавувала од Грција, па се додека не била обезбедена соодветната замена на тој лек во нашите аптеки, таа била принудена извесно време да не прима терапија.

Скопјанка пак, која исто така боледува од автоимуна болест, вели дека поради влошување на здравствената состојба, била принудена да ги направи испитувањата во приватна амбуланта и да плати многу поскапо, бидејќи повеќе не можела да чека ред преку „Мој термин“.

Ваквите случаи се чести, признаваат и матичните лекари кои се обидуваат да им излезат во пресрет на пациентите и да им помогнат да го зачуваат своето здравје.

Доктор Сеад Љумани вели дека системот „Мој термин“ почнува да се враќа во нормала, но дека се уште има проблеми околу закажувањето термин на некои клиники во терцијарното здравство.

„За секундарно здравство има термини, но за терцијарното здравство, односно за болничките установи нема термини. Некои клиники отворија термини, но тие веднаш се зафатија. Додека интернистичките гранки воопшто не функционираат. Има и некои најави дека ќе се отворат вонредни амбуланти во градската болница 8 ми септември, но се уште не функционира. Проблеми има, делумно се решени,“ вели доктор Љумани.

Проблеми се јавуваат и во однос на терапијата која ја земаат хронично болните пациенти, за која треба да се добие извештај со мислење од лекар специјалист. Претседателката на здружението на приватни матични лекари, доктор Лидија Дервишва Чолакова вели дека во моментот потешко може да се закажат снимања како што се на пример ехо на абдомен, или ехо на простата, а термини не можат да се најдат поради недостиг на лекари специјалисти. Чолакова вели термини не отвориле сите специјалисти, но дека е добро што работите се поместуваат.

„Значи немаат сите интернисти ставено термини, но делумно некои од нив ставаат. Добро е што се мрднавме од мртва точка, зошто имаме пациенти со аритмии кои треба да направат контрола, има пациенти со метастази, почнаа да ги прават испитувањата, значи не е само корона, има и малигнитети, дијабети, аритмии, исхемии, инфаркти итн пациенти кај кои треба да се провери дали треба да се промени терапијата. Значи има голем број на дијагнози кои треба да се следат, во интерес на здравјето на нашите пациенти,, да може да го спасиме, бидејќи животот нема реприза“, вели доктор Чолакова.

Во меѓувреме и дел од пациентите кои имале закажани операции веќе биле повикани и операциите се извршени. Дел од нив се уште чекаат. Лекарите велат дека амбулантите повторно се полнат и дека за разлика од пролетта, кога стравот од вирусот ги натера луѓето да седат дома, сега се повеќе пациенти доаѓаат на лекар почитувајќи ги здравствените протоколи за заштита од ковид 19.

Електронскиот систем на закажување прегледи „Мој термин“, се уште предизвикува поделени реакции во јавноста, пред се поради различните искуства на граѓаните. И пред пандемијата со коронавирус, некои се жалеа дека повеќе месеци не можат да дојдат на ред за преглед или за снимање, други пак не го почитувале закажаниот термин, а некои се изјаснуваа дека прегледот бил реализиран со чекање.

Владината програма во 2017 година предвидуваше замена на системот „Мој термин“, со друг систем, кој ќе гарантира брза и квалитетна здравствена заштита на секое ниво, со точно утврдени рокови и обврски. Во новата владина програма, во делот на здравството, не е предвидена замена на овој електронскиот здравствен систем.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG