Достапни линкови

Започнува втората фаза од епидемијата


Министерот за здравство Венко Филипче

Со влегувањето во втората фаза од епидемијата, се вклучуваат и нови мерки за спречување на ширењето на коронавирусот. На следната владина седница Комисијата ќе предложи и нов сет на поригорозни мерки, најави министерот Венко Филипче.

Расте трендот на заболени со коронавирусот со што утврдивме дека влегуваме во втората фаза на пандемијата, изјави на прес конференцијата на 5 април министерот за здравство, Венко Филипче, додавајќи дека остануваат проекциите пикот на болеста да биде на крај на месецов. Тој посочи дека можно е на следната седница на Влада Комисијата за спречување на заразни болести да предложи и поригорозни мерки за спречување на ширењето на Ковид 19.

Тој истакна дека во изминатово деноноќие починале двајца мажи кои биле примени на Инфективната клиника со тешка клиничка слика.Само во последните 24 часа бројот на заразени порасна за 72 нови случаи со што вкупниот број на заразени во земјава изнесува 555 луѓе. Од вкупниот број десет проценти, односно 52 се дел од медицински персонал до кои Филипче испрати посебна порака.

„Максимално да ги почитуваат протоколите, да се штитат себе си на работните места, но и надвор од нив,треба да се пазат постојано затоа што улогата на здравствените работници и нивното здравје е од примарно значење во државата. Здравјето на нацијата и на многу животи зависи од здравствените работници, изјави Филипче.


На Инфективната клиника денеска било примено и двегодишно дете кое, како што вели министерот, е во добра здравствена состојба. На апарати на дишење се приклучени 14 хоспитализираните 75 пациенти. На он лајн брифингот со новинарите епидемиолозите предупредуваат дека во наредните две недели се очекува посериозен раст на заболени од коронавирусот.

Здравствените власти во земјава информираа дека се подготвувале за порастот на бројката на пациенти и дека земјата веќе се движи кон пикот, кој се очекува во следните неколку недели. Ова е точка на прекршување во која преминуваме во нова фаза на менаџирање на целокупниот процес, велат тие.

Министерот истакна дека до сега 80 проценти од заболените поминуваат со лесна клиничка слика и дека за нив нема потреба од хоспитализирање.

ТЕСТ: Колку знаете за коронавирусот?

Капацитетите на Инфективната клиника веќе 75 проценти се исполнети и поради тоа во функција ќе биде ставена болницата Осми Септември со што вкупниот капацитет ќе изнесува 400 болнички кревети.

„Тоа се заклучи на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести – пациентите кои што имаат лесна форма на болеста да се третираат во домашни услови, а средно тешките и тешките на Клиниката за инфективни болести. Од вчера во функција ставена е и болницата „8 Септември“. Таа досега беше наменета за пациенти кои беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а беше потребна друга здравствена услуга како хируршка инвестиција. Тоа останува така, но доколку треба ќе се користат креветите на располагање под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман,“ рече Филипче.

Филипче истакна дека на Клиниката за инфективни болести покрај тоа што има кревети во самата зграда веќе во функција ќе се стави и мобилната болница која што е целосно инсталирана, недостасува само сувата врска со Клиниката. Греење и ладење, сето тоа е поставено од страна на Армијата. Тој додаде дека целосно е подготвена и болницата во Битола, каде што има доволен број на анестезиолози, инфектолози и медицински сестри.

„Еден целосно физички одделен дел да биде и регионален центар за пациентите кои што доаѓаат од тој дел на земјата. Има и респираторни машини. Во овој момент вкупната бројка на кревети е 35 со можност да порасне од 100 во зависност од бројот на пациенти,“ изјави Филипче.

На владината сметка за донации до сега пристигнале половина милион евра, а дополнително фирми донирале и медицинска опрема. Во однос на набавката за респиратори, таа ќе биде повторно отворена, и овој пат како критериум ќе биде внесена и можноста за тоа кој оператор побрзо ќе ги достави.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG