Достапни линкови

(Не)соодветна заштита на Водно


Урбанизација на Водно. Скопје

Водно е прогласено за заштитено подрачје со Одлука на Владата. Додека власта смета дека со тоа ќе се зачувува автентичната состојба на природата, граѓански организации реагираат на негативни ефекти, но и дека одлуката е донесена и покрај негативните мислења на важни надлежни институции.

Со оваа одлука Водно ќе биде уништено! Ќе се овозможи „комплетна“ урбанизација и девастација, реагираат од граѓанската иницијатива „Го Сакам Водно“. Од таму посочуваат дека одлуката на Владата за заштита на Водно е донесена само врз основа на заштита на биолошките вредности, а дека не се земени предвид негативните мислења на други важни институции, како Агенцијата за планирање на просторот, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Управата за хидрометеролошки работи...

Според активистите, оваа Одлука ќе овозможи нови градби на Водно, намалување на зелената површина и зголемување на опасностите од ерозија и поплави.

„Ваквата манипулација со Водно не е прва, но оваа е крајна. Водно ќе биде уништено!“, велат од граѓанското здружение „Го Сакам Водно“. Тие сметаат дека за соодветна заштита на Водно, потребно е да се донесе закон.

За Водно да биде прогласено за заштитено подрачје претходно беше изработена Студија за валоризација за заштитено подрачје Парк-шума „Водно“ од страна на фирмата „Унига Стил“ ДООЕЛ – Скопје. Врз основа на оваа Студија Водно е прогласено за заштитено подрачје од V категорија. Сега Град Скопје треба да изработи Просторен план и План за управување со Водно, а предвидена е забрана за градење во рок од една година и во рок од 60 дена да бидат одбележани зони на ерозија и свлечишта.

Според Студијата, предложени се три граници и зони на заштита на Водно: Зона на строга заштита која ќе опфаќа 7 проценти од вкупната површина на заштитеното подрачје, Зона за активно управување со 53 отсто и останатиот дел е Зона за одржливо користење. Мислења за прогласувањето врз основа на оваа Студијата дале над 30 институции.

„Категоријата со којашто се заштитува Водно е многу помала од можностите за донесување закон, но проблемот зошто е толку мала заштитата, е поради тоа што се разгледува само аспектот од Законот за заштита на природата. Ние тоа го нагласивме на сите можни јавни расправи во рамки на донесувањето на оваа одлука. Тука има и закони за води, за културно наследство, за заштита на населението... Ние инсистиравме дека Водно има голема заштитна вредност за Скопје од ерозии и поплави. Токму затоа е пошумувано“ ,вели Татјана Стојановска од „Го Сакам Водно.“

Во Мислењето на Агенцијата за планирање на просторот се вели дека подрачјето се прогласува со уважување само на природниот аспект, но дека се игнорираат останатите аспекти кои се важни за граѓаните и градот Скопје, како заштита од ерозија, поплави, воени опасности, стои во документот испратен до Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Прогласувањето на подрачјето со уважување на само еден аспект – природниот, кој за Водно воопшто не е доминанатен и игнорирајќи ги останатите, кои за граѓаните на Градот Скопје значат заштита, безбедност и живот без сериозни закани, значи дека Водно ќе го претвориме во еден простор кој за идните генерации, наместо подрачје со мултифункционално значење, ќе се претвори во подрачје со бројни проблеми без решение“, наведуваат од Агенцијата за планирање на просторот.

Поглед кон парк шумата Водно во Скопје.
Поглед кон парк шумата Водно во Скопје.

Управата за хидрометеролошки работи навела дека не биле прифатени нивните предлози Водно да се третира како хидролошки објект, да биде зголемена границата на заштита на целиот простор, да се направи ревизија и реконструкција на старите и изградба на нови структурни објекти за заштита од ерозија и да се зајакне мониторингот на врнежите.

„Во заштитата треба да се вклучат и останатите делови од планината, а особено падините на планината, затоа што ако се наруши стабилноста на ридестиот предел на Водно со ископи и градби во долниот дел, тогаш е можна честа појава на свлечишта која ќе влијае и на горниот дел од планината, а тоа значи појава на нови свлечишта кои ќе потрупаат делови од градот кои се во подножјето на Водно. Во меѓувреме ерозијата ќе носи песок и земја во подножјето и ќе има појава на урбани поплави“, се вели во Мислењето на Управата за хидрометеролошки работи.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека парк-шумата Водно е вештачки подигната поради заштита на Скопје од поплави и ерозија кои се случувле во минатото и го загрозувале имотот и животот на луѓето и затоа во минатото биле донесени закони за заштита, со чие имплементирање до 1967 година опасноста била значително намалена.

Од институцијата наведуваат дека подрачјето претставува комплексен безбедносен сиситем кој служи за заштита на населението на Скопје од природни катастрофи и дека секоја интервенција или доделување на други приоритети со кои се нарушуваат неговите функции, претставува директна закана за населението на Скопје.

„Приоритет треба да остане заштитата од ерозија и порои, додека биолошките функции на шумските екосистеми преку предвидените мерки со постојниот План за одгледување и заштита да се одржуваат во стабилна состојба и истите да се во функција за заштита од ерозија и порои, а не е приоритет заштита на единечни и животниски и растителни видови, без оглед дали се вклучени на некоја листа“, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според Владата, со ваквата заштита се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и другите вредности, дека ќе бидат спречени дејствија што можат да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите и одржливо користење на природните ресурси.

Од Владата велат дека остануваат отворени за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на закон за Водно како можност за дополнителна заштита“, се вели во соопштението од 17 август 2021 година.

Но, Стојановска вели дека долгорочната заштита треба да се овозможи доколку прво биде донесен закон.

„Направивме сега едно зонирање на Водно, без закон, а после една година кога ќе одлучиме кој, што и како ќе прави, ќе носиме закон на веќе утврдена фактичка ситуација. Тогаш е многу потешко за било што да се заштити. Тоа е најголемиот проблем“, вели Стојановска.

Од „Го Сакам Водно“ заклучуваат дека во случајов единствена можност за да се занемари штетата од оваа одлука е прво носење на просторен план, кој ќе ги опфати точките наведени во одлуката на владата за одбележување и регулација на зоните на ерозија и свлечишта.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG