Достапни линкови

Пешачка зона кај Рекорд добро решение?


Пешаци на улицата која се протега на автобуската станица Рекорд
Пешаци на улицата која се протега на автобуската станица Рекорд

Дали пешачката зона кај Рекорд е добро решение за граѓаните и сообраќајот во центарот на градот е прашањето кое се поставува по најавениот проект од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Според него, пред да се започне со реализација на идејата ќе бидат консултирани околните жители.

Град Скопје планира улицата Димитрија Чуповски, односно потегот од крстосницата кај Собранието до трговскиот центар „Палома бјанка“ да стане пешачка зона. За да се оствари таа цел улицата „Даме Груев“ која се протега позади Собранието ќе се проширува и таму ќе се пренасочува сообраќајот од центарот на градот. Локалните власти, според најавите, сакаат со проектот центарот на Скопје да го ослободат од возила.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов вели дека нема да започнат со реализација на идејата додека не разговараат со граѓаните. Тој посочува дека идејата потекнува од 1965 година и нејзин креатор е архитектот Кензо Танге, кој го осмисли изгледот на градот по земјотресот во 1963 година. Ако тоа, како што наведува Шилегов, го предвиделе архитектите и урбанистите кои биле светски крем во тоа време, тогаш треба да му се даде шанса на процесот. Според него, улицата Даме Груев нема да стане булевар, како што се најавуваше во некои медиуми, туку се работи за лажна вест.

„Без да се види проектот. Без да се видат сообраќајните решенија кои ги нуди градот. Без да се види што тоа ќе донесе на градот ако се имплементира. Без да се види квантитетот на имплементација и каква ќе биде таа зафатнина, едноставно почнаа да се прават разни шпекулации. Пред да започнеме ќе мораме да зборуваме со заедницата и бенефитот кој ќе го добие остатокот од градот, значи не само во тие неколку згради луѓето што живеат. Скопје би добил една пешачка зона на површина од околу 50 хектари што е ретко богатство во било кој европски град“, вели Шилегов.


Секаде во светот се прават пешачки зони, но не на сметка на граѓаните, вели Гоце Димески, еден од станарите во една од зградите на улицата Даме Груев.

„Единствениот дрворед кој остана од претходната власт, кој градоначалникот Коце Трајановски не успеа да го исече, тоа е дрворедот за кој зборуваме на улицата Даме Груев. Ако излезете мало дете до прошетате до кафеаната Кај Жабарот нема една сенка. Значи се сотреа. Проширувањето што ќе донесе. На една страна нема да може да има дрвја, а според планот „Мал ринг“ ќе има пешачка зона. Од друга страна тука ќе ни го префрлат сообраќајот и ќе го исечат овој прекрасен дрворедот кој е единствениот“, вели Димески.

Тој потсетува на сечата на дрвја околу хотелот Бристол и покрај противењето на граѓаните.

„Се надевам дека ќе бидеме консултирани. Меѓутоа не гајам многу надеж, бидејќи сите сакаат силеџиски да се однесуваат. Видовме како гасоводот на Водно го спроведоа без проблем. Не работат на заштита на тоа што постои и сега да не се чудат зошто имаме загадување“, додава тој.

Улицата „Димитрија Чуповски“ која се предвидува да биде пешачка зона
Улицата „Димитрија Чуповски“ која се предвидува да биде пешачка зона

Архитектката Даница Павловска вели дека неопходна е пешачка зона во центарот на градот, но претходно треба конкретно да се дефинира сообраќајниот систем околу улицата Даме Груев со цел проектот да биде навистина успешен.

„Да, тој треба да добие други можеби побогати содржини во функција на граѓаните како пешаци, но треба и да е сервисиран од аспект на сообраќај од надворешна страна, а тоа е дел пак од еден покомплексен транспортен систем на градот. Значи без таа студија којашто треба да ги дефинира сообраќајните правци и сообраќајниците по капацитети и по правец на движење оваа пешачка зона нема да биде сосема успешна и коректна. Тие се условени една со друга“, вели Павловска.

И пред Собранието нема да може да се движат возила
И пред Собранието нема да може да се движат возила

Со новиот план предвидено е и паркот „Жена Борец“ да се прошири до Собранието. Во план е и да се урне зградата на „Макотекс“ која се наоѓа на аголот меѓу улицата „Македонија“ и улицата „Даме Груев“ и просторот да биде пренаменет во парк. Пешачката зона ќе биде користена и за јавниот превоз.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG