Достапни линкови

Заев експресно побара и доби доверба на Владата


Премиерот Зоран Заев во Собрание

Со 62 гласа за, ниту еден против и ниту еден воздржан, Собранието и изгласа доверба на Владата предводена од премиерот Зоран Заев откако денеска тој усно побара од пратениците да гласаат за ова точка. Пратениците од опозицијата не беа присутни во собраниската сала во моментот на гласање.

Пред гласањето премиерот образложи зошто се одлучил на оваа постапка.

„Со оваа постапка еве, застанувам пред вас, во име на владата, и ја превземам одговорноста да барам доверба на владата. Да го видиме на дело тоа толку најавено мнозинство од опозицијата која ќе ја падне владата. Ова е моментот со кој ќе им покажеме на граѓаните колку се вистина зборовите на опозицијата. Стабилна власт со стабилно мнозинство или неодговорна опозиција. Мора да е едното од двете“, рече Заев.

Тој додаде дека опозицијата ќе биде запаметена како кочничар на правната држава и на политичките процеси. Тој посочи кои се закони се закочени во Собранието и додаде дека е недозволиво да не се закажуваат седници на собраниски комисии што ги води опозицијата и да се поднесуваат илјадници амандмани против реформски закони.

Премиерот се повика на членот 217 од Деловникот според кој кога прашањето за доверба го поставува претседателот на Владата, усно на седница на Собранието, пратениците гласаат на истата седница, без расправа, откако претходно, Претседателот на Собранието го известува за тоа претседателот на државата.

Опозицијата пак реагираше што премиерот се повикал на членот 217 со што се оневозможува тридневна расправа по ова прашање.

„Многу ми е жал што не се повикавте на член 214 од Деловникот и да ни дадете тридневна расправа да образложиме зошто не заслужувате доверба. Доблесно е да се повикате на тој член“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Откако на Владата ѝ беше изгласана доверба, ова прашање, како што е предвидено со Уставот, не може да се постави во наредните 90 дена во парламентот.

Во последниот период опозицијата постојано најавуваше уривање на Владата преку формирање ново мнозинство. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски неодамна изјави дека се крои ново парламентарно мнозинство, посочувајќи дека можеби станува збор за коалициски партнери на СДСМ.

Ова е прв случај претседател на влада сам да побара да се гласа доверба на неговиот кабинет. Досега иницијативите за гласање доверба на влада вообичаено ги поднесуваше парламентарната опозиција, за што е предвидена поинаква процедура од таа кога премиерот усно ќе побара гласање за доверба на влада.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG