Достапни линкови

Нема несогласувања во ДУИ што Ахмети не може да ги „испегла“


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Ахмети сè уште е единствената фигура во партијата, која може да ги обедини сите, вели аналитичарот Џељал Незири за последните случувања во ДУИ. Аналитичарот Сефер Селими вели дека Ахмети секогаш бил доста итар да биде во можност да ја одржи внатрешната кохезија.

Превирања во владејачката Демократската Унија за Интеграција не се нова работа, неретко пред избори и досега имало и оружени пресметки и „размена на боксови“ меѓу одредени фракции на партијата, за тоа кој да биде поблиску до Али Ахмети, кој да раководи со одреден огранок или кој да има повисока функција, но на крај сите недоразбирања се пеглаат и ДУИ функционира како целина, коментираат аналитичари по последните несогласувања во редовите на интегративците. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, викендов по состанокот на партиското раководство рече дека сите разлики се надминати, но координаторот на собраниската група на ДУИ, Изет Меџити, не се откажува од интерпелацијата на неговиот сопартиец и прв вицепремиер Артан Груби.

Сефер Селими од „Демокраси лаб“ вели дека овие препукувања во ДУИ не се ниту први, а нема да бидат ниту последни.

„Во ДУИ знаеле често да се препукуваат внатре, а некои поделби, за жал, завршувале и со физичка пресметка, претежно во огранокот во Скопје и како таков ќе видиме дали ќе успеат да мобилизираат уште поголема поддршка, но Али Ахмети на чело на ДУИ секогаш бил доста итар да биде во можност да ја одржи внатрешната кохезија“, вели Селими.

Аналитичарот и новинар Џељал Незири вели недоразбирањата и препукувањата меѓу разните фракции во ДУИ се еден вид „нормалност“ во функционирањето на оваа партија. Ако се навратиме наназад, вели Незири, во ДУИ секогаш имало разни фракции кои имаат разни интереси и кои не можеле за изградат заеднички став при распределбата на функции.

„Тоа што Ахмети успеал на последната седница на Централниот комитет да ги обедини сите, мислам дека покажува дека тој сè уште е единствената фигура во партијата, која може ова да го осигура, но евентуалното негово заминување од политиката би значело и расцеп внатре во ДУИ и можеби под знак прашалник би се довела и самата иднина на партијата“, вели Незири.

Според Селими, како ќе се приближуваат изборите, внатрешните несогласувања ќе се намалуваат и на крај сите ќе застанат зад кандидатурите на Ахмети.

„Но, Ахмети речиси не создаде лидер кој ќе ја презеде неговата функција, без притоа тоа да предизвика растурање на партијата, па во таа смисла можеби сега се мерат силите и се тестира теренот кој би можел да биде идниот лидер кој би можел да мобилизира повеќе поддршка од главните челници на ДУИ“, вели Селими.

Незири посочува дека има индиции оти Ахмети одреден период се подготвува да си замине од активната политика и бара наследник на кој ќе му ја остави партијата, па токму во тој контекст ги гледа и најновите превирања во ДУИ, односно дека станува збор за почеток на трката за тоа кој ќе биде наследник на Ахмети.

Поради внатрепартиски несогласувања, Меџити, кој е и претседател на партискиот огранок во Чаир, неколку недели не доаѓаше во Собранието, кое пак, се бори со кворум и не може да почне нова пленарна седница.

Викендот што измина се одржа состанок на Централното претседателство на ДУИ, по кој лидерот на интегративците Али Ахмети рече дека партијата е обединета, а разликите се разјаснети. Тој вели дека немало разлика што не ја разјасниле, бидејќи следува важен период, попис, локални избори и тие како партија сакаат да бидат дел од придонесот. Ахмети рече дека не се разговарало за оставка на Груби. Тој вели дека извршните органи треба да дадат отчет пред партијата, но дека не треба да се задушува различното мислење.

Но, Меџити и покрај тоа што рече дека ќе биде конструктивен во Собранието, но и дека ќе критикува, не се појави на редовната понеделничка координација кај претседателот на Парламентот.

Премиерот Зоран Заев, пак, вели во наредниот период во Собранието ќе доаѓаат сите пратеници од владејачкото мнозинство и дека неделава и ќе се одржи седница.

„Во демократските партии имаме различности, имаме и кај нас, и кај ДУИ, но драго ми е што се решени овие проблеми и знам дека ќе функционираме во полн капацитет“, рече Заев.

Од пратеничката група на ДУИ, пак, велат дека тие не биле проблем за обезбедување кворум.

За несогласувањето меѓу Меџити и Артан Груби и Бујар Османи медиумите пишуваа и при изборот на нова влада. Според пишувањата, дел од членството на ДУИ не било задоволно од кадровскиот избор на министри, особено од Артан Груби и Бујар Османи, а незадоволство особено имало во огранокот на ДУИ во Чаир, во Сарај и во Струга, па тие се заканиле дека нема да гласаат за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието. Но, потоа гласаа за Џафери. Пред состанокот на Централното претседателство на ДУИ на социјалните мрежи градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети објави фотографија на која се гледа дека на маса со него седат некогашниот најблизок соработник на Ахмети, Муса Џафери, кој во неколку влади имаше високи позиции, Меџити, пратеникот и некогашен градоначалник на Пласница Исмаил Јахоски, неговиот син и неговиот брат кој сега е градоначалникот на Пласница.

Но, внатрепартиски препукувања и шпекулации дека партијата не е единствена не се нова работа за ДУИ и колку и да било големо разочарувањето од ДУИ, тие пак ја добивале власта. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети со години има стандардна поддршка од гласачите.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG