Достапни линкови

Мерки против последиците, а не против загадувањето


Аерозагадување во Скопје

Власта мора ситемски да пристапи кон решавање на проблемот со загадениот воздух со многу поригорозни мерки за загадувачите, велат активисти од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ кои сматаат дека партиите во моментов „не се способни“ да усвојат такви похрабри мерки. Власта даде препораки до институциите по два дена загадување над законскиот минимум, но критиките во јавноста не стивнуваат, а опозицијата најавува дека на дебата во Собранието ќе предложи конкретни мерки до конкретни институции.

Владата даде препораки и мерки поради високо загадениот воздух во земјава, откако Скопје повторно беше на врвот на листите најзагадени градови во светот, а големо загадување има скоро во сите градови во земјава, што претставува висок ризик за здравјето на граѓаните. Во Скопје и во Тетово стапија на сила препораки и мерки на Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство.

„Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање за PM10 во текот на два последователни денови е надминат на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и Тетово, се вели во соопштението на Владата.

Заради тоа министерствата на сите работодавачи им препорачаа да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Работодавачите ,исто така, треба да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

Град Скопје соопшти дека веќе се на сила препораките на Владата, но јавноста и натаму ги критикува властите дека не прават доволно за решавање на проблемот со загадениот воздух.

Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ сметаат дека овие мерки се за намалување на последиците, но се сомневаат дека тоа се случува. Според нив, државата треба прва да покаже дека се справува со проблемот, властите да сфатат дека проблемот е многу обемен и оти е потребен системнски пристап со поголеми измени, на законите и измени во контролите, во нивно спроведување и многу поголеми санкции за загадувачите, додека според нив граѓаните треба да разберат дека е потребно да се откажат од некои работи.

„Со тоа што ќе седиме затворени дома, не значи дека дишеме нешто почист воздух. Мерките се смешни, секоја година тие буквално се носат „ради реда“, а не за да се направи некој поголем аларм или да се превземе нешто поригорозно. Сега во Парламентот имаат шанса да донесат измена на закон за увоз на отпад заради енергенс и еве гледаме како се однесуваат во однос на тоа, така да сметам дека не се способни за некои похрабри и поригорозни мерки“, вели активистката Невена Георгиевска од „О2 Иницијатива.“

Палење на отворено, емисии од индустријата, историски депонии со отпад, неконтролирана урбанизација, загадување од загревањето и сообраќајот се главно познатите фактори кои веќе со години ја загадуваат животната средина во земјава, што е причина за бројни случаи на предврмена смртност и загрозување на здравјето на граѓаните.

Во моментов критики за загадувањето има и од страна на претставниците опозициската ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека владејачката СДСМ пред да ја преземе власта постојано зборувала за загадениот воздух, а сега кога партијата е на власт, граѓаните и натаму се гушат во чад. Но, што опозицијата би направила како решение на проблемот со оглед дека состојбата со години е иста без разлика која партија е на власт.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска во разговор за РСЕ вели дека кога би биле на власт би ги имале механизмите да преземат нешто за загадениот воздух, но посочува дека сега единствени механизми кои на опозицијата и стојат на располагање, е да ги алармираат институциите да превземат соодветни мерки и стратегии за намалување на загадувањето.

Таа вели дека очекува во текот на утрешниот ден или најдоцна во четврток, да продолжи дебатата во Собранието за загадувањето.

„Баравме со време да се организира расправа во Собранието преку која ние како опозиција имаме можност да понудиме конкретни мерки до конретните институции за да пристапат кон примена на тие мерки кои се од среднорочна, краткорочна и долгорочна гледна точка и тоа е единствениот механизам во рацете на опозицијата“, вели Затуроска.

Таа додава пред пратениците ќе ги достават нивните заклучоци со надеж дека ќе бидат прифатени од сите пратеници, а како што вели, тие се наменети кон Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за животна средина и локалните самоуправи кои според нивните надлежности треба да преземат мерки за намалување на загадувањето.

Меѓу останатите мерки кои вчера ги препорача Владата, е да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба, а Владата ги задолжи сите нејзини органи и општините да ја намалат употребата на службените возила.

Градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежните активности, а Министерството за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддшка на стари осамени лица преку организирани посети.

Што и властите да преземат во моментов како мерки, единствено е сигурно дека проблемот со загадениот воздух нема брзо да биде решен, а на граѓаните им преостанува да се надеваат на подобри временски услови или сами да се снаоѓаат, дали да носат заштини маски, ако се во можност да набават прочистувачи или повеќе време да поминуваат на повисоките места на околните планини.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG