Достапни линкови

Пет фирми сакаат да го чистат линданот во ОХИС


Мала и голема депонија со линдан на фабриката ОХИС во Скопје. Извор МЕД.

Пет компании се пријавиле на тендерот за чистење на линданот во околината на фабриката Охис. Од Министерството за животна средина и просторно планирање за РСЕ велат дека тендерот е завршен и наскоро ќе донесат одлука која од овие фирми ќе биде избрана да го направи чистењето.

Завршен е тендерот за избор на фирма за чистење на депонијата со линдан во кругот на фабриката ОХИС во Скопје, потврдија за РСЕ од Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму велат дека се пријавиле вкупно пет компании и оти во моментов нивните понуди се разгледуваат, по што ќе биде одбрана фирмата која ќе понуди најдобра технологија за отстранување на токсичниот отпад.

Сѐ уште не е познато кога точно ќе започне отстранувањето на линданот, бидејќи прво треба да заврши процесот на евалуација, како што велат од Министерството за животна средина и просторно планирање, наведувајќи дека не сакаат да шпекулираат со рокови.

„Јавноста ќе биде навремено информирана кој ќе биде најдобар понудувач“, уверуваат од МЖСПП.

Прво ќе започне чистењето на малата депонија во ОХИС, процес кој ќе трае 3-5 години и за кој од МЖСПП неодамна информираа дека ќе бидат потребни околу шест милиони долари, додека отстранувањето на големата депонија „е следна фаза“ и во зависност од одбраната технологија проценките на институцијата се дека ќе чини од 50 до 60 милиони долари.

Депониите во ОХИС со HCH отпад (линдан и неговите изомери) според токсичноста се рангирани како најопасни по животната средина во земјава, при дефинирањето на 16-те индустриски жешки точки.

На две локации во кругот на некогашниот хемиски гигант ОХИС оддалечен неколку километри од центарот на Скопје, несоодветно се складирани големи количества опасни хемикалии од процесот на производство на линданот во периодот од 1964 до 1977 година.

Линданот во светот е забранет од 2006 година кога беше ставен на листата Перзистентни органиски супстанци според Стокхолмската конвенција на Обединетите нации.

Во депониите има над 30.000 тони линдан помешан со земја кој е детектиран во воздухот, во подземните води и во почвите во околните населени места и подалеку, поради што 470.000 жители потенцијално секојдневно се изложени на пестицидот и се под ризик од канцерогени ефекти врз нивното здравје, како рак на црн дроб и бубрези, болести на имунолошкиот систем и други не-канцерогени ефекти, покажуваат документите на УНИДО – агенција на Обединетите нации која е одговорна за спроведување на проектот.

Линдан во ОХИС.
Линдан во ОХИС.

УНИДО (UNIDO – United Nations Industrian Development Organization) тендерот за чистењето првично го објави во октомври 2019 година и требаше да биде затворен до ноември, но беше пролонгиран до 16 декември на барање на потенцијалните понудувачи, бидејќи како што беше соопштено, не биле во можност да одговорат на барањата за реализација на проектот.

Од Канцеларијата за перзистентни органиски загадувачи (POPs) при МЖСПП информираат дека комисија формирана од УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, ќе ја избере најдобрата понуда, а потоа ќе започнат активностите на терен, од обезбедување на потребната документација, до обезбедување на просторот и превентивните мерки за заштита на околината и конечното започнување на чистењето.

Проектот е финансиран од Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) во соработка со Владата која неодамна од Буџетот за 2019 година одобри милион евра за чистењето на индустрискиот отпад.

УНИДО проектот го води во соработка со Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи, а граѓанската организација Македонско еколошко друштво (МЕД) спроведува активности за подигнување на јавната свест за влијанието на линданот врз човековото здравје, состојбата на животната средина и процесот за негово отстранување од ОХИС.

„Станува збор за подолгогодишен процес, којшто откако ќе се исчисти линданот ќе треба да се врши мониторинг на почвата и да се размислува како да се ревитализира тоа подрачје, особено поради фактот дека сите истражувања до сега имаат покажано оти примероци со линдан во подземните води се најдени на поголема оддалеченост од самата локација“, изјави за РСЕ Фросина Пандурска Драмиќанин од МЕД.

Дури две третини од граѓаните кои живеат во близина на фабриката, во населените места Лисиче, Долно Лисиче, Горно Лисиче, Усје, Драчево и Маџари, според истражувањата на МЕД, ја оценуваат ситуацијата со загадувањето на животната средина во нивната непосредна околина како многу лоша и сметаат дека ОХИС се уште загадува.

Резултатите на МЕД се добиени преку истражување „лице в лице“ со 210 испитаници од овие населби и тие покажуваат дека повозрасните граѓани во поголема мера знаат што е линдан, за разлика од помладите и дека тој претставува закана за нивното здравје.

Графика за линдан кај ОХИС
Графика за линдан кај ОХИС

Над 80 проценти од оние кои поседуваат бунари ја користат водата за наводнување и за домашни потреби, а значителен процент од една третина водата ја користат и за пиење и покрај тоа што значителен процент од над 40 проценти одговориле дека сметаат оти водата во нивната околина е загадена.

Од сите испитаници, скоро 30 проценти одгледуваат и овошки и култури за лична употреба, а помал процент од нив тврдат дека ги продаваат, се вели во истражувањето на МЕД, во кое е наведен фактот дека скоро половината од испитаниците тврдат дека почвата во нивната околина е загадена.

Важно е да се напомене дека сите граѓани на Скопје треба да бидат информирани за проблемот, тоа го потврдуваат и оние кои учествувале во истражувањето на МЕД кои рекле дека сакаат да бидат информирани за процесот и оти сметаат дека иницијативата ќе влијае позитивно за нивното здравје.

Според податоците на проект документот на УНИДО, почвите околу фабриката се загадени на длабочина од околу еден метар, а најгоелмите концентрации се детектирани под двете депонии каде почвите се загадени над 100 пати повеќе од интервентните граници, според холандските стандарди во услови кога државата се уште нема донесено закон за заштита на почвите.

По изборот на компанијата која ќе започне со чистењето на линданот во ОХИС, МЕД ќе продолжи со кампањата за инфомирање на локалното население и пошироката јавност за начинот на отстранувањето на загадената почва.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG