Достапни линкови

Стапуваат во сила препораките и мерките за екстремна загаденост


Архивска фотографија- луѓе со маски во Скопје поради загадениот воздух

Според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, како што стои во соопштението од Владата, прагот на алармирање за PM10 во текот на два последователни денови е надминат на мерните места во Скопје – Карпош и Лисиче и Тетово. Во соопштението се наведува дека согласно владините заклучоци во Скопје и во Тетово стапуваат во сила препораките и мерките за Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство.

Тоа значи дека овие министерства се должни да им препорачаат на сите работодавачи да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Тие треба да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

Се препорачува да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба. Владата на Република Северна Македонија ги задолжува сите нејзини органи и општините да ја намалат употребата на службените возила.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети. Градежните компании имаат обврска да користат вода за намалување на прашината при градежни активност (прскање, миење гуми пред излез од градилиште, а градежните машини (багери, булдожери, виљушкари) да се пренесат до градилиштата до 7:30 часот наутро.

XS
SM
MD
LG