Достапни линкови

Заврши истрагата за „Империја“, кој имот поврзан со Мијалков и Камчев е замрзнат


Орце Камчев и Сашо Мијалков
Орце Камчев и Сашо Мијалков

Обвинителството замрзна имоти и удели во фирми поврзани со поранешниот шеф на УБК, Мијалков и бизнисменот Камчев кои се осомничени во „Империја“. Кои се фирми се инволвирани и осомничени во истрагата која по три и пол години заврши и сега се чека јавнообвинителска одлука.

Истрагата за случајот „Империја“ по три и пол години заврши, а пред нејзиното затворање резултираше со замрзнување на имотот на фирми поврзани со случајот и со осомничените, бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Истрагата ја започна Специјалното јавно обвинителство, а по неговото згаснување ја презема Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Одбраната по завршување на истрагата, како што наведуваат од обвинителството, има право да изврши увид во прибраните докази и да предложи свои докази. По што ќе биде донесена јавнообвинителска одлука.

Кои се осомничени

Истрагата беше отворена на 9 ноември 2018 година и до денес истата ја предводи обвинителката Лиле Стефанова. Осомничени освен Камчев и Мијалков се уште 11 лица, односно Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела: Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.

Првичната истрага покажа дека осомничените испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку оф шор компании. Тие го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6.3 милиони евра.

Фирми инволвирани во истрагата

Во центарот на истрагата како што беше најавено на брифинг на Стефанова со новинарите во февруари 2019 година се четири фирми- Ексико, Фершпед, Бетон Штип и Финзи.

Според информациите до кои се дојде во истрагата, Камчев е краен сопственик на фамозната офшор компанија Ексико, но и на компанијата Финзи, како и мозокот на целата операција зад случајот „Империја“, додека Мијалков бил само дел од шемата за перење пари.

Токму Ексико и Финзи беа гонети од поранешното СЈО за перење пари од странство во износ од околу 2 милиони и 300 илјади евра. Останатите 8 милиони евра кои биле испрани во Македонија, според истрагата, биле поврзани со продажбата на фирмата Бетон Штип и продажбата на акции на Кираца Трајковска во Фершед.

Камчев, односно неговата фирма „Ексико“, имала удели во ЗК Пелагонија, Стопанска Банка - Битола, Здравје Радово, а порано и во Бетон Штип.
Тогаш беа изврешни и претреси во 12 компании кои се опфатени со истрагата, меѓу кои „Орка холдинг“, „Систина“, „Стопанска банка-Битола“, хотелите „Мериот“ и „Ибис“, „Пелистерка“ и Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“.

Кој имот е замрзнат?

Обвинителството поднесе шест барања за определување на привремена мерка забрана за оттуѓување и располагање со недвижен имот. Се работи за хотелот Мериот, куќата на Водно во која живее Мијалков, акции на Ексико во Стопанска Банка Битола, удели во фирмата Дивелоп груп и деловен простор на плоштад кој го градеше фирмата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Барањата, како што соопшти обвинителството, се како резултат на постоење на основано сомневање дека имотот потекнува од кривично дело и дека до крајот на кривичната постапка ќе биде особено отежнато или оневозможено неговото одземање. Дотолку повеќе што од прибраниот доказен материјал, според соопштението, произлегува дека предложениот имот е имот што е пренесен на трети лица за да се прикрие неговиот вистински сопственик.

Имоти поврзани со Мијалков

Во 2018 една третина од „Дивелоп груп“ која беше во рацете на „Орка Холдинг“ на Камчев ја откупи фирмата „Бест веј инвестмент“, на Јордан Мијалков, синот на Сашо Мијалков. Со тоа неговото семејство официјално стана дел од сопствениците на луксузниот хотел „Мериот“ во центарот на Скопје.

Токму уделот или основачки влог од 32,5 отсто што го поседува Бест Веј Инвестмент во Дивелоп груп е замрзнат.

Но, воедно е замрзнат и останатиот удел од 67,5 отсто во фирмата „Дивелоп груп“, кој е во сопственост на Александар Ивановски или познат како Алек Теранова. Според истрагата постојат сомневања дека во овој удел учество имаат и Мијалков и неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски.

Дивелоп груп има удел и во фирмата Хотел Гранд М, кој исто така е замрзнат.

Основач на фирмата Хотел Гранд М е всушност фирмата на синот на Мијалков, Бест Веј Инвестмент.

Потоа замрзнат е и недвижниот имот на фирмата Бизнис проперти инвестмент во вредност од над 947 илјади евра и тоа апартмани со вкупна површина од 720 м2 и гаражи со вкупна површина од 92 м2. Се работи за имот на Водно, каде живее Мијалков.

Одбрана на Мијалков поднела жалба за замрзнатиот имот, за која треба да се изјасни Кривичниот совет.

Имоти поврзани со Камчев

Замрзнати се и хартии од вредност, односно 7213 акции што „Ексико“, која според обвинителството е во сопственост на Камчев, ги поседува во Стопанска Банка А.Д. Битола по номинална вредност од 3.000 денари по акција или во вкупна вредност од речиси 352 илјади евра.

Потоа и недвижниот имот на Плоштад Македонија во сопственост на „Сис инвест груп“ во површина од 566,41 м2 во вредност од 1.699.241 евра.

Сис Инвест Груп е е фирма на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, која ги поседува недоградениот хотел „Мериот Кортјард“ и невселениот Офицерски дом.

Стечајот на „Сис инвест груп“ беше отворен на барање на фирмата „Кратер“ за долг од 2 милиони евра. Меѓу доверителите во случајот е и „Ексико“ која што побарува 1,7 милиони евра. Потоа „Кара“, која бара 390 илјади евра. Побарување од 195.000 евра има и „Стопанска банка А.Д Битола“. Сите фирми се поврзани со Камчев.

Запленувањето, како што наведоа од обвинителството не е конечно, односно тоа значи дека би можело во иднина да биде замрзнат и друг имот поврзан со „Империја“.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG