Достапни линкови

Колку пари „испрани“ преку Бетон и Фершпед, толку „рекетирани“ од Камчев


Графика за „Империја“
Графика за „Империја“

Фирмите Фершпед и Бетон Штип се спомнуваат во аудио снимките кои ги објави „Ла Верита“, а кои се дел од истрагата за случајот „Империја“. Во истовреме, додека јавноста се запознаваше со истрагата, Камчев ја обезбедувал неговата слобода.

Аудио снимките кои ги објави „Ла Верита“, откриваат детали за некои од фирмите кои се под истрага во „Империја“, освен што откриваат, според италијанскиот весник, како осомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски се договора со бизнисменот Орце Камчев. Истиот месец кога СЈО објавува дека започнало истрага, почнуваат и активностите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за „Рекет“. Додека Камчев се обидува да ја обезбеди неговата слобода, во истовреме, како што може да се слушне во разговорите, се обидува да се дистанцира од неговата улога во Фершпед и Бетон Штип.

Двете фирми кои заедно со Ексико и Финзи се во центарот на истрагата на СЈО отворена во ноември, минатата година, која покажува дека се испрале над 10 милиони евра преку оф шор компании.

Според истрагата, преку продажбата на Бетон Штип и продажбата на акции во Фершпед биле испрани 8 милиони евра, случајно истата сума на пари која првично, како што се дозна од истрагата за „Рекет“, Јовановски ја барал за слободата на Камчев, а на крајот добил еден милион евра.

Камчев и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков се осомничени во случајот за измама за продажбата на акциите на Кираца Трајковска во Фершпед.

„Они зборат за Кираца. Смешна работа. Еден и еден е два, школски. Башка Штерјо и Сашо тука ја играат другата улога. На крајот кој е добитникот - Штерјо“, вели Камчев во еден од разговорите со Јовановски.

Камчев во случајот со Фершпед стапува на сила кога Трајковска поради долг во Еуростандард банка преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола каде Камчев е дел од Управниот одбор. Наместо кредит, според СЈО, на Трајковска и било понудено преку физички лица да и бидат префрлени парите, по што биле ослободени нејзините акции од Фершпед. Мијалков, како што наведоа од СЈО, притоа се договорил со Камчев да ја изиграат Трајковска и тоа да го наплатат. Парите од зделката на продажба на акциите завршуваат во фирма чии сопственици се Ексико, Орка Холдинг и Тимох.

Камчев, според доказите на СЈО, го купил Бетон Штип, но не за да ја разработи компанијата, туку да извлече пари од неа. Преку продажба на имоти биле испрани 4 милиони евра.

„Пази, а кој ги зема парите од Бетон Штип. Јас не земав фенинг. Четири милиони ја фенинг немам земено“, додава Камчев.

За Ексико и Финзи кои се гонат од СЈО за перење на пари од странство во износ од околу 2 милиони и 300 илјади евра, Камчев не кажува ни збор во досега објавените разговори. Токму Камчев е краен сопственик на фамозната офшор компанија Ексико, но и на компанијата Финзи, како и мозокот на целата операција зад случајот „Империја“, според тврдењата на СЈО.

Во еден момент како што се слуша од разговорите, и Јовановски му вели на Камчев дека е мозокот во случајот.

„Имаш и мани нема збор, ама дека имаш мозок не може никој да ти го оспори тоа“, вели Јовановски.

За повеќе детали за „Империја“, јавноста беше информирана по три месеци од отворање на истрагата, односно на 11 февруари, кога во СЈО се одржа брифинг за случајот. Камчев веќе ги броел парите за негова слобода, ако се суди според видео снимката на „Ла Верита“, според која Јовановски и другиот осомничен во Рекет, Зоран Милески на 20 февруари ја извршуваат наплатата.

„Ако овие црни бизнисмени не бидат казнети, тогаш нема да имаме правна држава“, порачаа од СЈО на тогашниот брифинг.

Камчев на 4 март излезе од домашен притвор.

„Другар тешко беше да се менаџира ради тебе излегоа и други“, му се обраќа во еден момент Јовановски на Камчев.

Истрагата за „Империја“ прашање е дали ќе биде преземена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Засега добитникот е Камчев, а оној кој е во притвор е Јовановски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG