Достапни линкови

Улогата на обвинителката Стефанова во „Империја“ и „Рекет“


Обвинителката Лиле Стефанова
Обвинителката Лиле Стефанова

Поранешната специјална јавна обвинителка Лиле Стефанова, која ја води истрагата за случајот „Империја“ денеска требаше да сведочи на рочиштето за случајот „Рекет“. Но, рочиштето беше одложено поради неприсуство на адвокатите на Катица Јанева.

„Јас никогаш не сум се ни приближила до Катица Јанева, од самиот старт се оградувам“. Ова беше првата јавна изјава на обвинителката Лиле Стефанова на само два дена по приведувањето на нејзината шефица во Специјалното обвинителство Катица Јанева во август минатата година. Стефанова како специјална обвинителка која го водеше предметот „Империја“ каде осомничен е бизнисменот Орце Камчев за перење на пари, денеска во судницата e во својство на сведок во предметот „Рекет“ каде што обвинета e поранешната прва специјална обвинителка Јанева за злоупотреба на службена должност со цел олеснување на притворот за Камчев. Испрашувањето во судницата ќе го започне нејзината колешка од обвинителството против организиран криминал Вилма Русковска.

Што се кажа во јавноста Стефанова за „Рекет“

Стефанова летово пет часа даваше исказ во Обвинителство, а денеска во судницата пред јавноста ќе треба да одговори на клучното прашање, дали Јанева го „изрежирала“ случајот Империја со цел изнуда на пари како што обвини осомничениот бизнисмен Камчев или пак, Камчев нудел поткуп за да се спаси од „Империја “ како што се обидува индиректно да посочи на судските рочишта првообвинетиот Бојан Јовановски.

Претходно, но и во текот на сведочењето на Камчев за предметот Рекет, името на Стефанова во јавноста се спомнуваше како обвинителка која го искористила своето влијание и преку бизнисменот Ванчо Чифлиганец побарала пари за стоматолошка ординација во зграда изградена од „Адора“ која е во сопственост на Чифлиганец.

„Сам сум слушал како таа (Катица Јанева) давала наредби на Лиле Стефанова кои биле противзаконски. Зошто Лиле Стефанова не ја пријавила Катица Јанева кај Љубомир Јовески и зошто не го почитувала Законот за обвинителство?“, повтори Камчев пред новинарите по неколку часовното сведочење во судницата.

Но, ваквите обвинувањата од Камчев, Стефанова неколкупати ги дематираше. Таа тврдеше дека средба со Чифлиганец имало, но во службените канцеларии и за тоа биле известени нејзините колеги од СЈО.

„Господинот Ванчо Чифлиганец се обиде да добие информации за постапката за „неговите пријатели“, Цветан Панделески и Јордан Камчев. На господинот Чифлиганец јасно му ставив до знаење дека не доаѓа предвид да разговараме било што во врска со предметот. Целосно е невистинито искажувањето на осомничениот Јордан Камчев во објавената снимка во која си дозволил да го употреби моето име“, се вели во демантот на Стефанова.

Во него се наведува дека Стефанова смета оти Камчев се обидува да ја дискредитира со тоа што ја спомнува во разговорите со првообвинетиот во Рекет Боки 13 кои што сам си ги снимал.


Стефанова во јавноста неколкупати укажа дека не се согласила со одлуката на Јанева да му го преиначи притворот од затворски во домашен како и со дозволата за привремен пасош. Тоа во судницата го потврди и заменичката шефица на СЈО Елизабета Јосифовска.

„Колешката Стефанова знам дека реагираше и се противеше на таквото мислење. Знам дека тогаш се спомнаа три-четири лица меѓу кои Јордан Камчев, Цветан Панделески и Сашо Мијалков. Се сеќавам дека на друг состанок кај шефицата на СЈО од колегите Стефанова и од Бурим Рустеми побара да направат пресметка обвинетите да ја платат штетата кон државата и со тоа обвинетите во “Империја” да не одат во притвор“ сведочеше обвинителката Јосифовска во судницата.

И Ана Камчева ја спомна во своето сведочење, само во делот кога по извршениот претрес во нивниот дом пристигнале во Кривичниот суд.

„Кога дојдовме во Кривичен суд, она на што се сеќавам беше недоличното однесување на обвинителскаа Стефанова, кога на еден од бранителите Антонио Апостолски во ходникот му кажа: „Ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене, само треба да знаеш кога е кај тебе и да знаеш како да ја искористиш“, сведочеше Камчева во судницата.

Камчев против Стефанова поднел и кривична пријава во Јавното обвинителство.

„Империја“ V.S. „ Рекет“

Јавноста за предметот „Империја“ кој се уште е активен како што велат од Обвинителството, не дозна од прес конференција во Специјалното обвинителство, како што тоа беше пракса за претходните случаи. По првичното соопштение оттаму, и по многуте новинарски прашања во електронското сандаче на СЈО, Стефанова одржа брифинг со новинарите каде соопшти многу детали за тоа како биле испрани 10 милиони евра.

Според информациите до кои таа дошла во истрагата, Камчев е краен сопственик на фамозната офшор компанија Ексико, но и на компанијата Финзи, како и мозокот на целата операција зад случајот „Империја“, додека поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков кој исто така е осомничен во оваа истрага, бил само дел од шемата за перење пари. Токму Ексико и Финзи беа гонети од СЈО за перење пари од странство во износ од околу 2 милиони и 300 илјади евра. Останатите 8 милиони евра кои биле испрани во Македонија, според истрагата, биле поврзани со продажбата на фирмата Бетон Штип и продажбата на акции во Фершед.

По нефункционалноста на СЈО, односно откако специјалните обвинители застанаа под капата на Јавното обвинителство, државниот обвинител Љубомир Јовески ја овласти обвинителката Стефанова и натаму да биде надлежна за предметот „Империја“ кој патем „заглави“ поради начелното мислење на Врховниот суд, според кое, сите истраги по 30 јуни 2017 година се нелегитимни. Тоа значи дека по прибирањето на доказите за истрагата, Стефанова не сослушала нови сведоци.

Истрагата „Империја е отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност измами и перење на пари.

Јанева се наоѓа во куќен притвор од 19 ноември 2019, а претходно, од 21 август 2019, беше во притвор во затворот во Шуто Оризари. Досега како сведоци во судот исказ дадоа бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.

Бегството на Груевски и улогата на Стефанова

Стефанова во јавноста беше прозвана и за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски затоа што беше дел од нејзиниот предмет „Титаник“. Таа по неговото бегство, пред Судот, на новинарите им рече дека СЈО нема никаква вина за бегството на осудениот Никола Груевски и дека судот е тој што кога била побарана мерка притвор за Груевски, не ги сфатил сериозно проценките на обвинителите дека постојат реални причини за бегство. Потоа побара и мерки притвор за Миле Јанакиевски и Кирил Божновски. Само неколку дена подоцна во медиумите прострои информација дека Груевски си ги собрал 200-те илјади евра што ги имал на свое име како официјално пријавени на банкарските сметки пред да избега во Унгарија за да не ја издржува двегодишната затворска казна, што ја доби за предметот Тенк.

Претходно СЈО тврдеше дека не можеле да му ги замрзнат банкарските сметки затоа Груевски во моментот немал пари и имот на свое име, а неговите банкарски сметки се на нула.

Истрагата на Јавното обвинителство за тоа кој е виновен за бегството на Груевски покажа дека банките, откако во ист ден Груевски подигнал пари, таа информација ја пријавиле до Управата за финансиско разузнавање и до СЈО, но никакви мерки не биле преземени.

Освен предметот „Титаник“ Стефанова во суд ги застапува и предметите Траекторија“ и „Маџар Телеком“.

Стефанова го водеше и предметот против новинарот Кежаровски

Пред 15 септември 2015 година кога се роди СЈО обвинителката Стефанова имаше мандат и работеше во обвинителството за борба против организиран криминал под капата на тогашниот прв обвинител Марко Зврлевски. Обвинителката од Радовиш, која во тој период го водеше и случајот „Шпион“ и други случаи, во јавноста често беше прозивана како продолжена рака на полицијата.

Лиле Стефанова, заедно со обвинителот Златко Биковски како тогашен шеф на Обвинителството за борба против организиран кринимал го застапуваа пред суд и предметот „Пуч“ оформен против лидерот на СДСМ Зоран Заев, екс директорот на ДБК Зоран Верушевски. Предмет кој подоцна откако беше преземен од СЈО, на јавноста и беше соопштено дека обвинението е повлечено затоа што „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина““ пишуваше во соопштението на СЈО.

Пред да се приклучи на тимот на СЈО, Стефанова својата „слава“ во јавноста ја стекна со контроверзниот случај „Ликвидација“ каде што таа покрена обвинение против нејзини колеги обвинители како и судии кои работеле на предметот „Ореше“. Меѓу обвинетите беше и новинарот Томислав Кежаровски кој беше обвинет за откривање на идентитет на заштитен сведок. Против одлуките на Лиле Стефанова за продолжување на притворот на Кежаровски повеќе пати протестираа и новинарите.

Кежаровски за неа изјавуваше дека додека бил на распит во обвинителството и во притворот подоцна кон него се однесувала нечовечки.

„Со ваков тим можат само наназад. Таа грам надеж што постоеше по формирањето на специјалниот јавен обвинител, сега е загубена“, изјави тогаш Кежаровски за дел од медиумите.

Во кавгите на социјалните медиуми за квалитетот на тогаш тазе составениот тим од специјални обвинителки професорката Мирјана Најчевска гласно негодуваше за изборот на Стефанова.

„За мене нема друго објаснување овој лик и понатаму да е ЈО освен тоа дека е доволно подложна на влијание што одговара на секоја политичка гарнитура која ќе дојде на власт. Дај бре имајте три чисти и ставете за ЈО некој од кого се плаши и власта и опозицијата, “ напиша тогаш Најчевска.

Таа го водеше и предметот „Фаланга 2 “ каде што беа обвинети и осудени луѓе кои што ја водеа истрагата за криумчарење на македонски артефакти. Меѓу осудените во тој предмет е и Паско Кузнан.Таа беше и дел од обвинителскиот тим за предметот „Пајажина“ каде што осуден беше сопстевникот на А1 Велија Рамковски, како во предметот против поранешниот претседател на советот на општина Центар Мирислав Шиповиќ кога во општинскиот совет се водеше политичка битка за бизнис интереси за ДУП-от Мал Ринг.

Првите политички коментари во јавноста при формирањето на специјалниот тим на обвинители во 2015 година беа дека обвинителката Јанева составила тим на „широка коалиција“, во кој, неофицијално, влегле четворица обвинители блиски до ДУИ, тројца до СДСМ и седум до ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG