Достапни линкови

Стефанова - осомничените во Империја дознаваа сè што презема СЈО


Обвинителка Лиле Стефанова како сведок во предметот Рекет во Основниот Суд Скопје 1.

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, која е второобвинета во случајот „Рекет“, денеска беше отстранета од судницата во Кривичниот суд во Скопје поради недолично однесување, откако упати навредливи зборови кон обвинителката Лиле Стефанова која на денешното рочиште даваше исказ во својство на сведок.

Стефанова пред почетокот на исказот на прашање на судот дали е скарана со некој од обвинетите, таа одговори дека со никој не е скарана, но оти со Јанева не се во добри односи.

Таа исказот за случајот „Рекет“ го започна по прашањето на обвинителството како започнал предметот „Империја“, на што објасни дека во Специјалното јавно обвинитество имало „експлицитни разговори“ во нелегално прислушуваните материјали, меѓу бизнисменот Јордан Камчев и други лица со индиции за сторени кривични дела.

Стефанова го водеше „Империја“ во кој е осомничен бизнисменот Јордан Камчев, кој е сведок во случајот „Рекет“. Според обвинението, Јанева, прво осомничениот Бојан Јовановски- Боки 13 и Зоран Милевски се здружиле за да му земаат пари на Камчев во замена за олеснителни околности во предметот кој тогашното СЈО го водеше за него. Милевски на првото рочиште ја прифати вината и доби три години затворска казна.

Стефанова рече дека предметот „Империја“ се водел околу девет месеци, а дека првичната наредба за истрагата била против 13 лица, додека за пет лица имале собрано докази дека може да ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоци или, пак, да се дадат во бегство.

Таа посочи дека осомничениот Камчев имал двојно државјанство, имот надвор од државата, силно влијание врз сведоците за кое собрале докзи во текот на предистрагата, а дека двојно државјанство имала и осомничената Зорица Арсовска, додека осомничениот Цветан Панделевски имал имот надвор од државата и лична карта со адреса во Грција, по што сите овие податоци и докази биле дадени како прилог за определувањето на мерка притвор за тие пет лица.

Стефанова кажа дека во истрагата за „Империја“, осомничените цело време успевале да дознаат што превзема СЈО, иако предлозите за определување мерка притвор и претресите во домовите и во просториите на фирмите на Орка Холдинг во обвинителството ги чувале во најстрога тајност.

Таа рече дека од страна на истражителите била информирана дека кога вршеле претрес во просториите на домот на Камчев, тој веќе ги чекал подготвен, каде бил и Зоран Милевски – Кичеец, а подготвена била и сопругата на Камчев, иако било шест часот наутро.

„Телефоните веќе беа сменети, а кога отидовме на претрес во просториите на фирмите кои се под Орка Холдинг, дел од канцеларите беа средени и исчистени, а за цело време додека се вршеше претресот, во просториите на Орка Холдинг беа Михајло и Филимена Маневски“, рече Стефанова.

Таа ,исто така, додаде дека за време на предистрагата и истрагата во Империја, лицата кои се осомничени, најмногу Јордан Камчев и Цветан Панделевски, барале начин како да влијаат врз истрагата и дека праќале разни емисари и политичари, бизнисмени, судии и обвинители.

„Сите тие обиди беа неуспешни и кај мене, а најодговорно тврдам и кај Катица Јанева“, рече Стефанова.

На прашање на одбраната на првообвинетиот Бојан Јовановски, дали еден од тие емисари е судија во Основниот кривичен суд во Скопје, таа одговори потврдно посочувајќи дека станува збор за Добрила Кацарска која ,исто така, била присутна и при одлучувањата за определување на мерките за притвор.

Преломните моменти во истрагата „Империја“, како што рече Стефанова, дошле кога требало да бидат продолжени мерките за притвор, а во тој период Јанева започнала да бара повеќе информации. Стефанова кажа дека тогаш, во ноември, го повикала Камчев за да биде запознаен со наредбата за истрага, а тој искористил момент да и даде лист хартија кој бил напишан од Наташа Савова, а во текстот и било препорачано да разговара со Сашо Мијалков за негово ослободување од оваа истрага.

Стафанова рече дека со тоа Камчев сметал дека треба да и укаже дека има моќ да влијаа врз истрагата, но и дека листот и го дала на Катица Јанева, но таа на тоа ништо не одговорила.

Стефанова ,исто така, наведе дека во тој период имало многу лица кои се пуштени од притвор и оти Јанева ја повикала и барала од неа да ги преиначи предлозите на осомничените и наместо притвор, да им биде одреден куќен притвор, вклучително и за Сашо Мијалков. Стефанова рече дека тоа било во насока на носење на Законот за јавно обвинителство и дека на тоа се побунила, но оти Јанева дрско одговорила дека е тоа нејзина одлука, по што Стефанова ги променила предлозите и бил определен куќен притвор.

На 16 април 2018 година, Стефанова вели дека Јанева побарала од неа да му го врати пасошот на Камчев и да направат извештај колкава штета е направена во „Империја“ и во „Поштенска банка“ и со тоа предметите да бидат затворени.

Истрагата „Империја беше отворена на 9 ноември 2018 година каде што осомничени се Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева- Стојческа и други за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители како злоупотреба на службена должност измами и перење на пари.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG