Достапни линкови

Без пари од ЕУ ништо од поголемите проекти во општините


Илустрација. ЕУ фондови.

Од локалната самоуправа велат дека парите од европските фондови им се неопходни за реализирање на поголеми проекти кои државата не може да ги оствари сама.

Од почетокот на процесот на децентрализација, ЕУ најмногу помогна во развојот на инфраструктурата и на другите дејности во надлежност на општините во споредба со останатите донатори, вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски. Тој очекува да продолжи патот на евро интеграција на земјава и со тоа на општините да им станат подостапни уште повеќе пари од европските претпристапни фондови.

Во изминатите години Велес има искористено големи суми од европските фондови за подобрување на квалитетот на животот во општината, а во моментов со европски пари во висина од околу еден милион евра се реализира проект за развој на туристичките потенцијали на езерото Младост.

„Има проекти кои сами општините ниту државата не може да ги реализираат, како што се колекторските системи и пречистителните станици, како пример, само за Велес би чинеле околу 23 или 24 милиони евра, основниот проект, а за Скопје тоа би било 200 милиони евра“, вели Коцевски, кој дополнува:

„Добро е да продолжи финансиската поддршка, но не треба да се задоволуваме само со тоа, треба политички да се работи да продолжи патот на интеграција кон ЕУ, да продолжиме со реформи и да чекаме дека ЕУ и некои од државите ќе го сменат ставот и ќе добиеме преговори“, вели Коцевски.

Општините најмногу користат пари преку фондовите за прекугранична соработка и од ИПА фондовите, вели Коцевски.

Европската Унија е најголемиот донатор во земјава, со над 90 милиони евра на годишно ниво за поддршка на национални реформи во различни сектори. Освен Инструментот за претпристапна помош (ИПА), ЕУ има и други можности за поддршка на земјава на нејзиниот пат кон полноправно членство

Љупчо Петковски од Центарот за европски стратегии „Евротинк“ вели дека кога една земја ќе стане членка на ЕУ таа користи многу повеќе пари и дополнува дека парите од претпристапните фондови се за поддршка на реформите.

„Ние користиме ИПА фондови врз база на тоа што сме држава кандидат за членство во ЕУ. И да почнат преговори нема автоматски да се отварат поголеми фондови, пак ќе користиме претпристапни фондови. Тоа се 100-тина милиони евра годишно, и не ги аспорбираме сите или еден процент од БДП. Поголеми суми би инвестирала како членка, тогаш би имало петпати поголеми суми на располагање од сега“, вели Петковски.

До неговиот коментар доаѓа откако евроамбасадорот Самуел Жбогар изјави дека Делегацијата на ЕУ останува тука, без оглед дали земјава добила или не датум за почеток на преговори со Унијата.

Тој истакна дека Европа е тука и ќе остане тука, со зголемени фондови, особено за општините, во кои, како што рече, луѓето треба да се чувствуваат и да живеат европски, без разлика дали се или не се отворени преговори.

„Како ЕУ делегација немаме голема улога во процесот на носење одлуки на високата политика во Брисел, но имаме улога тука во земјава да им покажеме на граѓаните дека сме тука, за политичка поддршка, со фондови. ЕУ е најголемиот донатор во земјава и обезбедува речиси сто милиони евра годишно во фондови за земјава, а уште повеќе фондови ќе пристигнат во иднина, изјави Жбогар.

Инаку, во земјава во моментов се реализираат 400 проекти со пари од ЕУ, од кои 109 се наменети за општините.

XS
SM
MD
LG