Достапни линкови

Ветинг во МВР и како да се избегнат партиски влијанија


Архивска фотографија- полицаец пред Основен суд Скопје 1

Работната група за ветингот во МВР го одржa својот прв работен состанок. Упатените велат дека треба да се утврдат строги критериуми врз чија основа ќе се врши проверката на вработените, а дека тој процес треба да се прошири и во други институции.

Речиси две години терминот ветинг е во употреба на македонската политичка сцена, а сега според најавите треба и да почне прво во Министерството за внатрешни работи, а подоцна според барањата да продолжи и во други сектори.

Ветингот, или проверката на веќе вработените во институциите, мора да биде добро подготвен, да има соодветна правна основа врз која точно ќе се знае кој се ќе биде опфатен и на кој начин проверката ќе се спроведува, вели Слаѓана Тасева од Трансапернси интернешл.

Тасева, која е и член на работната група за ветингот во МВР, вели дека тој треба да се спроведува и преку таканаречени истраги, а и преку проценки на компетенциите, вештините, личноста, имотот, работата, поврзаноста со криминални структури на лица кои ќе бидат опфатени со ветингот.

„Идејата која што потекна од МВР е добра, меѓутоа идејата да се спроведе само во Министерството за внатрешни работи е парцијално адресирање на овој проблем со интегритетот. Мора да се издигне заложбата, да се направи ветинг на сите носители на судската власт и на оние кои што се во јавното обвинителство“, вели Тасева.

Политичкиот аналитичар Џељаљ Незири, повикувајќи се на искуствата на некои транзициски земји смета дека низ процес на проверка треба да помине и целата администрација.

„Еве на пример зошто да нема ветинг и во образованието? Ние имаме доста лоши резултати и на ПИСА тестовите на кои сите земји од регионот имаат нагорна линија, само државава има пад во квалитетот во образованието во основните и средните училишта. Да не заборавиме и на високото образование. Значи мора да се спроведе целокупен ветинг за мерит системот да се воспостави како стандард“, вели Незири.

Во меѓувреме, додека се подготвува процесот за ветинг засега во МВР, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека процесот има „за цел пресметка со професионалците и оние кои не се под политичка контрола на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски“.

Тасева вели дека има механизми за заштита за да не се злоупотреби процесот.

„Мора да постојат јасни критериуми и јасни правила со кои ќе се утврди целосно како ќе се води таа постапка, над кого ќе се води, што ќе се проверува, кој ќе ја спроведува, кој ќе одлучува во втор степен, како ќе течат роковите“, вели Тасева.

Инаку, еден од најгласните застапувачи на процесот на ветинг покрај министерот за внатрешни работи досега беа од ДУИ. Нивниот лидер Али Ахмети лани во интервју за Радио Слободна Европа тврдеше дека е неоходен процес на ветинг во полицијата и правосудството, а пратеникот Артан Груби вели дека покрај за тие два сегмента, неопходен е ветинг и за политичари.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG