Достапни линкови

Метла или заметување за мачкање очи


Средба на премиерот Зоран Заев и на лидерот на ДУИ Али Ахмети за владина реконструкција.

Долго најавуваната премиериска „метла“ за нефункционалните владини структури се очекува во јуни. Во меѓувреме, дел аналитичари и по средбата Заев - Ахмети се сомневаат дека таа и ќе се спроведе.

Иако „метлата“ беше најавена пред точно еден месец, разговорот меѓу владините коалициски партнери за владината реконструкција штотуку почна. Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети по средбата во владата не донесоа одлуки, туку најавија дека од сега почнуваат консултации внатре во партиите, по што ќе ги продолжат разговорите.

Ако се остане на претходната најава на премиерот првите смени во владата треба да се очекуваат за десетина дена, односно во почетокот на јуни. Во меѓувреме, дел аналитичари го отвораат прашањето дали требаше да се чека толку долго за да се прават анализите со кои би се покажало кој потфрлил и дали повеќе од две недели по изборите требаше да се случи првата средба Заев - Ахмети.

Според Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања, и досега имало многу најави од Владата кои не биле исполнети. Одлуките се носат, но не се спроведуваат и за други прашања, тврди тој.

„Искрено не очекувам многу од оваа таканаречена метла и прашање е дали воопшто ќе има метла“, вели Божиновски.

Спротивно од него, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека процесот на реконструкција не се одолговлекува, оти како што нагласува, тоа е коалициска влада и неопходни се внатрешни консултации.

„Дека бавно оди процесот оди, дека има отпор кон тоа и кај Заев и кај коалициските партнери и внатре во својата партија, но не верувам дека ова ќе се надмине без да се спроведе“, вели Муслиу.

Од она што досега се знае е дека економските сектори се најизложени за можна смена. Поконкретно во делот економија спаѓаат министерствата за финансии, економија, транспорт и врски, земјоделство, а во владата има и вицепремиер и министри без ресор задолжени за економски прашања.

Како што најави премиерот, смени ќе ги зафатат и државните претпријатија и други јавни институции со што не е исклучена можноста да бидат сменети директори на институции кои се занимаваат финансии. Очекувањата се дека ќе се менуваат министри, нивни заменици, директори, а критериумите по кои ќе се прават кадровските промени Заев рече дека се ароганцијата, неисполнувањето на одредени очекувања, неагилниот однос на одредени носители на високи функции и непотизмот.

Додека се чекаат конкретните чекори на Заев дел министерства, институции, Градот Скопје, добија “златни метли”. Очекуваме метлата да почне да „игра“, порачаа од единицата за брзи артивистички акции финансиран од Фондацијата Отворено општество.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG