Достапни линкови

Скопје плаќа програми за енергетска ефикасност, но не ги спроведува


Лого на Град Скопје.

Голем дел од буџетот на Град Скопје се трошоци за енергија во објеките под негова надлежност. За намалување на овие трошоци постојат тригодишни Програми за чија изработка се даваат пари, но од друга страна Градот не дава средства за спроведување на мерките и целите од овие стратегии.

Град Скопје дава пари за изработка на десетици стратегии за развој на главниот град, но за реализација на мерките предвидени во некои од овие документи, не е инвестиран ниту денар. Таков е примерот со Програмата за енергетска ефикасност 2018-2020 година. За изработка на овој документ пред три години биле дадени 126.000 денари, но Градот во истиот период не потрошил воопшто средства за спроведување на целите од програмата, и покрај тоа што во годишните буџети биле планирани пари.

Извештаите на Град Скопје за извршување на буџетите за 2018, 2019 и 2020 година покажуваат дека Одделението за енергетска ефикасност има нула реализација, односно дека нема потрошено воопшто средства за активности за енергетска ефикасност.

Град Скопје има законска обврска да донесува тригодишни програми за енергетска ефикасност и потоа ,според нив, да вложува во зголемување на енергетската ефикасност во објектите кои се под негова надлежност. Истовремено, Програмата за енергетска е усвоена во 2018 година сега е истечена. Новата програма сѐ уште не е изработена, а за неа Градот плати четири пати повеќе за разлика од претходната.

Град Скопје управува со вкупо 42 објекти, од кои 21 средно училиште, општинската зграда, седум културни институции, пет објекти на противпожарната бригада и осум јавни претпријатија. Под Градот се службени возила и 9.286 светилки за кои се грижи институцијата.

Во Програмата за енергетска ефикасност 2018-2021 е наведено дека со примена на сите мерки наведени во документот, треба да бидат заштедени шест проценти годишно од предвиденото ниво на заштедена енергија во јавниот сектор во целата држава.

Но, како Градот ја исполнува оваа законска обврска ако ,според документите за реализација на буџетите за 2018, 2019 и 2020 година, од планирани скоро 160 илјади евра за енергетска ефикасност, потрошени се нула средства?

Според Програмата за 2018 година, Градот има законска обврска, меѓу другото, да спроведе мерки за подобрување и унапредување на енергетската ефиканост, да обезбеди извори за финансирање потребни за спороведување на мерките, да ги почитува роковите за спроведување, но и да спроведе мерки за намалување на емисиите на штетни гасови во атмосферата.

Целта на овие мерки е градот да ги намали трошоците за енергија во објектите под негова надлежност, од уличното осветлување, да го намали загадувањето на воздухот и да ја зголеми примената на обновливи извори на енергија, според документот.

Тоа треба да го направи преку модернизирање на објектите, промена на навиките на вработените, обука на персоналот задолжен за мерките за енергетска ефикасност и преку зголемување на свеста на граѓаните.

Тригодишната Праграма за енергетска ефикасност 2018-2020 ја изработи Центарот за енергетска ефикасност на Македонија (МАЦЕФ) во соработка со службите на Град Скопје. Ваква обврска за изработка на овие планови имаат сите општини во земјата.

МАЦЕФ мерките за енергетска ефикасност ги предлага откако ќе направи анализа на објектите во сопственост на Градот, по постоечките и важечки енергетски контроли, како и врз основа на податоците за бројот и типот на уличнките светилки и возилата во сопственост на Град Скопје, стои во документот.

Во Програмта од 2018 година се вели во Град Скопје постои значителен потенцијал за зголемување на енергетската ефикасност во објеките под негова надлежност, но и дека трошоците за енергија заземаат голем дел од буџетот на Градот.

„Со цел да се намалат трошоците и потрошувачката на енергија и да се подобрат внатрешните услови на објектите за образование, култура и општинска администрација од една страна и јавното осветлување и возниот парк од друга страна, потребно е истите да се реконструираат, целосно или делумно, и во нив да се применат мерки за енергетска ефикасност“, стои во документот.

Константин Димитров е дел од МАЦЕФ којшто ја изработува и новата Тригодишна програма за енергетска ефикасност на Град Скопје. За Радио Слободна Европа Димитров вели дека во моментов утврдуваат колку од мерките од Програмата од 2018 година досега биле спроведени и дека врз основа на таа анализа кон крајот на годината ќе го подготват новиот документ.

На прашањето во каква состојба биле објектите под Град Скопје кога работеле на Програмата за енергетска ефикасност пред три години во 2018 година, Димитров вели дека генерално сите објекти коишто биле претходно изградени не ги задоволувале условите дефинирани со Правилникот за енергетска ефикасност.

„Одговорно тврдам дека ниту еден објект не ги исполнуваше тие услови, не само за објектите на Град Скопје, туку сите објекти под управување на централната власт“, вели Димитров.

Инаку, во извршувањето на буџетот за 2018 година е наведено дека за изработката на тригодишната програма за енергетска ефикасност тогаш биле платени 126.000 денари, но во документот стои дека Градот не потрошил ниту денар за енергетска ефикасност, иако биле предвидени 300.000 денари за претставување на Град Скопје пред граѓаните и промоција на енергетска ефикасност.

Во извршувањето на буџетот за 2019 година за Одделението за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија имало предвиден буџет од 6.800.000 денари, но и оваа година не се дадени пари за енергетска ефикасност.

За 2019 година биле предвидени 300.000 денари за претставување на Град Скопје пред граѓаните и промоција на енергетската ефикасност, пет милиони денари за субвенции на АД Градски енергетски системи, еден милион денари за организирање на форум за енергетска ефикасност и 500.000 денари за дизајн и печатење на едукативен материјал за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.

Во буџетот за 2020 година, за енергетска ефикасност биле планирани 2.700.000 денари, но и оваа година градот не исплатил ниту денар, според извештајот за извршување на буџетот, иако 300.000 денари биле планирани за претставување на Град Скопје пред граѓаните и промоција на енергетската ефикасност, 500.000 денари за дизајн и печатање на едукативен материјал за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, еден милион денари за јавен повик за доделување на средства за финансирање на проекти од областа на енергетиката, енергетската ефиканост и обновливите енергетски извори од интерес на Град Скопје и 300.000 денари за изработка на нова тригодишна програма за енергетска ефикасност.

Истовремено за изработка на Програмата за 2021 година, првично беа предвидени 300.000 денари според Првата измена на Планот за енергетска ефикасност на Скопје (2021), но во неговата втора измена се наведува дека за Програмата ќе се дадат 1.300.000 денари, што е за четири пати повеќе пари.

На прашањето зошто толку повеќе средства се дадени за изработка на програмата споредено со претходната, Димитров вели дека пред три години прифатиле да го работат документот по таа цена, бидејќи сакале да имаат референца од „голем систем каков што е Град Скопје“, иако како што вели реалната цена била за еден милион денари повеќе, каков што е случајот за изработката на новиот документ.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG