Достапни линкови

Економско политички предизвици во 2022


Поскапување на струјата и парното, недела неработен ден, повисока минимална плата, нов премиер и нова влада се дел од големите промени кои ги очекуваат граѓаните во 2022 година.

Новата година традиционално е период кога граѓаните се фокусираат на очекувањата од наредните 12 месеци и желбите кои што сакаат да им се остварат. Но, 2022 година носи неминовни промени без разлика што си посакале граѓаните на 1 јануари и кои пред се ќе влијаат на нивниот животен стандард како поскапување на струјата и парното, недела неработен ден, повисока минимална плата, но, и за нивната судбина ќе одлучува нов премиер и нова влада.

Промени на економски план

Струјата од први јануари, според најавите на претседателот на регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски поскапува за 9,48 проценти. Воедно, како што информираше, ќе се укине и дневната евтина тарифа за струјата, а ноќната евтина тарифа и евтината тарифа во недела ќе останат.

Тој наведе дека поскапувањето требало да биде многу поголемо, но поради одлуката на Владата да им помогне со економски мерки на енергетските компании, поскапувањето за бизнисот и домаќинствата е помало.

„Реалното зголемување ќе беше многу повеќе, но успеавме да скратиме многу трошоци и дополнително Владата презема обврска да им помогне на државните компании во наредниот период“, рече Бислимовски.

Новата цена на струјата за корисниците на регуларниот пазар ќе важи во првите шест месеци од годинава. Сите енергетски компании веќе побараа зголемување на цената на електричната енергија.

За да го ублажи ценовниот удар од поскапувањето на струјата, владата летоска го намали ДДВ од 18 на 5 отсто, но тоа ќе важи до 1 јули наредната година, по што ќе се покачи на 10 отсто, а во 2023 година, ДДВ-то повторно ќе се врати на 18 отсто.

Поскапо парно

Од 1 јануари се зголемува и цената за парното греење за 14,05 отсто за сите корисници во Градот Скопје, односно и за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север.

Бислимовски информираше дека цената на природниот гас лани просечно се движела околу 240 долари за нормален кубен метар, а годинава на БЕГ му е понудена цена од 1480 долари.

„Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас во крајната цена за парното ќе требаше да има зголемување од околу 190 отсто, но тоа не е опција. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената“, рече Бислимовски.

Според него, БЕГ давал по два милиони евра во јануари за набавка на гас, а годинава ќе треба да издвои 13,8 милиони евра. Разликата во цена, според него, ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.

БЕГ од Регулаторната комисија за енергетика побара парното да поскапи за 300 отсто, со образложение дека за толку била порасната цената на гасот на светските берзи во однос на јули, кога беше донесена последната одлука за цената на топлинската енергија.

Недела неработен ден

Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден на неделен одмор.

„Недела неработен ден e реалност. Министерството за труд и социјална политика го исполни ветувањето што им го дадe на работниците. Од први јануари, недела ќе биде ден за неделен одмор за 92 отсто од работниците,“ порача министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска по повод изгласувањето на законот.

Законот предвидува оние што ќе бидат ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес не смеат да бидат прекинати, ќе добиваат најмалку 50 отсто повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Според најавите на Шахпаска, вработените во трговските центри кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница. Дополнително, како што наведе, 2 отсто од прометот во трговските центри во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.

Минимална плата

Поранешниот претседател на СДСМ и премиер во оставка, Зоран Заев најави дека од први јануари минималната плата ќе биде 18 илјади денари или триста евра, согласно економските движења и растот на економијата. Тој ветувањето го даде на партиски митинг во Кочани за време на локалните избори. Барањето за повисока минимална плата е на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) кој ги поднесе и законските измени во Собранието. Во предлогот е содржано и висината на минималната плата да не може да биде пониска од 60 отсто од просечната исплатена месечна нето-плата по вработен во последните три месеци, а објавена од Државен завод за статистика.

„Предлагаме и платите на сите работниците да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници“, соопштија од ССМ.

Промени на политички план

Во јануари државата ќе добие нови премиер и нова Владата откако претседателот Стево Пендаровски му го довери мандатот на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Новата влада јасно ќе ги дефинира приоритетите за работа. Секоја минута од нашето време во Владата мора да ја посветиме на клучните проблеми со кои се соочуваат нашите граѓани, на оние проблеми за кои секојдневно зборуваат и ги мачат, а тоа е економската несигурност и животниот стандард. Најавувам силен фокус на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка на семејствата“, рече Ковачевски.

Тој најави дека планира новиот состав на Владата да го предложи околу 10 или 11 јануари наредната година. Што значи тоа ќе го направи во пократок рок предвидениот во Уставот. Ковачевски има рок од 20 дена по доделувањето на мандатот да ја формира новата Влада.

Извесно е дека дел од новата Владата нема да бидат министрите Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Венко Филипче, вицепремиерот Никола Димитров. Согласно договорот за владината коалиција Алтернатива добива три министерски места. Партијата за министер за здравство ќе го предложи Баким Сали. Адмирим Алити ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, а Џемаил Чупи ќе биде министер без ресор задолжен за дијаспората.

Спорот со Бугарија

Еден од предизвиците на новата Владата ќе биде решавање на отворените прашања со Бугарија со цел земјата да ги отпочне преговорите со ЕУ. Надежите дека во декември земјата ќе добие датум за преговори се урнаа откако Бугарија соопшти дека нема намера да ја промени својата позиција. Новата бугарска влада кога стапи на функција предложи рок од шест месеци за да се најде решение за спорот.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во декември минатата година дала предлог за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија во кој, како што вели, два члена биле спорни за Северна Македонија, бидејќи се барало да се потпише дека македонскиот јазик произлегува од бугарскиот, а нацијата произлегла од обидот за ослободување од Отоманската Империја.

„Меѓутоа, пристапот наметнување историја како критериум, договор за една апсолутна историска вистина од пред 100 години, од пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави и две држави коишто се членки на НАТО тоа треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка“, рече Османи.

И оваа година земјата и светот ќе се бори со пандемијата на коронавирусот и невоите нови варијанти.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG