Достапни линкови

Вевчански карневал - отворен театар без режија

Вевчани и вевчанци и оваа православна Нова година ја дочекаа на својот препознатлив начин – со традиционалниот Василичарски карневал.
„Вевчани буквално живее за овој карневал. Ова е отворен театар без режија, без однапред утврдено сценарио барем кога се работи за маските. Вевчанци се инвентивни, познати шегобијци, нивното осило боде со сарказам. Очекувам и оваа година да биде така, ништо чудно нема да биде доколку и себеси се препознаам од онаа страна на огледалото“, рече градоначалникот Сашо Јанкоски пред самиот почеток на главното дефиле под маски.
Меѓу василичарите оваа година ги видовме традиционалните маски како Глупавиот Август, музичарите, но и Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Боки 13, како и Трамп, Макрон, а од настаните – пожарите во Австралија, „Жолтите елеци“ и друго.
Карневалот во Вевчани и оваа година го следеа неколку илјади гости од целата земја, но и од странство, претставници од јавниот живот, политичари, членови на дипломатскиот кор во земјата, бројни локални и национални медиуми, но и репортажни екипи од странство.
За вевчанци Новата 2020 година пристигнува на 14 јануари, а тоа правило го почитуваат и гостите. Жителите на Вевчани знаат како се пречекува гостин, со вино, греана ракија, мезе, сето зачинето со шега и насмевка. Денот на Свети Василиј, заштитиникот на Вевчани и на василичарите денеска ќе биде одбележан со вевчанското оро и ритуалното палење на маските.


XS
SM
MD
LG