Достапни линкови

Вакцините против сезонски грип се порачани, ама не се стигнати


илустрација

Здравствените власти информираат дека набавката на вакцини против сезонскиот грип е спроведена навреме и се чека нивната испорака. Планирани се 40 000 бесплатни дози. Независно од тоа дали се имунизирани против ковид 19, лекарите апелираат граѓаните да се вакцинираат и против грип

Набавката на 40.000 дози на четиривалентни вакцини против сезонскиот грип е навремено спроведена, а нивната достава и испорака зависи од производителите, информираат од Министерството за здравство. Оттаму велат дека засега се планирани 40.000 дози наменети за бесплатна вакцинација, но доколку има потреба, ќе бидат набавени дополнителни количества.

„Согласно со препораките на Комисијата за заразни болести, МЗ ќе обезбеди бесплатна вакцинација против сезонски грип на следните ризични групи: стари лица (над 65 години), лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години“, наведуваат од Министерството за здравство.

Од Центарот за јавно здравје велат дека кај нив веќе пристигнала нарачаната пратка комерцијални вакцини, но дека се чека да пристигнат вакцините и во ресорното министерство за во исто време да се почне со вакцинација низ сите центри ширум државата. Комерцијалните вакцини против грип ги набавуваат Центрите за јавно здравје од сопствен буџет и согласно проценката на установата се одредува цената на вакцината.

„Бесплатни вакцини ќе има само преку министерството, кај нас се со плаќање. Ама се уште чекаме цена да ни кажат и да почнеме со вакцинација. Подготвени сме“, вели доктор Луљзиме Бајрами.

Иако според неделните извештаи на Институтот за јавно здравје, бројот на заболени од сезонски грип во моментот не е загрижувачки, од оваа институција велат дека повозрасните граѓани веќе се јавуваат и прашуваат кога може да се вакцинираат.

Во текот на 41 недела од 2021 година (од 11-17.10.2021), во Република Северна Македонија пријавени се 6 случаи на групни пријави за заболени од грип/ заболувања слични на грип, соодветно за овој период од сезоната во споредба со минатата сезона и просекот.

Сите заболени лица се регистрирани од Гостивар, 2 од нив се од возрасната група од 15-64 и 4 лица на возраст над 65 години.

Препораката на Комисијата за имунизација е граѓаните кои се вакцинирале со вакцина против ковид 19, во рок од две недели, односно 14 дена, по примената втора доза, да се вакцинираат со вакцина против сезонски грип.

„Апсолутно нема никаков проблем да се примат двете вакцини и против ковид 19 и против грип. Забораваат ли луѓето дека децата кога ќе се родат одеднаш примаат две вакцини, еден ден старо дете? Понатаму, децата во првата година добиваат петовалентни и шестовалентни вакцини, тоа се пет или шест различни вакцини во еден шприц и нема никаков проблем“, вели др. Александар Стојанов, епидемиолог.

Искуството покажува дека стапката на вакцинација против грип никогаш не била на високо ниво, односно дека просечно се вакцинираат околу 5 проценти од населението. Иако лани поради пандемијата на ковид 19 интересот за вакцинација против грип беше поголем, Стојанов не очекува поголеми поместувања и оваа сезона.

„Не знам дали таа стапка на вакцинација ќе порасне. Секоја година е мака со тие вакцини. Некогаш ќе фалат некои 100-тина дози, некогаш ќе фрлиме 200, 300 дози така што не можете да фатите крај. Четириесет години вакцинираме и 40 години истите проблеми. Од вакцините направивме баук“, вели доктор Стојанов.

Поради пандемијата на коронавирусот лекарите апелираат граѓаните што помасовно да се имунизираат против грип, за во случај на респираторни симптоми да се исклучи ова заболување.

Согласно извештајот на Flu News Europe објавен за 41-ва недела од 2021 година, активноста на вирусот на грип е на ниско ниво, а во Хрватска и Киргистан се регистрира рано зголемување на активноста како резултат на инфекции со A(H3).

Спорадично е детектиран вирусот на грип кај примероци од лица со респираторни заболувања кои се јавуваат на медицинска нега што е минимално зголемување во споредба со претходната недела. Откриени се Influenza A и B, при што преовладува подтипот А(H3).

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG