Достапни линкови

„Историјата на историчарите во некој паралелен универзум“ - вие коментирате


Состанок на меѓувладината комисија - Македонија - Бугарија
Состанок на меѓувладината комисија - Македонија - Бугарија

Главно жестоки коментари на социјалните мрежи за прифаќањето на францускиот предлог и за потпишувањето на протоколот со Бугарија. Од колнења и закани до одобрување и подршка.

Откако министерот Бујар Османи пред домашни новинари го презентираше Протоколот што го потпишаа со својата колешка во оставка Теодора Генчовска во Софија, за кој кажа дека е реципрочен, а Генчовска изјави дека Бугарија и натаму не го признава македонскиот јазик, но додаде дека останатите 26 членки на ЕУ останале на своите ставови дека јазикот на кој се зборува во Република Северна Македонија е македонски јазик ,– ФБ страницата на РСЕ е преполна со ваши коментари на оваа тема.

Најмногу реакции има за информациите дека пратениците ги усвоија заклучоците за францускиот предлог, дека опозицијата не гласаше, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на нотар завериле изјави дека нема да гласаат за промена на Уставот. Коментарите главно се негативни, да не зборуваме за колнења, смртните закани, заканите со доживотен затвор за членовите на власта и оние со меѓуетничка нетрпеливост Македонци – Албанци. За денешниов преглед избираме некои попристојни.

„Каков реципроцитет, што бара Македонија од Бугарија, какви отстапки?“, реагира Горан Ѓорѓески на зборовите на министерот Османи. И Ванчо Јанев со прашање: „Ќе ги внесат ли и они Македонците во бугарскиот Устав?“

Самир Османи со реакција: „Ај не лажете овци, никаде во протоколот не пишува дека не е признаен македонскиот јазик, туку е спротивно, признаен е целосно“. Владимир Ивановски реагира на мешовитата Комисија за историски прашања: „Историјата на историчарите во некој паралелен универзум. Политичарите се тие кои ги именуваат членовите на комисиите, толку од тоа дека политиката ќе се држи настрана“.

По реакциите на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски дека „се потпиша Протокол со кој Македонија нема да преговара со ЕУ за својот напредок, туку со Бугарија за својата историја“, Драгица Николоска објавила: „Срамно и за Вас како политичари со години. Ова не е од вчера“, а Софи Трајковска со пост: „Не се глупирајте... ништо не спречивте, ни рамковен, ни преспански, па ни овој договор, само фотелјите ги чувате“.

Бошко Митев му се обраќа на Николовски: „Не се срамите ли, досега сè што кажавте сè е лага, ќе имаше кампови за мигранти, туѓа платформа, какви не лаги искажавте, дали за тоа не се срамите пред македонскиот народ кој е неутрален, ама на тебе ти е битна фотелјата“.

Димче Гогоски потсетува, обраќајќи им се и на негативно настроените посетители на нашата ФБ страница: „Во секој момент може да се прекине преговарањето, а овој Николовски се вртеше по социјалните мрежи дека има бугарско државјанство, значи потпишал бугарска самосвест и потекло и одговорете, што со ваквите, што, што...“ За Зорка Даскалова „Најголема срамота е за владејачките предавнички партии“, како што смета.

Соња Блажевска Хелмих од Германија и Фани Мустапиќ, според јазикот на постот од Хрватска, не го делат мислењето на мнозинството со негативни коментари. „Мислам дека и Бугарија е притисната од ЕУ. Читав статија во Шпигел Цајтунг за целите овие 17 години што ѝ се правеше на Р.Македонија. Заради Украина и војната во Европа, почнаа подлабоко да размислуваат. Статијата беше многу позитивно напишана за нашиот народ...“ – пишува Соња Блажевска Хелмих, а Фани Мустапиќ е на истата линија, и покрај другото наведува: „... Мошне многу се МАНИПУЛИРА во Македонија, но и во Бугарија, сите сакаат да соберат политички поени на францускиот предлог, па го лажат народот. А сите овие приказни за јазикот, идентитетот, некоја бугаризација на Македонија, бришење на историјата, сето е чиста пропаганда, манипулации со народот“.

Редовното неделно интервју е со поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, кој покрај другото смета дека зголемувањето на јавниот долг може да не значи ништо, ако тие кредити и позајмици се користат за развој на економијата. Но ако тие пари се трошат за враќање на стари долгови и крпење дупки, тогаш е многу загрижувачки. Според него, власта размислува по принципот „купи ден – помини, за враќање нека размислуваат идните генерации“. Славчо Размо напишал: „Која економија, кој бакрач! Тури претури. Од шупливо во празно“, а Џим Глиг со одговор на своето прашање: „А ако се земаат нови долгови а не се отплаќаат стари, се зголемува задолженоста, како кај нас, така?“ Николина Николоска постирала: „Хајредини единствен Албанец трезвен и непристрасен“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG