Достапни линкови

Криза - богатите побогати, сиромашните посиромашни


Сеф во банка
Сеф во банка

Заштедите на граѓаните во банките во изминатата година пораснале за над 200 милиони евра. Од друга страна, кредитите за домаќинствата се зголемиле за над 220 милиони евра. Експертите велат дека граѓаните што имаат пари поради кризата ги чуваат во банките.

Тој што има, во кризата има уште повеќе, тој што нема уште повеќе нема. Податоците на Народната банка покажуваат дека во изминатата година, во ек на ковид-кризата, штедните влогови на граѓаните се зголемени за над 200 милиони евра. Депозитите на фирмите, пак, во изминатата година се зголемени за над 180 милиони евра.

Во исто време, пак, расте и задолженоста. Кредитите на граѓаните само изминатата година се зголемиле за над 220 милиони евра, а на фирмите за 30 милиони евра.
Штедните влогови на граѓаните и на фирмите на крајот на минатата година надминале 7 милијарди евра. Од тоа 4,6 милијарди евра се штедни влогови на граѓаните, 2 милијарди евра штедни влогови на фирмите и 460 милиони евра останато.
Кредитите на граѓаните и фирмите, пак, на крајот на минатата година изнесувале 5,8 милијарди евра, од кои 3 милијарди евра кредити на домаќинствата.

Поранешниот гувернер на Народна банка Љубе Трпески вели дека кризата е виновна што парите се штедат наместо да се трошат.

„Наклонетоста на населението кон потрошувачка е драстично намалена. И тоа што мислеле да го потрошат сега го чуваат како штеден влог. Тоа е една појава во цел свет, не е само кај нас, и затоа и покрај печатењето на тие енормни количини на пари што го направија централните банки во цел свет нема инфлација, затоа што населението не троши“, вели Трпески.

Тој додава дека работите ќе се вратат во нормала кога пандемијата ќе заврши.

Штедењето пораснало и покрај тоа што каматите за штедење се доста ниски и дополнително паднале.

„Тоа се должи и на навиките на населението и на тоа што сè уште нема развиени други атрактивни финансиски инструменти. Вака се само акциите на неколку банки и атрактивни компании, тоа е што му се нуди како можност на населението, а и голем број е на ситни штедни влогови и нема ни доволно знаење и можности за поголеми и поразновидни финансиски пласмани“, вели тој.

Граѓаните штедат и во денари и во странски валути. Шеесет отсто од штедните влогови се во денари.

Претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова - Штеирева во интервју за МИА пред еден месец посочи дека во анализи на бројни меѓународни аналитичари се истакнува дека намалувањето на патувањата, што се должи на затворањето на границите, ограничувањето на движењето на населението, како и на можностите за трошење на слободните финансиски средства имаат влијание врз зголемувањето на заштедите кај дел од населението.

Но, освен штедните влогови расте и задолжувањето на граѓаните во банките. Граѓаните најмногу пари должат за потрошувачки и станбени кредити. Најголем е растот кај кредитите за домаќинствата. Вкупните кредити на домаќинствата во 2020 бележат пораст од 8,3 отсто во однос на годината претходно или пораснале за 224 милиони евра.

„Кај населението, сè уште се доминантни потрошувачките кредити, а потоа станбените кредити и кредитите за реновирање. Во услови на изразен степен на неизвесност, банките секако остануваат подготвени да одговорат на потребите на граѓаните и на компаниите“, вели Стевкова - Штеирева.

Професор Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки вели дека имаме противречност, од една страна има луѓе кои трупаат богатство, од кое дел ставаат во банките, а дел изнесуваат надвор од земјата, а друга страна, поради влошувањето на економската положба и конзумеристичкиот живот, растат кредитите кај населението, особено потрошувачките кредити.

„Тој процес, кој е нормален за капитализмот, дополнително се зајакнува во услови на криза. Луѓето здраворазумски размислуваат дека во услови на криза сите губат, но тоа е далеку од точно“, вели Савески.

Тој додава дека богатството се концентрира кај мал број на луѓе, нешто за што во светот сè повеќе се зборува, но во Македонија за тоа досега нема анализи, вели тој, но додава дека и овие податоци говорат за тоа дека ниту земјата не е исклучок од тој тренд.

Половината од вкупните штедни депозити на сите граѓани, или околу 2,2 милијарди им припаѓаат на 28 илјади депозитни партии. Помалку од еден процент од штедните влогови се над 30 илјади евра, вели Савески, но немаме податоци колку високи се тие суми. За влогови над 30 илјади евра нема осигурување доколку банката дојде во ризик.

Доколку пак сумата што граѓаните ја должат се подели на два милиони жители, колку се претпоставува дека има во земјава, тогаш испаѓа дека секој човек просечно должи по 1500 евра, вели Савески.

„Или по 6000 евра на едно четиричлено семејство, тоа и исклучително високо ниво на задолжување, но во услови кога има висока вработеност сето тоа не создава проблеми, но ако почне посериозен тренд на губење на работните места, веројатно ќе има активирање на хипотеките и она што сега е статистика, може да биде реалност на многу наши граѓани“, вели Савески.

Тој додава дека сега работата „се држи на конец“, оти државата енормно се задолжи, јавниот долг надмина 60 отсто од БДП-то, но и каматите ќе дојдат на ред.

За надминување на последиците од пандемијата врз економијата банките им понудија на граѓаните можност за одложување на кредитните рати. Народна банка укажува дека дел од граѓаните кои го одложија плаќањата на ратите за шест месеци имаат проблем да продолжат со нормалната отплата. Проблеми се очекуваат и за втората поосетлива група на граѓани која има замрзнати рати до крајот на март.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG