Достапни линкови

Корона-кризата и догодина ќе ја зголемува задолженоста


Илустрација

Стабилизација на јавниот долг нема да има ни догодина и покрај тоа што се очекува економски раст. Државата мора да скрати на „луксуз“, но другите пари ќе се обезбедуваат од кредити.

Задолжувањето на државата за справување со последиците од корона-кризата ќе продолжи и наредната година, а властите очекуваат стабилизирање на јавниот долг на среден рок. Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека по падот на економијата годинава, кој владата предвидува да биде 4,4 проценти, за догодина се очекува раст од 4 отсто.

„Не може да очекуваме дека наредната година ќе дојдеме со предлог за дефицит на буџетот помал од 3 отсто. Мислам дека тоа е нереално да се каже, може повторно да биде над 3 отсто и тоа ќе се случува во целиот свет. Дел од тоа ќе се финансира со задолжување и на домашниот и на странскиот пазар, зависно од тоа каде ќе имаме поповолни услови во однос на каматите што треба да се сервисираат“, рече Бесими во гостување на ТВ 24.

Колкаво е задолжувањето?

Владата годинава веќе се задолжи за над 1 милијарда евра за справување со економските последици од пандемијата на коронавирус. Најголем дел од новите долгови се наменети за финансиската помош за стопанството и зачувување на работните места во погодените сектори. Буџетската дупка за годинава е предвидено да биде 920 милиони евра, односно 8,4 отсто од БДП. Јавниот долг на крајот на јуни годинава надмина 6,5 милијарди евра, односно 60 отсто од БДП.

И покрај падот на буџетските приходи, со ребалансот за годинава владата не се откажа од голем дел од расходите. Кратење имаше кај капиталните инвестиции и во ставката стоки и услуги.

Експертите со кои разговаравме велат дека во буџетот може да се скратат непродуктивните трошоци, но кратењето на парите за плати или за социјални трансфери ќе предизвика поголема штета.

Од горе високо, од доле длабоко

Професор Шенај Хаџи Мустафа вели дека кроењето на буџетот во ваква ситуација е како одење по јаже.

„Сигурно дека постои простор, не може да кажеме дека не постои простор, зошто знаеме како се трошеле парите, колку многу вработувања има, реално нема потреба за толку вработени, ама тоа пак има свој импакт врз економијата. Ако луѓето ги отпуштиш од работа, тогаш ќе се намали потрошувачката, а државата не го посакува тоа. Никако не си. Ако скрати државата ќе се зголеми невработеноста, ќе се зголеми сиромаштијата и пак државата ќе треба да реагира со тие трошоци, ќе мора да ги опслужи тие граѓани“, вели таа.

Професор Арбен Халили вели дека простор за кратење има само кај „луксузот“ на министерствата.

„Јас највеќе би претпочитал државата да се задолжи и малку повеќе ако треба се со цел да може стопанството да се држи во кондиција, да може да се реализираат капиталните инвестиции, а со тоа компаниите ќе може да произведуваат, да продаваат и на крај да ѝ плаќаат и даноци на државата“, вели тој.

Владата за годинава предвидуваше пад на економијата во вториот квартал, кога беа на сила најстрогите рестриктивни мерки, меѓу кои и полицискиот час, па стабилизирање во третиот квартал и почеток на опоравувањето во последниот квартал од годинава. Сепак, тоа сценарио е неизвесно со оглед на засиленото ширење на вирусот во земјава, но и во цела Европа. Голем дел од европските земји повторно почнаа со воведување строги мерки за контрола на вирусот кои несомнено ќе се одразат и врз економијата.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG