Достапни линкови

Македонија на еден чекор до високо задолжена земја


Министерот за финансии Фатмир Бесими.

Јавниот долг до крајот на годинава ќе ја пробие психолошката бариера и ќе биде над 60 проценти од БДП. Државата се задолжува за да се справи со последиците од ковид-кризата. Опозицијата забележува дека „должничкото сценарио станува драматично“.

Парите што ги позајмува државата за да се справи со последиците од ковид-кризата го зголемија прагот на јавниот долг. Државата сега должи околу 6,5 милијарди евра, што е 59,5 отсто од Бруто домашниот производ(БДП). До крајот на годината се предвидува дека долгот ќе порасне и ќе изнесува 60,5 отсто од БДП. Најголем дел од парите, над четири милијарди треба да се вратат на странски кредитори, останатите им ги должи на домашните. Јавниот долг го сочинуваат парите што ги должи државата, јавните претпријатија, општините, претпријатијата во државна сопственост, Народната банка. Земјите кои имаат јавен долг до 60 отсто од БДП се умерено задолжени, според критериумите на Светска банка. Кога ќе се надмине тој праг, земјата спаѓа во категоријата висока задолжена.

За справување со кризата владата најави четврт сет на економски мерки за помош на стопанството и граѓаните, а за тоа треба дополнително да се задолжува. Според Владата, четвртиот сет на мерки ќе тежи 470 милиони евра.

Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека задолжувањето ќе биде дома, нема да се бараат пари од странски банки и институции. Власта планира да се задолжи кај домашни банки и да троши пари од државните депозити.

Бесими - На краток рок можно е зголемување на јавниот долг
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:22 0:00

„Од депозити се обезбедуваат 100 милиони евра и до 150 милиони евра преку домашно задолжување, зависно од тоа колку би биле потребите“, рече министерот Бесими. Годинава веќе државата се задолжи и со еврообврзница во висина од 700 милиони евра.

Бесими во интервју за Радио Слободна Европа рече дека на краток рок е можно зголемување на јавниот долг.

„Во период на криза, кога нема раст на БДП, нема приходи, а има сериозни потреби за расходи, тогаш едноставно решение е задолжување на краток рок, но на среден рок ќе се стабилизира висината на долгот, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за Радио Слободна Европа.

Податоците што ги објави економскиот институт „Фајнанс тинк”, покажуваат дека јавниот долг во вториот квартал од годинава изнесува 59,6 проценти од БДП. Ова е најголем јавен долг од 2003 година.

„Обезбедените средства за време на Ковид-19 од близу една милијарда евра се доволни да го финансираат предвидениот буџетски дефицит во 2020 година и отплатата на еврообврзницата од 270 милиони евра во декември 2020, но продолжените економски ефекти од пандемијата и обврзницата која достасува во јули 2021 година во вредност од половина милијарда евра ги зголемуваат потребите за финансирање и притисокот врз јавниот долг“, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.

Владата го зголеми прагот за задолжување

Во меѓувреме Владата на седница донесе одлука со која се зголемува прагот на нето задолжување при издавање на државни хартии од вредност. Со оваа одлука максималниот износ на нето – задолжување преку издавање државни хартии од вредност на домашниот финансиски пазар во 2020 година ќе изнесува 250 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе од претходно. Од Владата информираат дека задолжувањето преку издавање хартии од вредност годинава наместо предвидените 200 милиони евра, ќе изнесува 250 милиони евра.

Пандемијата на ковид -19 доведе и до второ прекројување на државниот буџет. Власта го најави вториот ребаланс на буџетот, кој влегува во собраниска процедура. Државата планира да собере 3,2 милијарди евра од граѓаните и стопанството. Приходите се на речиси исто ниво предвидено со првиот ребаланс кој се случи набргу по почетокот на ковид-кризата, но тоа е за 11 отсто помалку во споредба со проекциите на иницијалниот Буџет. Што се однесува до расходите се отворија нови дупки, па државата планира да потроши 4,1 милијарди евра. Со тоа Буџетот е пократок за речиси една милијарда евра. Расходите се зголемени за околу 160 милиони евра во однос на првиот ребаланс. А за да се овозможи и четвртиот сет економски мерки за помош против ковид-19, државата се откажува до непродуктивните трошоци, институциите кои нема да ги реализираат планираните проекти до крајот на годината се откажуваат од парите за тие проекти, се кратат парите за капитални проекти кои со сигурност нема да се реализираат до крај на годината, државата ќе се задолжува. Министерот за финансии вели дека државата ќе си ги исполнува сите обврски, односно ќе има пари за плати, пензии, социјални трансфери, субвенции.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за задолжувањето вели дека се надминува границата од Мастришките критериуми од над 60 отсто од БДП. Тој на официјалниот профил на Фејсбук напиша дека „должничкото сценарио станува драматично, додека Владата нема капитални проекти, а ги троши парите на граѓаните. Економијата на Заев блеска со порази, неспособност и криминал. Го достигнаа историскиот максимум во задолжувањето, исто како и во кризата и неспособноста на било која влада до сега“, пишува Мицкоски на Фејсбук.

Тој претходно за четвртиот пакет мерки оцени дека е задоцнет и нема да одговори соодветно на потребите на македонската економија и граѓаните, туку ќе ја продлабочи и онака тешката состојба во државата.

Во извештајот на ЕУ за напредокот на Македонија, во делот за економијата се наведува дека Македонија е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија, но постигна ограничен напредок за време на извештајниот период. Во извештајот се нотира дека економскиот раст се забрза во 2019 година како што се зголемија инвестициите, но, од април 2020 година, ковид-кризата остави свој белег во економијата и јавните финансии. Властите презедоа низа мерки за поддршка на компаниите и домаќинствата, за да го ублажат економското и социјалното влијание на кризата. Се забележува дека е подобрена фискалната транспарентност, а има забелешки за реформите во оданочувањето на доходот и системот на пензии. Во извештајот се наведува и дека е значително мало спроведувањето на јавните капитални трошоци, како и тоа дека не е обезбедена стабилизација на јавниот долг. Се забележува и дека пред кризата се намалила стапката на невработеност, но дека влијанието на кризата ќе ги промени тие позитивни трендови. Финансискиот сектор остана робустен, а заемите за приватниот сектор зајакнати. Деловното опкружување продолжува да биде попречено од високиот удел во неформалната економија, се наведува во извештајот. Во него стои дека Македонија е умерено подготвена да се справи со притисоците на конкуренцијата и пазарните сили во рамките на ЕУ.

„Сепак, недостигот на вештини, како одраз на недостатоците во образовниот систем и одливот на квалификувани работници, како и јавните инвестиции во инфраструктурата ја нарушуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата“, стои во делот за економијата во извештајот на ЕУ.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG