Достапни линкови

Две нови жртви од коронавирусот, меѓу кои и 31 годишно момче


Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче за состојбата со коронавурусот во Македонија.
Прес-конференција на министерот за здравство, Венко Филипче за состојбата со коронавурусот во Македонија.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека 91 годишен и 31 годишен пациент починале од коронавирусот на Клиниката за инфективни болести. Регистрирани се 18 нови случаи, а вкупната бројка на заболени е 259 лица.

Двајца починати и 18 новозаболени од коронавирусот се регистрирани во изминатите 24 часа, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Вкупната бројка на заболени е 259 лица. На Клиниката за инфективни болести починале 91 годишен пацинет, кој бил хоспиталиран пред осум дена и 31 годишен пациент со што вкупната бројка на жртви сега изнесува 6 лица. Момчето кое починало било на лекување од 23 март и е од Скопје. Тој бил во тешка клиничка состојба и од вчера бил ставен на респираторна машина.

„Добро е што бројот на случаи се зголемува линерно, приближно секој ден имаме исто ниво на случаи и системот соодветно може да ги примири и да реагира. Но, ние сме се уште во една формална војна со вирусот ковид- 19. Влгуваме во втор месец во борбата со оваа пандемија. Пред нас е најтешкиот период во кој бројот на заболени ќе расте во светот и кај нас. Ни претстои период кога ќе расте и бројот на починати. Денес имаме починат млад човек. Значи никој не е поштеден. Сите оние кои може не беа убедени од опасноста сега верувам дека им е целосно јасно дека ова е сериозна закана и ние мора сериозно да се однесуваме. Нема да биде лесно. Сите треба да ги почитуваат препораките, да не се шири паника и сите да се однесуваат одговорно“, рече Филипче.

Најмногу нови случаи, 6 има во Штип, потоа во Скопје и Велес се регистрирани по тројца нови заболени, а во Струга 2, додека пак во Струмица, Дебар, Тетово и Гевгелија по еден заболен.

Филипче посочи и дека утре ќе биде разрешена и директорката на охридската болница откако вчера почина 66 годишна жена од околината на Струга која била заболена од коронавирус, но не била хоспитализирана, иако тоа го препорачал нејзиниот матичниот лекар.

На Клиниката за инфективни болести се донесени уште тројца заболени од Скопје и Куманово, а вкупната бројка на пациенти е 48. Според Филипче, седум од пациентите на клиниката се во потешка здравствена состојба. Во последните неколку денови се забележува зарамнување на кривата и како што порача Филипче засега се внимателни оптимисти.

Следната недела најави дека се отвараат уште два пункта за тестирања во Скопје и уште два пункта во другите градови. Според него, капцитетот на Инстутот за јавно здравје е 200 до 300 тестови дневно. Досега на државно ниво се направени 1800 тестови, а заедно со приватните близу 2700 тестови.

„Не можеме да ја гледаме само бројката. Значи многу е битен пристапот кон пациентите, односно ризичните групи. Бројката како бројка ништо не ни значи, ако не се земе в предвид кај кој точно е индициран тест, во кој период е направен, како е направена контролата. Значи ние сето тоа го земаме в предвид. Затоа стручниот став е дека на пациенти коишто имаат симптоми, понатаму целосно пратење на нивните први контакти и 14 дена доколку било кој развие симптоми се тестира. После одреден период согласно типот на терапија кој се зема се прават два контролни теста за утврдување на негативен резултат“, рече Филипче.

Тој додаде дека нема ниту еден заболен од лицата кои се во карантин и дека тие не претставуваат опасност за непосредна околина или градовите каде што се. Сите пациенти кои се на домашно лекување, според Филипче се во лесна состојба.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG