Достапни линкови

Балканот како американска 5Г брана во Европа против кинескиот притисок


Илустрација - Рекламен банер за 5Г мрежата во Букурешт, Романија

Серијата договори што ги постигнаа САД, насочени кон одбивање на кинеските фирми поврзани со 5Г технологијата добиваат на сила низ Централна и Југоисточна Европа. Пишува Reid Standish

Веста дека Романија ќе ја забрани кинеската технологија на гигантот Хуавеи во својата мрежа беше последниот потег за да се одврати доминацијата на Кина во врвната 5G телекомуникација во Централна и Југоисточна Европа. Оваа најава од романскиот премиер Лудовик Орбан дојде во моментот кога САД сериозно ја зајакнуваат својата „стратегија за Кина“ во Европа, за ограничување на улогата на Кина во телеком-мрежите.

Ова доаѓа кратко откако американскиот Стејт департмент потпиша договори со Словачка, Северна Македонија, Косово и со Бугарија за иницијатива за блокирање на кинеска опрема во 5Г мрежата, приклучувајќи се на она што администрацијата на претседателот Доналд Трамп го нарече програма за „Чиста мрежа“ за да се „спротивстави на долгорочните закани за приватноста на податоците, безбедноста и човековите права што се ставаат од авторитарни малигни чинители, како што е кинеската Комунистичка партија".

„САД ги постигнуваат своите цели во однос на ограничувањето на Хуавеи во европските мрежи. Овие договори се дел од многу поостриот пристап кон Кина од владите (во регионот)“, изјави за РСЕ, Ивана Караскова, основач на „Набљудувачи на Кина во Централна и Источна Европа (ИЗБОР) и соработник во Асоцијацијата за меѓународни работи од Прага.

Договорите означуваат серија дипломатски победи во последен момент за поширокиот притисок на САД да се спротивстават на растечкото глобално влијание на Кина и се знак дека разочарувањето од Пекинг се шири во Централна и Југоисточна Европа, област што претходно се сметаше за наклонета кон Кина.


Хуавеи е на црна листа во САД затоа што претставува закана за националната безбедност и ја користи својата технологија за шпионирање за кинеската влада. Кина го негира обвинението и тврди дека иницијативата на САД е водена главно од комерцијални цели. И кинеската влада и претставниците на Хуавеи постојано ги отфрлаат тврдењата дека инфраструктурата изградена од Кина претставува безбедносен ризик.

Билатералните договори потпишани од централноевропејците и Вашингтон не споменуваат конкретно други земји и не изрекуваат забрана за конкретни компании, но, се гледа дека меморандумите се насочени кон кинеските телекомуникациски гиганти како Хуавеи и ЗТЕ кои градат 5G инфраструктура низ целиот свет, а исто така направија значителен напредок во последните години низ Централна и Југоисточна Европа.

„Оваа не е едноставно поврзано со американскиот дипломатски притисок. Тоа е резултат и на зголемената домашна загриженост во Европа поради Кина“, рече Караскова.

Анатомија на промената во политиката

Новите приклучувања кон програмата „Чиста мрежа“ се дел од потешката линија кон Кина низ цела Европа, со тоа што 5Г мрежите стануваат централен фронт. Во октомври, Шведска почна забрана за Хуавеи и ЗТЕ во својата 5Г инфраструктура, приклучувајќи се на Обединетото Кралство, кое најави слични мерки во јули. Другите големи европски сили, како Германија, Франција и Италија, наместо тоа се обидоа да го ограничат учеството на Хуевеи во нивните мрежи со создавање правни бариери. Повеќето земји од Централна и Источна Европа - вклучувајќи ги Полска, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија и Словенија - се согласија да работат со САД за 5Г сајбер безбедност, сигнализирајќи за идните планови за ограничување или забрана за Хуеавеи и ЗТЕ.

„Дебатата за 5Г во рамките на Европа брзо се смени, делумно поради промената на дипломатскиот пристап на САД. Постои признание дека едноставно притискањето на земјите за целосно забрана на Хуавеи не е секогаш продуктивно. Сега тие им дозволуваат на земјите да носат свои одлуки за да го постигнат истиот резултат“, изјави за РСЕ Ерик Братберг, директор на програмата во Европа во Карнеги фондацијата за меѓународен мир.

Напредокот направен за ограничување на присуството на Кина во 5Г мрежите во Европа е особено значаен во Централна и Југоисточна Европа. Во 2012 година, 16 земји формираа форум за економска соработка со Пекинг наречен 16 + 1, кој беше проширен во 17 + 1 во 2019 година со додавање на Грција.

Иницијативата бргу беше кооптирана во далекусежната кинеска иницијатива „Појас и пат“, која започна во 2013 година, со тоа што Пекинг го гледаше регионот како пат за евтин пристап до европските пазари и геополитички терен во рамките на континентот. Но, форумот неодамна го изгуби интензитетот, бидејќи европските членки се разочараа од Пекинг, бидејќи плановите за градење на инфраструктурата во регионот не се развија како што се очекуваше и заостанаа многу посакувани инвестиции од Кина.


Растечката загриженост за т.н. „маска дипломатија“ во Пекинг низ пандемијата COVID-19 и агресивната „волк воин“ тактика на нејзините дипломати низ цела Европа ,исто така, ги засилија ставовите и ја зголемија безбедносната загриженост заради Кина. Растечките геополитички тензии меѓу Пекинг и Вашингтон, поттикнаа многу земји во регионот да ги проценат своите стратегии за Кина, делумно откако САД го зголемија фокусот на Кина во 5Г технологијата.

„21-от век станува век на ривалство меѓу Вашингтон и Пекинг - и има сè помалку простор за сиви области. Мислам дека гледаме бавно поместување каде многу земји гледаат дека нивните врски со САД се поважни од соработката со Пекинг.“, изјави за РСЕ Вук Вуксановиќ, истражувач на Лондонската школа за економија и политички науки и поранешен српски дипломат.

Негирање на соперникот

Европската унија зазеде поостар пристап кон Кина, обележувајќи ја земјата за ривал и спротивставувајќи се на Пекинг за прашања како што се кршење на човековите права во Хонг Конг и западната кинеска провинција Ксинџијанг. Но, и покрај заострените односи, економските релации меѓу Брисел и Пекинг сè уште се клучни, со тоа што ЕУ стана најголем трговски партнер на Кина, а Кина стана втора по големина во ЕУ, по САД. Иако многу земји од Централна и Југоисточна Европа ги ограничуваат кинеските фирми во нивните 5Г мрежи, тие сè уште бараат како да ги зачуваат врските со Пекинг во други сфери. Движејќи се напред, многу европски земји ќе се надеваат на покоординирана политика на Кина со Вашингтон, што ќе им овозможи да ги следат заедничките стратешки цели без да мора да го отуѓуваат Пекинг како партнер.

Ова ги натера земјите од целиот континент внимателно да ги следат претседателските избори на 3 ноември во САД, каде и двајцата кандидати предложија различни стилови, но слични ставови, во однос на нивната политика во Кина. Администрацијата на Трамп се држеше на тврдиот став кон Пекинг, но следеше едностран пристап што ја остави ЕУ однадвор да гледа и, на моменти, да биде во вкрстен оган на политичките потези на САД. Напнатоста меѓу САД и Европа во врска со прашањата од трговијата и Иран, исто така, ги затегна врските меѓу Вашингтон и Брисел во последните неколку години.

Поранешниот потпретседател Џо Бајден ,исто така, повика на остри политики кон Кина, сигнализирајќи ѝ на Европа дека поконфронтативниот пристап на Вашингтон кон Пекинг е тука за да остане.

„Повеќето европски земји разбираат дека постои растечки двопартиски консензус во Вашингтон да се гледа на Кина како противник и тоа ќе продолжи под администрација на Бајден или Трамп“, рече Картеги Братберг.

Но, советниците за надворешна политика на Бајден се разликуваат во тој правец, повикувајќи на консултативен пристап со Европа, велејќи дека ќе се консултираат со сојузниците за какви било идни американски тарифи за Кина и ќе прифатат мултилатерален стил што ќе ги балансира загриженоста за тоа како најдобро да се соочиме со Пекинг во Европа и низ целиот свет.

„Она што го сакаат Европејците е колега на САД кој го дели ставот на ЕУ дека Кина е ривал што треба да се провери, но сепак може да биде партнер за некои важни глобални прашања“, рече Братберг.

XS
SM
MD
LG