Достапни линкови

Апел до Пендаровски за спас на Охрид


Античкиот театар во македонскиот град Охрид, во близина на Стариот град. Во 1979 година УНЕСКО го прогласи Охридското Езеро за светското наследство според природните критериуми.

Има ли моќ претседателот да наложи институциите да спроведат мерки за Охрид да го зачува статусот на Светско природно и културно наследство на УНЕСКО? Дел граѓански организации сметаат дека е така, но од Кабинетот на Пендаровски одговараат дека неговите ингренции во оваа област се во „помал обем“.  

Претседателот Стево Пендаровски треба итно да ѝ наложи на Владата и другите надлежни институции во земјава да спроведат мерки за воспоставување на неопходната заштита на Охридскиот регион, за тој да го зачува стусотот на Светско природно и културно наследство наУНЕСКО, бараат активистите од граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Тие деновиве упатија ваков апел до Пендаровски, наведувајќи дека освен Владата и тој има обврска да се грижи за извршување на меѓународнитe договори кои ги потпишала државата. Според нив, претседателот Пендаровски има „голема моќ“ да ги промени работите во Охрид.

Имено, поради загрозување на подрачјето со нови проекти и влошување на состојбата во урбаните, руралните и природните предели на Охрид му се заканува загрозување на овој статус.

Искра Стојковска од „Фронт 21/42“ вели дека ,според Членот 23 од Законот за склучување, ратификација и применување на меѓународните договори, претседателот на државата има можност да упати формални барања до надлежните министри и институции да ги спроведат законските обврски кои се регулирани со Законот за управување со Охридскиот регион, Законот за заштита на природата, како и делови од Законот за животна средина и понатаму да го надгледува спроведувањето на тие чекори.

„Ние поаѓаме од законот којшто го уредува постапувањето по меѓународните договори. Тој закон многу јасно ја лоцира одговорноста за спроведувањето на Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство, којашто е форма на меѓународен договор, кај Владата и кај Претседателот“, вели Стојковска.

По ваквите барања Радио Слободна Европа побара став од Кабинетот на Претседателот. Оттаму уваеруваат дека животната средина и заштитата на културното наследство се приоритетни теми од интерес за претседателот Пендаровски, но оти сепак неговите ингренции во „овој домен се во помал обем.“

„Покрај актуелизацијата на прашањето за животната средина на Советот за безбедност, јавната поддршка и редовните средби со граѓанските организации, кабинетот на претседателот е во редовна комуникација со надлежните владини институции“, се вели во одговорот од Кабинетот на Претседателот.

Од институцијата ,исто така, наведуваат дека претседателот Пендаровски ги следи актуелните случувања во однос на заштитата на Охридскиот регион и оценките на УНЕСКО и дека претседателот неколку пати истакнал дека треба да се направи се што е потребно за да биде сочуван статусот на Охрид.

Апелот на „Фронт 21/42“ до претседателот Пендаровски беше упатен по последниот Нацрт-извештај на УНЕСКО за состојбата во Охрид, кој минатата недела го добија институциите во земјава.

Во Нацрт-извештај е неведено дека се исполнети условите Охридскиот регион да биде впишан во листата на Светско и културно наследство во опасност, бидејќи властите не одговориле соодветно на обврските коишто УНЕСКО ги побара од нив уште пред повеќе од три години.

УНЕСКО подолго време укажува дека македонската централна власт, како и локалните власти и другите институции во земјава не ги отстрануваат постоечките закани за Охридскиот регион на кои организацијата на ОН посочуваше и во претходните извештаи.

На пример, дел од пробемите на кои укажува УНЕСКО се дивоградбите, несоодветната урбанизација и експлоатација на брегот на Охридското Езеро, зголеменото загадување на Охрид, нарушувањето и уништувањето на животната средина и на силниот притосок од туризмот.

Охрид - поглед на Срариот град.
Охрид - поглед на Срариот град.

Стојковска вели дека со Пендаровски имале средба пред од една година, на која го запознале со состојбата и „особено со итната потреба“ да биде усвоен нов ефикасен закон за управување со Охридскиот регион.

„На таа средба самиот претседател предложи формирање на мала работна група, во која би учествувале претставници на неговиот кабинет, Владата и граѓанскиот сектор. Исто така, вети дека веднаш по изборите ќе се заложи за процесот за усвојување на новиот закон. За жал ,во меѓувреме, се случи пандемија и сите овие теми отидоа во втор план, но мислам дека ова е добро време да се актуелизира повторно таа идеја“, вели Стојковска.

Искра Стојковска - „Фронт 21/42.“
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:41 0:00
Директен линк

Од Кабинетот на Пендаровски велат дека претседателот ја поддржува одлуката на Владата за завршување на процесот на отстранување на сите бесправно изградени објекти кои се опасност за Охридскиот регион.

„За таа цел ќе се организираат иницијативи со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебарца, за секоја институција итно да ги преземе сопствените одговорности, како и да се спроведе поништување на сите аспекти од штетните проекти кои се наследство од минатото“, велат од Кабинетот на Претседателот.

Од „Фронт 21/42“ сметаат дека за спроведување на препораките на УНЕСКО неопходни се неколку итни чекори за чие спроведување „само во претседателот гледаме спас“, велат од организацијата.

Оттаму велат дека претседателот има можност да наложи министерот за животна средина да донесе наредба за забрана на било каква урбана или градежна трансформација на Охридскиот регион, вклучително било какви административни или други чекори за реализација на веќе одобрени планови и проекти кои значат урбана трансформација, како на пример нови хотели во близина на Билјанини извори, марина, урбанизација на селата и така натаму, велат од „Фронт 21/42.“

Самуилова тврдина во Охрид.
Самуилова тврдина во Охрид.

Исто така, од организацијата сметаат дека е важно министерот за животна средина да го спроведе Членот 97 од Законот за заштита на природата и да го стави Охридското Езеро под привремена заштита.

„Бидејќи во моментов се одвива процес за негово репрогласување како споменик на природата, меѓутоа нѐ загрижува тоа што исто како кај Планот за управување со регионот, и овде пресуден фактор е брзоиот рок за изработка на таа студија. Ова повторно потсетува на брзање колку државата во следниот извештај да има што да прикаже дека направила, а сметаме дека критериум треба биде значењето на Охридското Езеро и воспоставување на привремена заштита би значело оневозможување на понатамошна деструкција и на езерото, на Студенчишко блато и на Билјанини извори“, вели Стојковаска.

Таа вели дека клучно од овие чекори е актуелизирањето на усвојување на нов Закон за управување со Охридскиот регион.

Конечната одлука за тоа дали Охрид ќе добие статус на светско природно и културно наследство во опасност се очекува да биде донесена до јуни оваа година.

Еколозите од земјава сметаат дека „тешко“ е да се очекува за неколку месеци властите да направат напредок во однос на препораките на УНЕСКО, особено што во новиот извештај пишува за дополнително загрозување на подрачјето со нови проекти и влошување на состојбата во урбаните, руралните и природните предели.

Во новиот Нацрт-извештај на УНЕСКО меѓу другото, се вели дека во старото градско јадро на Охрид се вршат градежни интервенции за реконструкција на куќите со користење на несоодветни градежни материјали, која влијае врз автентичноста на градот, дека се врши изградба на високи згради со слаб архитектонски квалитет во близина на езерото, а дека отстранувањето на нелегалните градби се одвива бавно.

УНЕСКО во претходните извештаи од властите во земјва достави 19 препораки кои треба да бидат спороведени за Охрид да исполнува услови да има Статус на светско проиродно и културно наследство.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG