Достапни линкови

Планот за Охридскиот регион без нов Закон е само листа на желби?


Охридско Езеро, Охрид.

Прво треба да се донесе новиот Закон за Охрид, па потоа да биде усовен Планот кој го најави Владата за спроведување на препораките на УНЕСКО, реагираат невладините по објавувањето на документот на почетокот на октомври. Ставот на власта е дека Планот е основа за сѐ во врска со препораките.

Различните ставови со власта околу пристапот во спореведувањето на препораките на УНЕСКО се бидејќи, според граѓанските организации кои ја следат состојбата во Охрид, Владата „под итно“ прво треба да го финализира Законот за Охридскиот регион со тоа што ќе ги исклучи „спорните одредби“, да го испрати на усвојување во Собранието, а дури потоа да биде усвоен и Планот.

„Односно (Владата) доследно да го почитува законски регулираниот начин на носење правни прописи. Дури по усвојувањето на Законот да ја започне постапката за носење на Планот“, е едно од новите барања на граѓанската организација „Фронт 21/42.“

Второто барање на „Фронт 21/42“ е претходно општините Охрид и Струга „да ги ревидираат своите одлуки за т.н. мораториум и вистински да воведат мораториум на сите крајбрежни трансформации, а општина Дебарца конечно да донесе ваква одлука“, велат од организацијата.

Последните реакции на екологистите доаѓаат по објавувувањето на владионот Акциски план за спороведување на Планот за управување со Охридскиот регион, според кој, донесувањето на Законот се планира до крајот на 2020 година.

Од друга страна, ставот на министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, кој е и претседател на националната комисија за УНЕСКО, е дека Планот е основата за сѐ во врска со спроведувањето на препораките на УНЕСКО.

Тој за РСЕ вели дека документот е објавен и јавноста може да ги разгледа сите планирани активности, посочувајќи дека во следниот период ќе има и две јавни дебати за Охридскиот регион на кои како што рече секој ќе има можност да даде предлози и мислења кои потоа може да бидат прифатени. Toj додава дека УНЕСКО е меродавна институција за прогресот во насока на спроведувањето на препораките на УНЕСКО, уверувајќи оти Владата е посветена на нивно имплементирање.

Претходно на брифинг со новинарите, Адеми за Законот изјави дека тој бил повлечен бидејќи општините во Охридскиот регион во меѓувреме самите прогласиле мораториум за градби и оти имале други механизми со кои можат да ги споведат препораките.

Според „Фронт 21/42“ прво усвојувањето на Законот, па потоа Планот прави „огромна разлика“, бидејќи како што истакнуваат од организацијата, стариот закон нема одредби кои упатуваат на прекршоци од областа на градењето и урбанизмот, односно дека со стариот Закон не постои правен механизам за спречување или казнување за прекршување на одлуките за мораториум или градење во строго заштитената зона, како и тоа дека нема ниту надлежен орган кој има законска ингеренција да врши инспекциски надзор на спроведувањето на мораториумот, а оти во текстот од новиот Закон тоа е јасно дефинирано.

„Не веруваме дека е случајно што во одлуките за „мораториум“ на двете општини е избегнат токму овој елемент – што ако не се спроведува и кој врши надзор и казнување за неспроведувањето“, велат од „Фронт 21/42.“

Охрид
Охрид

Во новиот Закон за Охридскиот регион, како што објаснуваат од организацијата, членот кој го уредува мораториумот навистина ја спроведува препораката на УНЕСКО, односно се однесува на сите урбани и крајбрежни трансфорамции, вклучително и оние за кои се издадени решенија за градби и усвоени планови.

Од „Фронт 21/42“ велат дека новиот Закон за Охридскиот регион не само што ја дефинира содржината на Планот за управување, туку и начинот на неговото донесување, како и Совет кој ќе се грижи дека планот се почитува, односно ќе управува со регионот, но и дека според новиот Закон треба прво да се формира Советот, а потоа да се пристапи кон изработка на Планот.

„Во отсуство на претходно формиран Совет, јасно дефиниран во закон, Планот за управување е ништо повеќе од листа на желби без никаква употребна вредност – кој ќе го спроведува, по кои правила, за што и како ќе одговара ако не се спроведува и т.н. Со други зборови власта си дава една година вакуум во кој за пред УНЕСКО и сите гледачи на вести по дома, ќе има План за управување, одлуки за мораториум, регистар на дивоградби, а во реалноста ќе продолжи со реализација на се што е испланирано, договорено, ветено... Ем волкот сит, ем овците на број“, наведуваат од „Фронт 21/42.“

Граѓанската организација исто така реагира дека во општина Охрид се појавила нова верзија на мораториумот со која, како што наведуваат, тој „сега не важи ни за отпочнатите постапки за отуѓување на градежно земјиште, одлука која била донесена на 26 септември оваа година објавена на Службениот гласник на 7 октомври.“ За „Фронт 21/42“ ова со други зборови е „еден чекор кон ново градење.“

„Во истиот Службен весник може да видите и дека општината одобрила нови градби и поголема катност – ова е јасно прекршување на препораката за мораториум од УНЕСКО, но сосема во согласност со одлуката за „мораториум“ на Општина Охрид“, велат од „Фронт 21/42.“

Во меѓувреме, деновиве реакции на социјалните мрежи имаше и од страна на граѓанската организација „Охрид СОС“ која објави видео со објаснување дека се сечат борови дрва околу хотелот Инекс Горица на државно земјиште и на земјиште во сопственост на хотелот, на што градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски на Фејсбук одговори дека не се работи за уништување на зеленилото, туку дека Одделението за заштита на животната средина на општината во јули оваа година донело решение со кое Инекс Горица била задолжена да пресече четири кедари и три бора, бидејќи дрвјата биле стари и исушени кои при неповолни временски услови претставуваат опасност за луѓето.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG