Достапни линкови

Амбициозен старт на антикорупционерите, резултатите неизвесни?


Државна комисија за спречување на корупција

За експертите работата на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата е позитивен сигнал дека работите се поместуваат од мртва точка. Сепак предупредуваат дека за вистински реформи се потребни конкретни резултати, а не само добра волја.

Амбициозниот старт во работата на новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата, според упатените, е добар сигнал во процесот на реформи во борбата против корупцијата. Одлуките кои Комисијата ги донесе во последните два месеци се извршни и за нив мора да се поведат постапки од надлежните институции, вели првиот човек на „Транспаренси Интернешнал“, Слаѓана Тасева.

„Ова е многу добар почеток, посебно после вчерашната одлука која се однесува на судирот на интереси во Советот на јавното обвинителство. Таа претставка ја поднесе и „Транспаренси интернешнал“ уште минатата година пред да биде разрешен претходниот состав на комисијата. За нас тоа е добар сигнал дека веќе ќе почне да пука мразот од корупција којшто го гледаме наоколу околу сите институции на оваа заробена држава“, вели Слаѓана Тасева.

Оптимизмот на Тасева не го дели професорот Арсим Синани, од Центарот за меѓународни студии и балкански истражувања, според кој забрзаниот старт на Антикорупциската е само шминка на власта која сака да прикаже реформи.

„Јас не верувам дека многу брзо во земјава ќе се решат овие работи. Мислам дека им треба голема трансформација на институциите кои ја изгубија довербата на граѓаните. Гледаме само пресуди, обвиненија, но не и резултати. Не гледаме дека тие пресуди се реализираат“, посочува професорот Арсим Синани.

И Тасева додава дека многу повеќе треба да се направи од она што го прави Антикорупциската комисија. За да се постигне ефект во реформите во оваа област потребни се конкретни резултати на Јавното обвинителство, посочува Тасева, укажувајќи на фактот дека има многу случаи во обвинителствата за кои нема никакво поместување во однос на конкретните постапки или изрекување санкции во однос на лицата кои биле корумпирани. Тасева се надева дека новиот состав на Комисијата нема да дозволи мешање на политиката во нивното работење.

„Мислам дека нивните надлежности, начинот на којшто тие се избрани веќе им дадоа на почетокот можност да се одвојат од политиката и да не дозволат никаков упад и влијание во нивното работење. Секако дека политичките интервенции биле проблем досега, но мислам дека ќе успеат да ги отстранат или барем да проговорат јавно ако такво нешто се случува или ќе се случи“, вели Тасева.

Инаку членовите на Антикорупциската комисија вчера утврдија дека во 6 од 18 случаи во кои беа вработени блиски роднини на пратеници или функционери на власта, критериумите во огласите биле местени за да одговараат токму за кандидатот кој требало да биде вработен.

И премиерот Зоран Заев синоќа од Прилеп изјави дека ги слушнал одлуките на ДКСК и ги повика сите кај кои било утврдено неправилности во нивното вработување да се повлечат од своите работни места, но исто така, побара од комисијата да ги соопшти резултатите и за другата страна, која како што рече, била пример за непотизам во државата и целото партиско и роднинско вработување.

Меѓу другото, Комисијата донесе одлука и за поведување две прекршочни постапки против претседателот на државата Ѓорге Иванов за донесени укази за унапредување и поставување старешини во Армијата за време на изборниот период.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG