Достапни линкови

Политиката е против независни антикорупционери


Претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева.
Претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева.

Во земјата има добри закони за борба против корупцијата, но проблемот е што не се спроведуваат, а за тоа клучна е политичката волја, вели претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева. Според најновиот извештај, Македонија се уште е меѓу најкорумпираните држави на Балканот.

Со резултат 37, Македонија напредува за два поена од минатата година според индексот за перцепција на корупција на Транспаренси интернешнл, но сепак 26 поени помалку од 2013 година. Напредокот е мал и покрај тоа што земјата на ранг листата е повисоко за 14 позиции, но препорачуваат споредбите да не се прават по местото оти позицијата зависи од бројот на земји кои се рангираат на исто место. Македонија се уште е во втората половина на листата и спаѓа во групата на хибридни режими кои се уште имаат проблеми со демократијата.

„Македонија се наоѓа на многу ниското 93 место од вкупно 180 рангирани држави, со 37 од можни 100 поени и се наоѓаме многу под 50 поени и подолу од половината рангирани држави“, вели претседателката на Транспаренси Интернејшнал Македонија, Слаѓана Тасева.

Презентирајќи го извештајот на прес-конференција, Тасева рече дека анализите покажале дека судството се уште е обележано со многу силно црвена боја и се смета за проблем за развој на демократија. А позитивни се резултатите за овозможување на учество за градење на политиките од страна на граѓанскиот сектор.

Во земјата има добри закони, но проблемот е што не се спроведуваат, вели Тасева.

„Затоа што политичката волја не е изразена само преку донесување на закони во Собранието, политичката волја е многу посилна потреба за да се дозволи институциите да ги спроведуваат законите како се напишани. Ние гледаме силна политизација на институциите што всушност се одразува и во дефинирањето на државата како многу слаба демократија. Се она што треба да се направи е да се обезбеди политичка волја за независна работа на институциите кои што ќе имаат добар капацитет да ги спроведат законите“, вели Тасева.

А и Обвинителството се покажа како една од најголемите пречки во борбата против корупцијата. Анализите на случаите на корупција и нивниот тек низ институциите покажува, вели Тасева, дека и поднесените како кривични пријави до Обвинителство таму заглавуваат.

Македонија речиси една годна нема државна комисија за спречување корупција, а доцнеше и носењето на Законот за антикорупција. Собранието бурно расправаше за избор на комисијата која ќе треба да го бира новите антикорупционери. Запрашана дали партиите сакаат да имаа превласт на тоа кои луѓе ќе влезат во Државата актикорупциска, Тасева вели дека секогаш тоа го сакаат.

„Се уште не се откажале од контролата, затоа што комисијата сега има надлежности да ги контролира финансирањето на партиите и тоа да го прави многу независно, со користење на бази на податоци и со увид во банкарски сметки, тоа многу им смета и затоа не сакаат. Политиката не дозволува да се има конкретен увид или да има независни институции кои ќе можат да го следат работењето на политичарите, работењето на власта, а тие сакат контрола на тоа кој ќе влезе внатре за да може да знаат што да очекуваат“, вели таа.

На прашањето дали СЈО се пазари со политичарите за да опстане да функционира како обвинителство, оти му треба двотретинско мнозинство во собранито да биде изгласан законот за нив, Тасева вели дека сликата за СЈО, за жал, се заматува.

„Значи она што го имавме како сомневање дека ќе се успее нешто да се сработи со така поставениот закон за СЈО којшто го ограничуваше нивниот рок за работење, тогаш имавме резерва, имавме сомневање, меѓутоа имавме големи очекувања и надежи. Меѓутоа, сега тие очекувања и надежи како да се губат, затоа што прашањата за капацитетот, прашањата за можноста да се сработи нешто друго, значи изборот на предметите, начинот на којшто се бираат предметите, откажувањето или создавањето простор за да се добие нов мандат или нов закон со откажување на дел од претходните барања, сето тоа многу личи на она што претходно беше и со прашањето на амнестијата и со прашањето на менување на Уставот. Значи, сè во државава како да се сведува на некакво договарање и пазарење, а се очекува сите да веруваме дека тоа е за доброто на сите, иако се создаваат лоши преседани“, вели Тасева.

Оваа година подобрувањето не се должи на работата на институциите надлежни за борба против корупцијата. Напредокот оваа година има две компоненти - работата на СЈО, кое беше поактивно и повидливо изминатата година и партиципативноста во процесите за градење на политики и донесување на закони што ја подобри сликата како предуслов з апдобрување на борбата против корупцијата, рече Тасева.

Извештајот на глобално ниво покажува дека континуираниот неуспех на повеќето држави за значително да ја контролираат корупцијата придонесува за криза на демократијата во светот.

Од земјите во регионот највисоко рангирана е Словенија, потоа Хрватска, па Црна Гора, но тие сепак бележат пад од лани, Македонија со Косово се на дното од регионот и покрај тоа што нашата земја бележи раст.

Препораките на Транспаренси се дека треба да се зајакнат институциите одговорни за одржување на системот на спреги и кочници над политичката моќ и да се обезбеди нивна способност да функционираат без интимидација.

Потоа да се затвори јазот во имплементација меѓу актикорупциското законодавство, практика и спроведување, да се подржат граѓанските организации кои ја зајакнуваат политичката вклученост и јавниот надзор над трошењето на владата, особено на локално ниво и да се поддржат слободни и независни медиуми и да се обезбеди сигурноста на новинарите и нивната способност да работат без заплашување и малтретирање.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG