Достапни линкови

Антикорупциска утврди дека роднини на функционери се вработувале на „штелувани“ огласи


Илустрација: Непотизам

Антикорупциска утврди дека кај шест од вкупно 18 случаи на вработувања на блиски роднини на функционери имало измени на актите за вработувања и тие не одговaрале на систематизацијата, туку критериумите во огласот биле местени за кандидатот што требало да биде вработен.

Еден од таквите примери е вработувањето на синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор, во ЕЛЕМ, за кого било измислено работно место.

Антикорупциската комисија на денешната седница едногласно одлучи да поднесе прекршочна пријава против министерот за економија Крешник Бектеши затоа што не ја известил Државната комисија за спречување на корупција дека сестра му се вработила во МЕПСО, а кога се вработила, живееле на иста адреса. Исто така, немало ниеден документ на кој начин се вршело бодувањето на огласот и како била избрана токму таа.

Работното место за сестрата на министерот за култура Асаф Адеми во ЕЛЕМ, пак, било креирано две недели пред објавување на огласот.

Антикорупциска утврди дека бил „штелуван“ огласот за вработување на сестрата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, во Централниот регистар. На огласот се барал кандидат со завршен факултет по географија. Работното место на мајката на неговата сопруга во ученичкиот дом Мирка Гинова во Битола биле креирано две недели пред објавувањето на огласот, а спорно е и вработувањето на таткото на неговата сопруга во РЕК Битола. По избувнувањето на аферата, тој си даде отказ.

Антикорупциска утврди непотизам и при вработувањата на сопругот на државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска во ЕЛЕМ.

Градоначалникот на Прилеп ќе добие пријава за „штелување“ на критериумите за вработувањето на неговата внука во општината. Пред објавувањето на огласот, критериумите биле сменети, па место Правен или Економски факултет, се барало кандидатот да има завршено книжевност, за да ги исполни внуката.

Сомнителен е и начинот на кој била вработена мајката на пратеникот Костадин Костадинов во Централен регистер. По избувнувањето на аферата, таа си даде отказ.

XS
SM
MD
LG