Достапни линкови

Не е проблем кратењето, туку кој ќе остане во администрацијата


Илустрација: Администрација, шалтери и работа со странки

Од јавната администрација и сега заминуваат квалитетните кадри. Проблемот со кој ќе се соочи јавниот сектор во догледно време, не е толку дали тој ќе се намали или не, туку кој ќе остане да работи во него, вели професор Драган Гоцевски.

Клучното прашање не е за колку ќе се намали бројот на вработени во јавниот сектор, туку кој ќе остане, вели професорот по администрација Драган Гоцевски, кој посочува дека државниот сектор веќе има проблем со вработување стручни кадри.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев пред неколку дена најави дека, ако победат на изборите, ќе го намалат бројот на вработени во администрацијата за 20 отсто. Со оглед на тоа што „државно“ работат околу 140 илјади луѓе, тоа значи дека без работа треба да останат 30 илјади луѓе.

Се наметнува прашањето дали јавниот сектор може да се скрати за толку без тоа да се одрази на неговото функционално работење, и од друга страна, дали партијата што ќе дојде на власт ќе има политичка храброст да изврши толку длабок рез, со оглед на тоа што администрацијата досега служеше за ухлебие на партиските војници.

Дополнително, токму СДСМ, од доаѓањето на власт, го зголеми бројот на вработени во јавниот сектор за 10 илјади луѓе. Според податоците на министерството за информатичко општество и администрација, на крајот на 2016 година во јавниот сектор работеле скоро 130 илјади луѓе, додека на крајот на 2018 имало скоро 140 илјади вработени.

Професор Гоцевски вели дека извршната власт нема надлежност врз целиот јавен сектор, зашто тука спаѓаат и правосудството и локалната администрација, кои владата не може да ги скрати. Тој посочува дека само во јавната администрација работат скоро 16 илјади луѓе, и оти таму може да се скратат 4 илјади работни места. Една третина од нив се рамковно вработените кои воопшто не одат на работа, така што нивното отпуштање никако нема да влијае на работата.

„Од 2011 година полека се зголемува трендот, и сега веќе не е ни толку акутен, лицата вработени во јавниот сектор коишто се остручени, коишто стекнале знаења, стекнале контакти, стекнале мрежа на познанства, веќе знаат да работат, и самите заминуваат. Така што, проблемот со кој ќе се соочи јавниот сектор во догледно време, не е толку дали тој ќе се намали или не, туку кој ќе остане да работи во него, затоа што лицата кои се покомпетитивни, спремни да работат, нема да останат да работат за платите кои се нудат таму“, вели Гоцевски.

Тој посочува дека македонскиот јавен сектор не е преголем и оти може да се скрати за 10-12 илјади луѓе, но 30 илјади се премногу. Има дефицит од информатичари, фалат вработени во културата, во здравството, во социјалната грижа, а противпожарните служби кубурат со луѓе, вели тој. Гоцевски потсетува вели дека од јавниот сектор годишно заминуваат или одат во пензија меѓу 700 и 1000 луѓе, така што тоа би бил безболен начин на намалување на бројот на вработени во јавниот сектор.

Професор Башким Селмани потсетува дека во изминатите 30 години јавната администрација служи за вработување на партиските војници.

„Јас не верува дека има храброст. Тоа повеќе е една политичка отколку реална изјава. Сега има повеќе вработени отколку пред четири години. Нема храброст, зашто ако има храброст ќе има последици“, вели Селмани.

Заев пред неколку дена најави дека ќе ја намалат јавната администрација за 20 отсто, за да се направи поефикасен јавен сектор. Тој рече дека први на удар ќе бидат административците кои имаат приватни фирми и оти ќе им се исплаќаат отпремнини на оние кои ќе заминат. Владата исто така најави проект за субвенционирање на платите на оние кои од администрацијата ќе заминат во приватните фирми.

„Едниот дел е ќе се заблагодариме, дечки имате приватна фирма, работите успешно во таа фирма, менаџери сте, ве молат ослободете го тоа место. Сите оние коишто ќе склучат договор за работа во приватниот сектор, и тоа договор за трајно вработување во приватниот сектор, ќе добијат шест отпремнини, шест бруто плати за да ги стимулираме“, рече Заев.

Портпаролoт на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, пак не зборува за бројки, туку само вели дека тие ќе направат ефикасна администрација која ќе биде во служба на граѓаните.

„Не може човек чијашто партија само во два месеци вработи илјадници нови административци само и само во изборни цели, сега да ветува дека ќе ја намалува администрацијата и со самото тоа да им се заканува на оние луѓе кои се дел од јавната администрација.

СДСМ, пак, најавува дека просецот на намалување на администрацијата ќе тече во координација со синдикатот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG