Достапни линкови

Администрацијата се полни, факултети молат за обнова на кадарот


. Студенти, факултети, студент. УКИМ.
. Студенти, факултети, студент. УКИМ.

Зар е можно Институтот за хемија да моли за гол опстанок, се чудат професорите. До ова доаѓа откако на нивното барање за обновување на кадарот добија одговор дека буџетот за 2020 веќе е донесен. Во меѓувреме, јавноста е сведок за многу вработувања во државната администрација.

„Зар е можно Институтот за хемија, кој е престижна високо-образовна институција да моли за гол опстанок? Барањата за вработувања беа ургентни и неразбирливо е како тие согласности не се доделени кога сме сведоци дека особено последниов месец беа реализирани многу вработувања на некои од факултетите на УКИМ, на други универзитети, а да не зборуваме и за други државни институции“.

Со овие зборови професорката Марина Стефова, раководител на Институтот за Хемија го коментира одговорот што деновиве во вид на извесување го добиле од Министерството за образование, што конечно им пристигна по многуте обиди уште на почетокот од школската година да преговараат со надлежните во МОН за да добијат согласност за вработување на 2 асистенти и 4 виши лаборанти.

Институтот за хемија и натаму без ниту еден асистент

“Oдговорот го добивме во вид на известување препратено од МОН а всушност известување од финансии и тоа стаса минатата недела. Одговорот е од крајот на декември во кој се вели дека буџетот на Македонија за 2020 година е донесен поради што е потребно барањата за согласности да ги доставиме за идната година, што значи НЕ. Иако барањето беше првпат инцирано како ургентно уште на крајот на август и во септември пред почетокот на семестарот се надевавме дека барем следниот семестар ќе стасаме до решение, но еве нема, продолжува со голготата или приказната низ лавиринтот. Ние барањето ќе го обновиме, но прашањето е дали повторно нема да бидеме известени дека не сме во планот?“, вели професорката Стефова.

Од МОН ни рекоа дека барањето за вработување кадар на Институтот за хемија било одобрено од Министерството за образование и наука и процесуирано до Министерството за финансии и дека од таму доставиле одговор со извесни забелешки по кои институтот треба да постапи.

"Институтот треба да достави ново барање заедно со дополнителната потребна документација. Веруваме дека крајниот исход ќе биде позитивен за високо-образовната установа од која очекуваме да постапи час поскоро согласно со насоките од Министерството за финансии, а во интерес на студентите и образовниот процес" велат од МОН и додаваат:

"Министерството за образование и наука искрено се заложува за подобрување на состојбите на високото образование. Еден од приоритетите е и ангажирањето кадар во доволен број, секаде каде што недостига, така што сите издржани барања за вработувања кои на годишна основа се доставуваат од универзитетите, МОН ги одобрува и проследува во Министерството за финансии".

Инаку и некои од професорите на УКИМ деновиве на своите фејсбук профили коментираа дека е загрижувачка состојбата и оти од друга страна јавноста е сведок дека масовно се вработуваат луѓе во државната администрaција.

„СМРТ ЗА ХЕМИЧАРИТЕ! Известивме дека од 47 души сме сведени на 18... Баравме места... Освојувавме вредни резултати на олимпијади. Што уште да сториме за експонентите на Државата да не сфатат сериозно? ТРЕБА ЛИ ДА СЕ СОБЛЕЧЕМЕ ГОЛИ, млади дами и господа од Владата на РМ? Или кој ни е крив што не сме дел од оние неколку илјади административци што се примени... Зашто Државата – тоа е администрацијата“, напиша Владимир Петрушевски професор на Институтот за Хемија.

До овие коментари доаѓа во услови кога Собранието го изгласа буџетот во декември минатата година.

Во меѓувреме, дополнителната заменичка министерка во Министерството за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски критикуваше дека од 6 ноември, кога стана познато дека ќе се формира техничка влада досега се распишани огласи за 4.131 работно место во државната управа, преку Агенцијата за вработување и Агенцијата за државни службеници. На забелешките за вработувања во администрацијата пред избори, министерот за информатичко општество Дамјан Манчесвки пак, одговара дека нема предизборни вработувања и оти институциите имаат потреба од кадар затоа што на крајот на годината се прекинуваат договорите за вработување на определено време.

Од вкупно 58 вработени во 2000 година од кои 11 асистенти и 14 лаборанти, денес Институтот за Хемија има 24 вработени од кои 20 наставници и 4 лаборанти и ниту еден асистент.

Проблемот со недостигот на кадар, но и неопременоста на лабораториите беа причина за протест на професори и студенти пред ПМФ во Скопје во октомври мината година кога порачаа дека не смеат повеќе да работат во лоши услови.

Тогаш ги поддржаа и нивни колеги кои имаат слични кадровски проблеми на своите факултети.

НаКС обвинува за атак врз синдикалното здружување

Претставниците на Независниот академски синдикат во кој членуваат и другите факултети повеќе пати во изминатиот месец излегуваа на прес конференции и укажуваат дека на УКИМ и на УКЛО состојбата со асистентите, кои за кратко време ќе треба да ги заменат своите професори, е алармантна.

Резултатите кои НАкС неодамна ги презентираше во јавноста покажуваат дека на УКИМ, од вкупно 26 факултети, на осум факултети немаат ниту еден вработен асистент, додека на УКЛО состојбата е уште полоша и на повеќе од половина од факултетите не е вработен ниту еден асистент.

Резултатите од последните истражувања на синдикатот покажа и дека буџетот за високо образование и за наука не се носи во транспарентна постапка и дека вложувањата во високото образование се меѓу најниските во Европа и во континуитет опаѓаат.

Но членовите на НАкС кои во изминатиот период ги презентираа овие истражувања деновиве се соочуваат со нови проблеми. Од таму вчера на прес конференција изразија револт и од дописот на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, со кој од вработените во високото образование било побарано да формираат синдикат кој ќе биде под директен надзор на генералниот секретар на ректорот, оценувајќи дека тоа е атак врз синдикалното здружување.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG