Достапни линкови

Македонија ќе прифаќа бегалци од Авганистан кои работеле за меѓународни организации


Авганистан- Жени со деца се обидуваат да влезат на меѓународниот аеродром во Кабул, 16.08.2021

Најавата дека земјава е подготвена да прими бегалци од Авганистан кои ја напуштаат земјата откако талибанците заземаа голем дел од неа веднаш предизвика реакции во јавноста. Меѓу првите реагираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кој побара солидарност од побоготатите земји.

Македонија ќе прима бегалци од Авганистан кои биле вклучени во демократските промени во таа земја или работеле за меѓународни организации, агенции и така натаму, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој прецизираше дека првите бегалци кои од насилствата во Авганистан кои ќе се засолнат во Македонија се шест лица, претежно жени и деца. Тука пристигнуваат по барање на Обединетите нации бидејќи се роднини на вработени во канцеларијата на светската организација во авганистанскиот главен град Кабул.

„Како ќе се појават вакви барања од агенциите и меѓународните организации, а согласно соработката со Соединетите Американски Држави така ќе се прават проценки и ќе се прифатат во државата привремено“, рече Османи.

Од Владата попладнево во соопштение посочија дека во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан.

„Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од КОВИД-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани“ се вели во соопштението.

Владата, како што се наведува во соопштението, работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.

„Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации“, се наведува во владиното соопштение.


Мицкоски- побогатите земји да примат бегалци

На вчерашната најава на премиерот Зоран Заев дека земјава е спремна да прими бегалци од Авганистан реагираше и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На социјалната мрежа Фејсбук тој напиша дека „Зоран Заев не е способен да обезбеди грижа и заштита за нашите граѓани, не пак тоа да го прави за граѓани од трети земји“.

„Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, во ваква една ситуација, добро е да видиме пример на солидарност од побогатите земји од нашата Македонија, со пример да покажат вредности, да прифатат бегалци од Авганистан, а не со тапкање по рамо. После да размислуваме дали и кој ќе го плати..., инаку да потсетам и ова нели беше во главата на вмровците!“, напиша Мицкоски.

Канада ќе прими 20 000 авганистански бегалци

Како што пишува американското списание Форбс Соединетите Американски Држави досега примија 1200 Авганистанци кои добија специјална имигрантска виза, а планираат да примат уште 3500 во следните недели. Стејт департментот соопшти дека на илјадници други ќе им биде овозможено да бараат имигрантска виза врз основа на тоа што работеле за американски невладини организации или медиуми и поради тоа се во опасност од талибанците.

Во меѓувреме и Канада објави дека ќе прими 20 000 авганистански бегалци, а дека приоритет имаат борците за човекови права, ЛГБТ луѓето и други кои се во ризик. Други земји пак, членки на НАТО алијансата, како што пишува Форбс, ја сопреа депортацијата на Авганистанците кои се веќе во нивните земји. Меѓу членките на НАТО кои донесоа таква одлука се: Германија, Данска, Холандија, а Копенхаген се согласи да прифати 45 авганистански бегалци кои работеле за нивните сили во земјата. Ал Џезеира, пак, јави дека со депортации на Авганистанците прекинале и Финска, Шведска, Норвешка и Франција.

Мигранти- честа тема во јавноста

Инаку темата мигранти, што ја споменува и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ наведувајќи „нели беше во главата на вмровците“ последен пат беше експлоатирана во јавниот дискурс од неговата партија во 2018 година.
Тогаш од партијата тврдеа дека Владата планира да гради прифатен центар за мигранти во скопско Бардовци. Сега во таа населба се гради прифатен центар за странци, а како што тврдат властите тој нема врска со мигрантите, туку треба да го замени центарот во Гази Баба кој што е стар и е во населено место, а во Бардовци, тврди Министерството за внатрешни работи, нема да биде во населбата.

Од МВР велат и дека за мигрантите постојат два други транзитни центри во Гевгелија и Табановце, а во прифатниот центар во Гази Баба најчесто се сместуваат сезонски работници на кои им истекла дозволата за работа или престој, забавувачи во угостителските објекти без пријавен престој во државата, лица кои се затекнале тука без документ за идентификација и слично.

Пред локалните избори во 2017 година доселувањето мигранти исто така беше тема која почна да ја застапува ВМРО-ДПМНЕ, а и се собираа потписи против нивно доселување и се бараше одржување референдум. Едно испитување на јавното мислење спроведено таа година во 138 држави во светот од агенцијата Галуп Македонија ја смести на последното место според тоа колку мигрантите се добредојдени во државата.

Македонското општество- нетолерантно кон мигранти и бегалци

И сега читателите на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа во голем дел негативно реагираа на актуелната изјава на премиерот Зоран Заев за бегалците од Авганистан, алудирајќи дека ќе донеле криминал, силувања итн.

Според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи нетрпеливоста на македонските граѓани кон бегалци или мигранти не е нова. Тој вели дека негативни ставови имало и крајот на деведесеттите години кога Македонија прими бегалци од војната во Косово.

„Бегалците беа дел и од политичкиот дискурс пред неколку години кога се препираа поголемите политички партии. Мислам дека се ова влијаело во формирањето на толку екстремно негативното мислење и став околу бегалците“, вели Муслиу.

Тој додава дека сепак ова не е случај само во Македонија туку дека групи луѓе имаат негативни ставови кон бегалците и мигрантите и во други западни земји. Во екот на мигрантската криза кога и низ земјава поминуваат илјадници мигранти кој земјите од Западна Европа, големи антимигрантски протести се одржуваа во Германија и други европски земји.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG