Достапни линкови

Талибанците се вратија, што натаму?


Талибански борци во Авганистан, 15 август 2021 година.
Талибански борци во Авганистан, 15 август 2021 година.

Талибанците по влегувањето во главниот град на Авганистан Кабул најавија дека наскоро ќе ја објават формата на новиот режим во таа земја. Во меѓувреме, САД и другите земји се обидуваат да ги евакуираат нивните граѓани.

Талибанците објавија дека војната во Авганистан е завршена откако бунтовниците ја презедоа контролата врз претседателската палата во Кабул.

Претседателот Ашраф Гани ја напушти земјата во неделата, додека исламистичките милитанти практично без отпор влегоа во главниот град, велејќи дека сакаат да избегнат крвопролевање.

Талибанците влегоа во Кабул откако претседателот го напушти Авганистан

„Денес е голем ден за авганистанскиот народ и муџахедините. Тие беа сведоци на плодовите на нивните напори и нивните жртви во изминативе 20 години“, изјави Мохамед Наим, портпарол на талибанската политичка канцеларија, за ТВ Ал Џезира.

Војната заврши

На Талибанците им беше потребна нешто повеќе од една недела за да ја преземат контролата врз земјата, бидејќи авганистанските сили опремени од САД и сојузниците по цена од милијарди долари, се распаднаа.

Талибанци во авганистанската претседателска палата откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани избега од земјата, Кабул, 15 август 2021 година.
Талибанци во авганистанската претседателска палата откако авганистанскиот претседател Ашраф Гани избега од земјата, Кабул, 15 август 2021 година.

Ал Џезира објави снимка од, како што наведе, талибански команданти во претседателската палата со десетици вооружени борци.

Наим вели дека формата на новиот режим во Авганистан наскоро ќе биде разјаснета, додавајќи дека Талибанците не сакаат да живеат изолирано и повика на мирни меѓународни односи.

„Го достигнавме она што го баравме, а тоа е слободата на нашата земја и независноста на нашиот народ“, изјави тој.

Талибански лидер за Ројтерс изјави дека бунтовниците се прегрупираат од различни провинции и ќе чекаат додека странските сили не ја напуштат земјата пред да создадат нова управна структура.

Кои се Талибанците и како функционираат?

Лидерот, кој побара анонимност, рече дека на талибанските борци им било наредено „да им дозволат на Авганистанците да продолжат со секојдневните активности и да не прават ништо за да ги плашат цивилите“. „Нормалниот живот ќе продолжи на многу подобар начин“, рече тој за Ројтерс.

Стејт департмент денеска соопшти дека целиот персонал на амбасадата и амбасадорот Рос Вилсон, биле префрлени на аеродромот во Кабул за да чекаат евакуација, а американското знаме е спуштено и отстрането од комплексот на амбасадата.

Кабул по враќањето на Талибанците
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:26 0:00

Стотици Авганистанци влегоа на аеродромските писти, борејќи се за место на еден од последните комерцијални летови што ја напушти земјата пред американските сили да ја преземат контролата на летање во неделата.

„Како можат да го држат аеродромот и да им диктираат услови на Авганистанците? рече Рахшанда Џaилали, активист за човекови права, кој се обидува да стигне во Пакистан.

„Ова е наш аеродром, но гледаме како се евакуираат дипломати додека чекаме во целосна неизвесност“, рече Џаилали.

Талибанците повторно воведуваат репресивни закони за жените во Авганистан

Повеќе од 60 западни земји, вклучувајќи ги Соединетите држави, Британија, Франција и Јапонија, објавија заедничка изјава во која се вели дека на сите Авганистанци и странци кои сакаат да ја напуштат земјата мора да им биде дозволено да заминат.

„Авганистанскиот народ заслужува да живее во сигурност и достоинство. Ние во меѓународната заедница сме подготвени да им помогнеме“, се наведува во изјавата.

Ашраф Гани гестикулира во авганистанската претседателска палата во Кабул, 4 август 2021 година
Ашраф Гани гестикулира во авганистанската претседателска палата во Кабул, 4 август 2021 година

Во објава на Фејсбук, претседателот Ашраф Гани вели дека ја напуштил земјата за да се избегнат судири со Талибанците што ќе загрозат милиони жители на Кабул. Некои корисници на социјалните медиуми во Кабул го нарекоа Гани, кој не ја откри својата локација, кукавица затоа што ги оставил во хаос.

Шеријат

Во Вашингтон, противниците на одлуката на претседателот Џо Бајден да стави крај на најдолгата војна во Америка, започната по нападите на 11 септември 2001 година, изјавија дека хаосот е предизвикан од неуспехот на раководството.

Многу Авганистанци стравуваат дека Талибанците ќе се вратат на минатите сурови практики во наметнувањето на шеријатот, односно исламскиот верски закон. Кога владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, фундаменталистичките исламисти угнетуваа жени, етнички и верски малцинства и забранија музика и телевизија.

Милитантите сега обидоа да проектираат поумерено лице, ветувајќи дека ќе ги почитуваат женските права.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш ги повика Талибанците и сите други страни да покажат најголема воздржаност и изрази особено загриженост за иднината на жените и девојките во Авганистан.

Пентагон во неделата овласти уште 1.000 војници да помогнат во евакуацијата на американските државјани и Авганистанци кои работеа за нив, проширувајќи го своето безбедносно присуство на теренот на речиси 6.000 војници.

Европските земји, вклучувајќи ги Франција, Германија и Холандија, исто така, соопштија дека работат на тоа да ги извлечат граѓаните, како и некои авганистански вработени од земјата.

Русија пак, соопшти дека засега нема потреба да ја евакуира својата амбасада, додека Турција најави дека нејзината амбасада ќе продолжи со работа.

Американски егзит

Запрашан дали сликите на хеликоптерите што превезуваат персонал потсетуваат на заминувањето на Соединетите држави од Виетнам во 1975 година, американскиот државен секретар Ентони Блинкен за Еј -Би - Си Њуз рече: „Ова очигледно не е Сајгон".

Бајден се соочи со зголемени домашни критики откако се држеше до планот, инициран од неговиот претходник од Републиканската партија, Доналд Трамп, за прекин на американската воена мисија во Авганистан до 31 август.


Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Меконел го обвини Бајден за, како што рече, „срамниот неуспех на американското раководство“. „Терористите и големите конкуренти како Кина го гледаат срамот на една суперсила“, рече Меконел.

Портпаролот на Талибанците Неим најави дека Талибанците ќе водат меѓународна политика на немешање, додавајќи: „Не мислиме дека странските сили уште еднаш ќе го повторат своето неуспешно искуство во Авганистан“.

Што ќе се случи на подолг рок?

Во Кабул, најверојатно, ќе има влада во која доминираат талибанците, велат аналитичарите.

За време на нивното претходно владеење, моќта беше централизирана во рацете на „амир ул-моминин“ или водачот на верниците.

Врховниот водач беше шеф на државата и имаше највисок авторитет. Тоа беше Мула Омар, духовниот лидер и основач на Талибанците.

САД и НАТО официјално го започнуваат повлекувањето на војниците од Авганистан

Тие ги отфрлија демократијата и изборите, тврдејќи дека се „увезени од странство“.

Западните сили претходно ветија дека ќе останат ангажирани во Авганистан дури и откако нивните сили ќе ја напуштат земјата до 31-ви август.

Аналитичарите велат дека САД и другите странски сили можат да влијаат врз однесувањето на Талибанците, нудејќи меѓународна помош за сиромашната земја и официјално признавање на групата.

Сепак, не е јасно дали меѓународниот легитимитет им е важен на Талибанците.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG