Достапни линкови

Вести

Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан

Премиерот Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека ги информирале САД дека властите стојат на располагање да помогнат со бегалците од Авганистан.

„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан“, изјави Заев на прашање на ТВ21 околу тоа дали бегалци од Авганистан ќе бидат сместени во Северна Македонија и дали има некое барање од државните сојузници.

Тој порача дека за таа цел ќе обезбедат сместување, при што трошоците за време на престојот на бегалците, до трајната дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.

„Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи“, посочи Заев.

Во меѓувреме авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата, додека талибанските милитанти влегоа во Кабул, единствениот голем град што беше во рацете на владата. Портпаролот на милитантната група соопшти дека талибанците им наредиле на своите борци да влезат во градот за да спречат грабежи откако локалната полиција ги напуштила нивните места. Талибанција ветија дека нема да го заземат главниот град на сила.

Албанија го прифати барањето на САД за привремен прием на Авганистанците кои ја напуштаат својата земја, пред брзите напредувања на талибанците. Премиерот Еди Рама на Фејсбук денеска порача дека американската администрација неодамна ја повикала Албанија да процени дали може да послужи како транзитна земја за голем број авганистански бегалци чија крајна дестинација се САД.

види ги сите денешни вести

ДИК: излезноста до 13 часот е 20,76 отсто

Локални избори 2021.

Излезноста на гласачите до 13:00 на локалните избори е 20,76 отсто, соопшти на прес-конференција претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски. Податоците на ДИК се од 2.519 гласачки места односно 72,39 отсто. На гласање излегле 237.476 гласачи. Даштевски соопшти дека на шест избирачки места се гласа на стариот начин со УВ ламба и со спреј. Едното е во Старо Нагоричане, се работи за планинско место, треба да се стаса со теренско возило, а има само 15 гласачи. Поради тоа, тој како што кажа, потпишал решение да се гласа на стариот начин.

Новаци општина рекордер по излезност

Даштевски информираше дека на 11 места имало прекин повеќе од еден час каде што имало сериозни технички проблеми. „Сега за сега нема прекин на гласањето повеќе од три часа“, соопшти Даштевски. Претседателот на ДИК рече дека направен бил увид во неколку избирачки места каде што имало редици за гласање и појасни дека гужви се создавале затоа што во гласачкото место се пуштал по еден гласач. ДИК упатила упатство на избирачките места да се пуштаат онолку гласачи, колку што има паравани за гласање.

Во Русија и натаму раст на случаи на ковид-19

рекорден број на смртни случаи од ковид-19 во Русија

Руските власти денеска соопштија дека вчера биле регистрирани 34.303 нови инфекции на ковид-19 и 999 смртни случаи. И покрај зголемениот број случаи, сепак, Кремљ отфрли ново заклучување на национално ниво, како она на почетокот на пандемијата, што и наштети на економијата. Наместо тоа, Кремљ ја делегираше моќта за спроведување на ограничувањата на коронавирусот на регионалните власти.

Во Русија над 1.000 смртни случаи од ковид за еден ден

Во Русија до ова доаѓа поради тоа што многу луѓе се скептични во врска со ефикасноста на вакцините. Руските власти се обидоа да го забрзаат темпото на вакцинација со лотарии, бонуси и други стимулации, но независните анкети покажуваат дека повеќе од половина од Русите не планираат да се вакцинираат. Руската влада деновиве соопшти дека околу 43 милиони Руси, или околу 29 проценти од речиси 146 милиони луѓе во земјата, се целосно вакцинирании.

Новаци општина рекордер по излезност

Општина Новаци, како и на сите претходни изборни циклуси, така и сега руши рекорди по излезност на гласачите.

Според пордатоците на ДИК, до 13 часот на ниво на цела држава, Новаци е општина каде најголем процент од гласачоте го оствариле правото на глас, односно гласале 43,70 преоценти.

Новаци е една од најголемите по површина општини во земјава, а со најретка населеност.

Во Преспанско-пелагонискиот регион таа засега предничи по излезен број на гласачи, по неа е Могила со 28,78 проценти, Битола со 25,31 проценти, па Ресен со 20,99 отсто од гласачкото тело.

До ЈО пристигнато известување за можно нарушување на изборниот процес

Локални избори 2021.

Комисијата за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела од Глава шеснаесет – Кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, соопшти дека, меѓу другото, на 17.10.2021 година во 09:04 часот било добиено известување од страна на Оперативниот штаб, доставено од страна на Амбасада на САД во кое известуваат дека едно лице од политичка партија, на 16.10.2021 година се обратило до нив и споделило информација дека 83 лица кои биле повеќекратно осудени сторители на кривични дела и се на слобода, добиле огнено оружје со цел, како што се наведува, попречување на изборниот процес. Исто така се наведува дека друго лице – познат сторител на кривични дека поседувал оружје и дека на денот на гласањето ќе извршел кривични дела со кои ќе го загрози животот и телото на лица – членови на политичка партија.

Амбасада на САД: Слободни, фер и транспарентни избори суштински за демократијата

По приемот на известувањето преку МВР СВР Скопје се проверуваат наводите од пријавата и се преземаат оперативни мерки за проверка на лицата и разговор со подносителот на пријавата, а заради утврдување евентуални основи на сомнение за сторено кривично дело, за кое гонењето се презема по службена должност. Во претходните денови, Комисијата постапуваше по сознанија за евентуално сторени кривични дела поврзани со организирањето и спроведување на локалните избори. Дадени се задолженија до основните јавни обвинителства за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик.

Амбасада на САД: Слободни, фер и транспарентни избори суштински за демократијата

Локални избори 2021 година

Слободни, фер и транспарентни избори се суштински за секоја силна демократија, објави Амбасадата на САД на својата Фејсбук страница. Денеска им аплаудираме на граѓаните на Северна Македонија, кои своето право на овој витален демократски принцип го остваруваат на локалните избори ширум земјата, стои во објавата на американската Амбасада.

ДИК: До 11 часот излезноста 10,22 проценти

Во Северна Македонија денеска се одржуваат седмите локални избори на кои се бираат градоначалници и советници во 80 општини и Градот Скопје. На 3.480 избирачки места, граѓаните својот глас можат да го дадат за вкупно 10.831 кандидати од кои 299 за градоначалници, а останатите за советници, на 91 листа поднесена од група избирачи односно независни, и 31 листа од политички партии и коалиции.

Тана де Зулуета: го набљудуваме гласањето, како и примената на новата технологија

шефицата на Mисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Северна Македонија, Тана де Зулуета

„Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права – ОДИХР ги мониторира локалните избори на покана на Владата. Имаме тим од 165 набљудувачи, од кои 126 се краткорочни набљудувачи, кои се распоредени низ земјата“, изјави шефицата на Mисијата на ОБСЕ/ОДИХР за набљудување на локалните избори во Северна Македонија, Тана де Зулуета по посетата на избирачкото место бр. 2805 во општина Центар. Во врска со проблемите кои се регистрирани со употребата на терминалите за отпечаток од прст при гласањето, таа изјави дека станува збор за нова технологија и се следи нејзината примена.

Гласање - мали потешкотии со „фингерпринтот“

„Ние го набљудувавме отворањето на 54 гласачки места и продолжуваме со мониторингот. Ова е нова технологија и како и гласачите, гледаме како се применува. Рано е да се дадат какви било заклучоци, но ги нотираме сите проблеми доколку ги има, како и одговорот на гласачите. Ќе видиме како ќе се одвива денот. За проценката ќе треба да почекате до утре, затоа што како што знаете, не сакаме да коментираме за време на гласањето, рече шефицата на Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР Де Зулуета.

Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР го почна мониторингот за локалните избори

Мисијата на ОДИХР е сосатвена од 20 долгорочни набљудувачи кои пристигнаа во земјава по 7 септември кога се отворени канцелариите на Набљудувачката мисија и оттогаш се распоредени низ земјава. Краткорочните набљудувачи се тука од средата и ќе останат до завршување на процесот на броење на глсовите. Мисијата ќе остане и за вториот круг од изборите, ако за тоа има потреба, вели Де Зулуета.

Во Битола се чека ред за гласање поради проблеми со уредите за отпечаток на прст

Macedonia - Local elections 2021

На повеќе гласачки места во Битола има редици гласачи кои чекаат да го остварат своето гласачко право, а процесот се одвива побавно поради проблеми со уредите за отпечаток од прст.

„Чекаме веќе 15 минути за да дојдеме на ред, гласањето трае побавно од изминатите циклуси. Во ходниците се прават редици. Досега никој не е вратен од гласање, само што треба стрпливост и да се почека“, рече Сашо Богдановски, гласач од Битола.

И претседателите на избирачките места потврдуваат дека има технички проблеми и дека се решаваат, само што се создава гужва.

„Единствено со апаратот имаме мали проблеми и навремено се интервенира. Се создава малку подголема гужва поради подолготрајниот процес со апаратот. Имаме броеви за техничка поддршка се јавуваме во Скопје, екипите работат добро, ни даваат упатства што да направиме, ја известуваме и ОИК за техничките проблеми и навремено тоа се решева. Се е во ред, само што се одолговлекува процесот и се создава гужва, гласачи не се враќаат и да не работи апаратот има други начини пропишани со упатствата за гласање, гласаат со потпис во извирачкиот список и со отисок од прст“, рече Марина Крстиќ, претседател на избирачко место во Битолската библиотека.

Сите 170 избирачки места во Битола се отворени навреме во 7 часот, а право на глас имаат 80 882 избирачи.

Гласање - мали потешкотии со „фингерпринтот“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:27 0:00

ДИК: До 11 часот излезноста 10,22 проценти

Локални избори 2021.

Од вкупно обработени 2.544, односно 73,1 проценти од избирачките места на денешните Локални избори до 11 часот гласале вкупно 135.906 гласачи, односно 10,22 проценти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК) Љупка Гугучевска.

ДИК: Излезноста на локалните избори до 9 часот е 3,28 насто

Општини со најголема излезност на граѓаните се Новаци каде до 11 часот на гласање излегле 25,84 отсто, по што следат Крива Паланка со 20,44 проценти, Вевчани со 18,61 процент, Лозово со 17.51 отсто. Најмала излезност до 11 часот има во Врапчиште со 4,92 проценти.

Кои се правилата за победа на локалните избори?

Локални избори 2021.

За победа во првиот круг од локалните избори потребно е најмалку една третина од регистрираните гласачи да излезат на гласање во конкретната општина и еден од кандидатите да освои мнозинство гласови. Оние што нема да бидат избрани денеска ќе ја продолжат битката во вториот круг закажан за две недели подоцна. Според Изборниот законик победник е, односно станува градоначалник, оној кој ќе добие мнозинство гласови од избирачите што излегле на гласање, но излезноста да е најмалку една третина од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список за соодветната општина.

ДИК - Локални избори 2021 „излези и гласај“

Доколку во првиот круг на гласање за избор на градоначалник на општината, односно градоначалник на град Скопје, не излезат една третина од вкупниот број гласачи запишани во изводот од Избирачкиот список за соодветната општина, односно градот Скопје, се повторува целата изборна постапка за соодветната општина, се предвидува во законот. Доколку ниту еден од кандидатите нема мнозинство гласови, тогаш вториот круг се одржува во рок од 14 дена, што во овој случај тој е на 31 октомври. Треба да се знае дека во вториот круг одат само двајцата кандидати кои имале најмногу гласови во првиот круг, а победува оној што добил најмногу гласови. Изборот на советници се затвора во првиот круг, а нивната распореденост се пресметува според Донтоновата формулa.

Ковид мерки на гласачките места

Предвремени парламентарни избори 2020 - Гласање по здравствен протокол поради Ковид-19

Лицето кое гласа на денешните локални избори во Северна македонија задолжително треба да носи заштитна маска или шал/марама/ прекривка преку нос и уста. Заради почитување на заштитните превентивни мерки и препораки треба да држи минимум растојание од 1,5 до 2 метра пред влезот, во внатрешноста и при излезот од гласачкото место. Гласачот при самото влегување во внатрешниот простор и при излегувањето треба да ги дезинфицира рацете. Ова се дел од „Задолжителни препорки заздравствена заштита на во текот на изборниот процес“ кои се однесуваат на гласачите. Растојание треба да се држи и при приложување на документот за лична идентификација.

Отворени избирачките места за Локалните избори 2021

Лицето потоа накратко ја отстранува личната заштита од лицето заради негова идентификација. Истовремено на гласачкото место, не смее да има повеќе гласачи од бројот на паравани за гласање. При напуштање на гласачкото место, гласачот врши задолжителна дезинфекција на рацете, се наведува во препораките. Што се однесува до просторијата каде што ќе се гласа препорачано прозорците да бидат отворени за време на гласањето, или пак тие простории да се проветруваат на секој час. На гласачкото место, да се одржува ред и дисциплина при влезот, во внатрешноста и при излезот од гласачкото место или објектот, како и да се обезбеди растојание на гласачите додека чекаат. На секое избирачко местo задолжително ќе има средства за дезинфекција и корпа за отпадоци.

ДИК: Излезноста на локалните избори до 9 часот е 3,28 насто

претседателот на ДИК Александар Даштевски

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до 9 часот според податоците од 38.07 отсто од избирачките места, на локални изборите гласале 23 илјади граѓани, што значи дека излезноста е 3.28 отсто. Претседателот на ДИК Александар Даштевски изјави дека гласањето почна во 7 часот, оти за првпат се гласа со уреди за отпечаток од прст, и во најголем дел од избирачките места се одвива без проблеми. „Во одредени избирачки места кои се во помал број се појавија одредени потешкотии околу ракувањето со уредите за отпечаток од прст, дел од нив се веќе надминати, а дел тековно се отстрануваат со помош на техничките лица на самите избирчачки места. Во некои избирачки места, каде поради лоши отпечатоци не може да се препознаат, гласањето тече со оставање на отпечаток во хартиениот избирачки список и им се озовоможува на граѓаните да гласаат понатаму“, рече Даштевски.

Отворени избирачките места за Локалните избори 2021

Тој додаде дека ДИК ги известила сите општински изборни одбори како да постапат ако имаат проблеми со уредите, и дека им е напоменато оти стариот начин на гласање со спреј и ув-лампа се применува само во случај ако уредот за биометриска иднетификација е неупотреблив или нема можност за негова замена. Според Даштевски, ако е прекинато гласањето, според законското правило, продолжува за онолку време колку што е прекинаото, но не повеќе од три часа.

КФОР ги напушти административните премини на Јариње и Брњак

Припадници на КФОР патролираат областа во близина на граничниот премин меѓу Косово и Србија во Јариње, Косово, 2 октомври 2021 година.

Војниците на КФОР денеска, како што беше претходно договорено, ги напушти административни премини кај Јариње и Брњак, по двонеделен престој. Според косовските медиуми, на овие премини, на местата каде што беа стационирани, денеска нема војници на меѓународните мировници.


Полицијата се повлече од северно Косово

Нивниот престој беше дел од договорот во Брисел од страна на претставници на Белград и Приштина, како решение за проблемот со привремени регистарски таблички за возила во Србија, кои влегуваат во Косово и блокадата на патиштата поради таа мерка.

Екс-претседателот на САД Клинтон ќе биде пуштен од болницата

Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон

Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон денеска ќе биде пуштен од болницата во Калифорнија, каде што е на третман за инфекција неповрзана со ковид-19, објави неговиот портпарол. 75 годишниот Клинтон американскиот претседател од 1993-2001 година беше примен во вторникот вечерта во Универзитетската болница во Калифорнија, јужно од Лос Анџелес за инфекција со крв.

Поранешниот претседател на САД Бил Клинтон хоспитализиран поради инфекција

Неговиот портпарол напиша на Твитер дека сите здравствени показатели се движат во добра насока и оти поранешниот претседател е добро расположен и поминува време со своето семејство. Според „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на соработници на Клинтон тој добил инфекција на уринарниот тракт која се развила во сепса.

Американскиот секретар за одбрана во Европа со фокус врз безбедноста на Црното Море

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин наредниве денови ќе ги посети Грузија, Украина и Романија, а на крајот на идната недела ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО во Белгија, објави американското министерство за одбрана објави. Тој во разговорите со неговите домаќини, како што се додава, ќе изрази поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на овие земји и ќе поттикне посилна регионална соработка во регионот на Црното Море.

Ескобар - Природен чекор е Западен Балкан да биде дел од ЕУ

Во Белгија, Остин ќе присуствува на состанокот на министрите за одбрана на НАТО на 21 и 22 октомври и ќе разговара со генералниот секретар Јенс Столтенберг за забрзување на трансформацијата што треба да гарантира дека Алијансата е „подготвена за предизвиците во иднината“.

Локални избори - како изгледа процесот на гласање?

Симулација на гласање за отпечатоци за локални избори 2021.

На овие избори за прв пат се користи биометриската идентификација на гласачите, односно читачи на отпечатоци на прст. ДИК, за 11 милиони евра, набави 4.000 терминали од фирмата „Дермалог“, кои се распоредени на секое избирачко место и со нив ќе ракуваат само претседателот и неговиот заменик. Како и порано, гласачите мора да имаат важечка лична карта или пасош, со која ќе се идетификуваат пред изборачкиот одбор. Тогаш се скенира десниот показалец а отпечатокот мора да се совпадне со оној во системот, направен при вадење на лични документи.

Првото „фингерпринт гласање“ во Македонија во 10 чекори

Избирачкиот одбор мора да добие повратна информација од системот дека отпечатоците се совпаѓаат и лицето го нема остварено своето право на глас. Доколку уредот не може да најде совпаѓање на отпечатоците од прсти, сигнализира со жолта боја. Во тој случај избирачкиот одбор го идентификува гласачот преку важечка лична карта или пасош и проверува дали гласачот е запишан и дали е потпишан во печатениот избирачки список. Доколку се утврди дека гласачот го има во печатениот Избирачки список и нема гласано, се внесува во уредот преку отчитување на личниот документ на скенер или со преку внесување на матичниот број“, соопштија од ДИК.

Отворени прашања за апаратите за отчитување на отпечаток

Според прописите, во првиот круг за победник односно избран градоначалник се смета кандидатот кој освоил 50 отсто плус еден глас од вкупната бројка на граѓани кои излегле да гласаат но услов е и излезноста да биде најмалку 33 отсто, односно барем една гтретина од гласачите да го оствариле своето право на глас. Доколку излезноста е под овој процент, без разлика на бројката на освоени гласови се оди во втор круг. Доколку ниту еден кандидат не освоил 50 отсто плус еден глас во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу гласови. Советниците се бираат само во првиот круг по т.н. „Донтов модел“. Вториот круг на седмите локални избори ќе се одржи по две недели, на 31 октомври.

Локални избори на Косово

Локални избори во Косово

Повеќе од 1,8 милиони гласачи во Косово имаат право да гласаат на денешните локални избори кои ќе бидат првиот тест за премиерот Албин Курти. Движењето на Курти, Самоопределување, постигна убедлива победа на предвремените парламентарни избори во февруари оваа година. Но, денешните локални избори се одржуваат по серија инциденти во северно Косово. Гласачите ќе изберат 27 градоначалници и повеќе од 800 локални функционери кои ги претставуваат општините во Косово.

Тензиите меѓу Косово и Србија продолжуваат

Во неодамнешните инциденти во северно Косово, етничките српски селани ги блокираа патиштата и се судрија со полицијата откако властите спроведоа издигнувања насочени кон кршење на прекуграничниот шверц. Премиерот Курти, најави поголем „реципроцитет“ во односите меѓу Приштина и Белград.

Локални избори во Северна Македонија

Локални избори во С. Македонија

Денеска по седми пат во Северна Македонија се одржуваат избори за локалната власт. Граѓаните избираат помеѓу 299 кандидати за градоначалник и 576 листи за советници во собранијата на 80 општини во земјата и Град Скопје. Во просек, во секоја општина има 3,7 кандидати за градоначалник што е раст во однос на претходните избори во 2017 кога во трка беше 261 кандидат или 3,2 по општина. Но, на овие избори има најмал број на независни кандидати во споредба со претходните додека бројот на советнички листи е во рамки на просекот.

ДИК: Гласањето за локалните избори тече без проблем

Право на глас имаат 1.824.864 гласачи што е за околу 10.000 повеќе од изборите во 2017та и за над 80.000 повеќе во однос на локалните избори во 2013 година. Просечната излезност за последните два циклуси на локални избори е над 63 насто. Изборите за градоначалник се одржуваат во два круга но во прв круг може да победи оној кандидат кој ќе освои над половина од гласовите во ситуација кога на гласање ќе излезе над третина од вкупниот број на запишани избирачи.

Првото „фингерпринт гласање“ во Македонија во 10 чекори

На овие локални избори гласачите за првпат го потврдуваат својот идентитет со отпечаток од прст. За потребите на 3.480 избирачки места, купени се 4.000 терминали за читање отпечатоци од германската компанија „Дермалог“, која претходно ја работеше таа работа на изборите во Авганистан и Хаити, и за првпат се користи во една европска земја. Во избирачките списоци од пред пет години, заедно со податоците за избирачот, има и фотографија од лични документи, а апаратите за отпечатоци се набавени на инсистирање на опозицијата.

ЈО ќе следи евентуални изборни нерегуларности

Според прописите, во првиот круг за победник односно избран градоначалник се смета кандидатот кој освоил 50 отсто плус еден глас од вкупната бројка на граѓани кои излегле да гласаат, но услов е и излезноста да биде најмалку 33 отсто, односно барем една гтретина од гласачите да го оствариле своето право на глас. Доколку излезноста е под овој процент, без разлика на бројката на освоени гласови се оди во втор круг. Доколку ниту еден кандидат не освоил 50 отсто плус еден глас во вториот круг одат двајцата кандидати со најмногу гласови. Советниците се бираат само во првиот круг по т.н. „Донтов модел“. Вториот круг на седмите локални избори ќе се одржи по две недели, на 31 октомври.

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Понекаде во планинските региони ќе има услови за краткотраен дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 7 до 17 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 13 степени.

Нови 395 случаи на ковид 19, починале 14 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 3.595 тестирања, а регистрирани се 395 новислучаи на КОВИД-19 и тоа во Скопје – 177, Куманово – 35, Велес – 31, Штип – 21, Кавадарци – 19, Прилеп – 17, Охрид и Кочани – по 12, Битола – 11, Струмица – 10, Гевгелија – 7, Тетово – 6, Кичево – 5, Кратово – 4, Гостивар, Свети Николе,Радовиш, Ресен, Крива Паланка, Валандово и Богданци – по 3, Пробиштип – 2, Струга, Крушево, Демир Хисар, Македонска Каменица и Дојран – по 1.

Регистрирани сe 245 оздравени. Во текот на изминатите 24 часа починале 14 лица. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид 19 од Мој Термин, пријавени се уште 7 починати лица, со датум на смрт од 05.09.2021 до 10.10.2021 година. Регистрирани се тројца починати лица од Скопје, два починати лица од Тетово и по едно починато лице од Крива Паланка и Прилеп, на возраст од 58 до 88 години. Од пријавените лица 4 се починати во болнички услови, а 3 во домашни услови.

Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 196.762бројката на оздравени пациенти е 183.027, на починати е 6.922, а бројот на активни случаи изнесува 6.813.

ГЕРБ и БСП со најдобар рејтинг пред изборите во Бугарија

На почетокот на изборната кампања за претседателските и парламентарните избори во Бугарија што се закажани на 14 ноември, најголем рејтинг има партијата ГЕРБ, покажуваат резултатите од анкетата на „Сова Харис“, јави дописникот на МИА од Софија.

Според анкетата шест или седум партии и коалиции ќе освојат пратенички места. За ГЕРБ се изјасниле 24,2 проценти од испитаниците, 19,1 отсто од анкетираните изјавиле дека ќе гласаат за Бугарската социјалистичка партија.

Коалицијата „Ја продолжуваме промената“ на двајцата поранешни министри од привремената влада Асен Василев и Кирил Петков, според анкетата би освоила 14,6 проценти од гласовите, додека партијата Има таков народ на Слави Трифонов би била трета или четврта партија со освоени 14,4 отсто од гласовите.

Според резултатите во идното Национално собрание ќе влезат и партиите Демократска Бугарија, Движењето за правата и слободите, а можно е свои пратеници да има и коалицијата „Исправи се БГ! Доаѓме“.

Анкетата покажува дека актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев има најголем рејтинг. За Радев, според резултатите, би гласале 49,7 отсто, за ректорот на Софискиот универзитет професор Атанас Герџиков – 20,4 проценти, за кандидатот на Движењето за права и слободи Мустафа Карадај пет отсто, а за кандидатот на Демократска Бугарија Лозан Панов 4,4 проценти.

Романците и Бугарите најсиромашни во ЕУ

Според најновите податоци на Евростат во четири земји-членки на Европска Унија, во Бугарија, Романија, Грција и во Шпанија повеќе од една-четвртина од населението е изложено на ризик од сиромаштија.

Во Романија 35,8 отсто од населението е изложено на ризик од сиромаштија, потоа следи Бугарија – 33,6 проценти, Грција – 27, 5 отсто и во Шпанија 27 проценти.

Еден од пет луѓе во ЕУ е изложен на сиромаштија. Во 2020 година, 96,5 милиони луѓе во ЕУ биле изложени на ризик од сиромаштија, што претставува 21,9 отсто од населението.

Евростат наведува дека во 2020 година, во ЕУ 75,3 милиони луѓе биле изложени на ризик од сиромаштија, 27,6 милиони луѓе биле во тешка финансиска и социјална состојба, а 27,1 милиони луѓе живееја во домаќинство со низок интензитет на работа.

Меѓу 96,5 милиони луѓе во ЕУ кои биле изложени на ризик од сиромаштија, околу 5,9 милиони луѓе (1,3 проценти од вкупното население) живееја во домаќинства со три услови на сиромаштија во исто време (ризик од сиромаштија, тешка материјална и социјална состојба и домаќинство со многу низок интензитет на работа).

Најнизок процент на луѓе изложени на сиромаштија се регистрирани во Чешка – 11,5, потоа следат Словачка – 13,8 отсто, Словенија – 14,3 проценти, Холандија – 15,8 отсто и Финска 15,9 проценти.

Во Русија над 1000 смртни случаи од ковид за еден ден

Во Русија, 1002 луѓе починале како резултат на инфекција со корона вирус во последните 24 часа. Ова е првпат бројот на смртни случаи да надмине илјада за еден ден.

Со ова, вкупниот број на жртви на ковид 19 во Русија достигна 222 315 лица. Еден ден претходно, 999 луѓе починаа како резултат на инфекцијата.

Исто така, во последните 24 часа, инфекцијата е потврдена кај 33 208 лица, додека ден претходно таа бројка била 32 196.

Од почетокот на пандемијата 7 958 384 луѓе се заразени во Русија.

НАСА ја лансираше „Луси“, ловецот на астероиди

Американската вселенска агенција НАСА денеска лансираше летало во вселената за да ги проучи тројанските астероиди во орбитата на Јупитер.

Ловецот на астероиди наречен Луси тргна на дванаесетгодишно патување по лансирањето од Кејп Канаверал, Флорида за да овозможи подобро разбирање на потеклото на Сончевиот систем.

Околу 2025 година, леталото ќе прелета покрај првиот астероид, наречен Доналд Јохансон, кој се наоѓа помеѓу Марс и Јупитер.

Потоа, на крајот на оваа деценија, ќе прелета уште пет астероиди, и конечно во 2033 година, до уште два, секој пат на растојание помало од 600 милји. Меѓу астероидите, најголемиот има дијаметар од околу 113 километри.

Околу 7.000 познати тројански астероиди орбитираат околу Сонцето во две групи, едната пред Јупитер, другата по неа. Научниците сакаат да го проучат нивниот состав и прецизна густина, маса и волумен.

Луси е именувана по 3,2 милиони години стари скелетни остатоци од човечки предок пронајдени во Етиопија пред речиси половина век.

Мисијата ќе чини 981 милиони долари во текот на сите 12 години лов на астероиди.

Димитров: Не верувам дека Софија ќе направи отстапки кон Скопје

Ангел Димитров

Американската дипломатија и бугарските партнери во ЕУ манифестираат двојни стандарди кон Бугарија, но таа нема да го смени својот став во билатералните односи и не може да се очекува дека Софија ќе направи отстапки под надворешен притисок, изјави копретседавачот на бугарскиот дел од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор на Бугарија во земјава, Ангел Димитров.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, гостувајќи во надворешно-политичката емисија „Сабота 150“ на Бугарското национално радио, Димитров излезе со тврдење дека Соединетите Држави „најверојатно водат разговори со Република Северна Македонија околу нејзината позиција, но тоа јавно не се соопштува“.

Тој изрази резерви кон изјавата на премиерот Зоран Заев дека по изборите во Бугарија ќе се зголемат шансите за надминување на бугарското вето за старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, нагласувајќи дека позициите изразени во документите усвоени во парламентите на двете земји оневозможуваат постигнување сериозен политички компромис меѓу Скопје и Софија.

Димитров изјави и дека не е оптимист за успех на претстојниот состанок на Мешовитата бугарско-македонска историска комисија, обвинувајќи ги неговите македонски колеги дека досега биле „чувари на историските митови“, а сега станале „идеолози на недоразбирањата и антибугарски ставови и однесувања, кои се крајно неприфатливи за Софија“.

Во врска со обвинувањата од Софија за наводно уништени бугарски воени гробишта крај Кавадарци, Димитров изјави дека треба да се провери дали во тој реон има воена болница, бидејќи како што рече, „воени гробишта вообичаено се правеле на такви места“.

Притвор за прилепчанец поради закани кон кандидат за градоначалник

Осумдневен притвор му е одреден на 27-годишен прилепчанец поради закани упатени кон кандидат за градоначалник на Прилеп и неговото семејство преку социјалната мрежа Фејсбук.

Основното јавно обвинителство Прилеп информира дека повело постапка за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“ против осомничениот, кој биле приведен вчера на граничниот премин Табановце при влез во државава и предаден на испитување во Обвинителството.

Од ОЈО дополнуваат дека во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, јавниот обвинител до надлежниот суд доставил предлог за определување на мерка притвор против осомничениот, а судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп го прифатил предлогот и на осомничениот му е определен притвор во траење од 8 дена.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG