Достапни линкови

Мигранти "доаѓаат" пред избори, па и пред референдум


Илустрација-Бегалци од Сирија и од Ирак во Транзитниот центар за мигранти во Табановце
Илустрација-Бегалци од Сирија и од Ирак во Транзитниот центар за мигранти во Табановце

Темата за доселувањето на мигранти во Македонија, по некакво затишје повторно се актуализира. Дел од аналитичарите сегашната актуализација на наводните мигранти од страна на опозицијата ја поврзауваат со најавениот референдум за името.

Една година наводното доселување мигранти во Македонија е тема за препукувања меѓу власта и опозицијата. Владата тврди дека се шират лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ дека опонентот лаже- владата планира прифатен центар за странци во Бардовци, е последното што го тврди партијата која ја раководи Христијан Мицкоски.

Темата со мигрантите е актуелна во моментов не само кај нас, туку и во европските дебати, вели Марко Трошановски од Институтот за демократија. Тој нагласува дека таа вообичаено се вклопува во наративот на конзервативните и десните партии, бидејќи буди чувства кај нивниот електорат.

Сепак, кај нас не постои оправдување за таквата дебата оти бројките на мигрантите се пониски од тоа што се прикажува, а ефектите од евентуалното нивно доселување во земјите од ЕУ барем засега се позитивни од аспект на дефицит на работна сила”, вели Трошановски.

Најголемата фреквенција на мигранти низ Македонија имаше во 2015 и 2016 година, кога тие масовно ја поминуваа територијата на земјава и одеа кон западна Европа. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски минатата недела рече дека во тој период низ Македонија транзитирале околу 800.000 мигранти што е повеќе од една третина од вкупното население на државата, а во одредени периоди транзитирале и над 10.000 мигранти дневно. Од тогаш наваму бројот на мигранти опаѓа, има обиди за нелегално минување, но и тие што ќе успеат да влезат, не остануваат во Македонија, туку го продолжуваат својот пат кон западните земји. Спасовски во истото обраќање изјави дека Македонија нема услови да отвори кампови за мигранти.

Повторно оживеана тема

Инаку, темата со наводното доселување мигранти беше форсирана од опозицијата и други иницијативи пред локалните избори лани. Во некои општини се бараше и да се одржи референдум за мигрантите во ист ден со изборите за градоначалници и советите. Потоа темата се стиши, а дојде и до смена на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

Претходниот централен одбор на партијата со која тогаш раководеше Никола Груевски на една од своите седници лани дискутираше за доселувањето мигранти и зазеде став против по што следуваа и десетици прес конференции и изјави на таа тема.

Новото раководство на чело со Мицкоски оваа тема не ја експлоатираше многу се до неодамна кога на прес конференција презентираа како што велат документ за изградба на прифатен центар за странци кај Бардовци. Министерката за труд и социјала Мила Царовска реагираше дека тоа ќе биде населба за бездомни лица во Визбегово.

И професорката Тања Каракамишева, која од февруари годинава е претседател на Комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека за доселувањето на мигрантите што го планирала Царовска пишувала и пред две години. Упатените сега наоѓаат поврзаност во повторното актуализирање на темата и најавениот референдум за името.

ВМРО-ДПМНЕ се обидува да покаже пред граѓаните дека владата на некој начин го купува европското интегрирање со тоа што ќе ги отворела вратите за мигрантите и дека е потчинета пред евроатланските структури. Не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и другите структури што се против референдумот, се обидуваат да покажат дека ние не сме суверени во донесувањето одлуки” вели комуникологот Сефер Тахири.

Бојкот на референдумот и за НЕ на мигрантите

На неформалните групи на социјалните мрежи кои повикуваат на бојкот на референдумот за името се наведува дека со тоа ќе се кажело “вистинско не за промена на името и идентитетот, не за Тиранската платформа, не за понижувачкиот договор со Бугарија, не за населување на стотици илјади мигранти во Македонија”.

Според Трошановски опасно и како што вели валкано еда се продолжи со втор бран на изјави од политички партии бидејќи создава ксенофобичност и стигматизација кон луѓето на кои навистина им е потребна помош.

Се создава многу конзервативно и нетолератно население кое потоа може да ни се удри од глава” вели Трошановски.

Времеплов на изјави

29.07.2017 ЦО укажува дека трајното населување на десетици илјади мигранти ќе предизвика дисторзија на пазарот на работна сила

07.08.2017 Приоритет на СДС и Заев се мигрантите, а не граѓаните на Македонија

22.08.2017 Со стратегијата за мигранти и бегалци, најголемиот товар ќе го имаат општините

11.09.2017 Димитров да и објасни на јавноста за подготвеноста на Македонија да доселува мигранти

03.10.2017 Заев планира да насели 150.000 мигранти во Република Македонија

05.10.2017 Заев ќе не внесува во Европската Унија но само со бројката на примени мигранти

12.10.2017 Според планот на Заев и Мила Царовска, во Прилеп е предвидено да се изградат 14 станбени згради за сместување на мигрантите

30.07.2018 ВМРО-ДПМНЕ со документи дека кај Бардовци се планира камп за странци

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG