Достапни линкови

Холандските Македонци Питер и Анемик – чувари на нашата изворна традиција


Анемик Ден Аул и Питер Ендендајк
Анемик Ден Аул и Питер Ендендајк

Брачниот пар Питер Ендендајк и Анемик ден Аул од Холандија, во својата приватна фонотека поседува 8.112 носачи на звук од целиот свет, од кои 709 со изворна македонска музика. Тие на државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“ му подарија кутија од 20 грамофонски плочи, како и дигитализирани снимки со нивните изведби во децениите наназад – бесценето нематеријално културно богатство.

Оваа средба првично беше планирана за октомври 2017 година кога славевме два јубилеја, 55 години од купувањето на првата плоча во мај 1962 што значеше почеток на колекцијата и 50 години од моето прво згазнување на македонско тло во август 1967, но за жал поради болест на мојата сопруга Анемик моравме да ја одложиме. Како и да е, годинава навршува една декада од моментот кога го внесовме првиот албум во програмата на базата за податоци која ја подготвивме за да ја средиме нашата колекција, па така еве нè тука во Скопје и во Македонија на третиот значаен јубилеј.

Вака Питер Ендендајк, ќе ја отвори својата пребогата и преубава сторија за љубовта кон традиционалната музика и посебно кон македонскиот фолклор и земјата воопшто. А, овој вљубеник и исклучителен познавач на традиционалната музика, вистински чувар на нематеријалното културно богатство и има што да каже. Тој со енергија што плени и игрив сјај во очите може со денови да раскажува за првичната фасцинација од фолклорот, почетоците на потрагата, копањето по пазарите за ретките изданија, преписките со издавачите, конечно за посегањето по современите медиуми за да се зачува огромното културно богатство и што е поважно да им биде достапно на сите било каде во светот.

„За традиционалната музика се заинтересирав преку програмата за народни танци во училиштето. Во текот на следните години, сфатив дека ми лежи музиката од балканските земји. Мојата прва посета на поранешна Југославија веше во 1966 година и тогаш го купив она што можев да го најдам: македонска, бугарска, грчка, српска и друга музика. Но, исто така, и албуми кои беа издадени во Европа, а на кои беше снимена традиционална балканска музика. До 1982 година сите мои патувања беа со јавен превоз – воз, автобус. Оттогаш, откако ја сретнав Анемик, повторно го пропатувавме Балканот, овојпат со автомобил. Сега можевме да донесеме дури и повеќе плочи и книги дома“, ќе рече Ендендајк.

И, како годините минувале а нивната страст земала сè поголем замав, така растел и бројот на единиците во нивната приватна фонотека. Денес тие поседуваат 8.112 носачи на звук со традиционална музика од целиот свет, од кои дури на 709 е забележана музиката од Македонија. Во апсолутни бројки, како што самите забележуваат, изданијата со македонска музика, иако се на трето место во нивната богата колекција, сепак го заземаат првото имајќи ја предвид површината и бројот на жители на државата.

А во дослух со времево на дигитални технологии, Питер и Анемик, не многу одамна се решиле колекцијата да ја организираат со програма за база на податоци што сами ја направиле.

„Имаме дигитализирано 75 проценти од содржината на колекцијата, и тој дел е достапен на серверот. На овој начин, пребарувањето на варијации и верзии е лесно, дури и ако мелодиите се познати во различни региони или земји, а повеќе за историјата на колекцијата, техничките аспекти и содржината може да се најде на нашата интернет страница: www.tradmusictrails.com“, истакнува Ендендајк.

Тој дополнува дека колекцијата комплетно ќе биде дигитализирана во наредните пет години и дека, освен емотивниот момент, таа во основа поседува добар дел од историјата на балканскиот фолклор и засебно на македонската изворна традиција. Од таму, нималку не чуди што Питер буквално знае да се „изгуби“ кога говори за раните снимки со македонска традиционална музика, оние што се снимени во САД од NewТone Records и Sperry Records (инаку сопственост на Спиро Богојевиќ од мавровско Леуново кој во Њујорк како емигрант стигнал во 1923 година), потем оние на концернот Philips од 1953, првичните аудио документи на Радио Скопје, снимките на Folkways забележани на турнејата на ансамблот „Танец“ по Франција во 1955, па нешто подоцнежните изданија на југословенските дискографски куќи „Југотон“ и „Југодиск“ и така до недоглед.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG