Достапни линкови

Арифовска – Учев од великаните на македонската чалгија


„Македонска чалгија“ е насловен албумот на Бајса Арифовска, мултиинструменталистка на народни инструменти и членка на „Драган Даутовски квартет“ и „Танец“, што деновиве конечно се појави на домашниот музички пазар. Станува збор за проект на кој таа соработува со легендарните мајстори Хустреф Саид, Раим Баки и Насер Мустафа и за објава публикувана на крајот на минатата година за американската издавачка етикета „Извор мјузик“.

„Македонска чалгија“ е особено интересната колекција на творби одбрани од пребогатата музичката традиција, од која што може да се почувствуваат звуците и амбиентот на целиот Балкан. Овие звуци ве водат на бајковита прошетка низ времето и просторот и ве пренесуваат во земјата во која музиката и нејзината моќ избегнуваат какво било признание на сопственост или потекло. Оваа моќ се извлекува примарно од извонредната изведба на музичарите, кои свират на специфичен начин, со унисони мелодии и едноставни аранжмани.

За мене тоа се луѓе – великани. Музичари кои носат еден голем багаж со себе, една навистина голема звучна традиција. Во исто време и учев од нив и импровизирав.

Ова ќе го запише етномузикологот Велика Стојкова - Серафимовска во текстот што ќе се најде на вториот солистички проект на мултиинструменталистката Бајса Арифовска, зад кој застана специјализираната американската издавачка етикета за традиционална музика „Извор мјузик“.

Материјалот за објавата е сниман непосредно по сесиите за нејзиното деби издание, музиката за балетската претстава „Скршен сон“ од 2008 година и на него е бележита соработката со легендите на македонската чалгија Хустреф Саид на канон, Раим Баки на ут и Насер Мустафа, кој свири тарабука. Од таму, не чуди, кога таа ќе рече дека нејзе и еден од императивите ѝ бил да свири, соработува со овие виртуози и членови на Чалгаџискиот оркестар на МРТВ.

Една од задачите што ние треба да ја имаме како професионални музичари, посебно како луѓе коишто се бават со традиционална музика, е и да развиваат нова музика, но и да тежнеат кон тоа да се зачува стариот звук.

„За мене тоа се луѓе – великани. Музичари кои носат еден голем багаж со себе, една навистина голема звучна традиција. Во исто време и учев од нив и импровизирав. Дадов сопствен музички израз и ете излезе еден солиден продукт за кој се надевам дека ќе остане за во иднина“, вели музичарката.

Говорејќи за идејата за ова издание, Арифовска вели дека во времето кога почувствувала дека експерименталната музика зазема сè поголем замав едноставно почувствувала потреба да и се обрати на традицијата.

Некако многу повеќе интерес за овој вид музика има надвор од Македонија отколку овде дома.

„Една од задачите што ние треба да ја имаме како професионални музичари, посебно како луѓе коишто се бават со традиционална музика, е и да развиваат нова музика, но и да тежнеат кон тоа да се зачува стариот звук. Било на изворната традиционална музика, било на чалгиската традиција. Јас одбрав овој пат да биде чалгијата затоа што чувствував потреба од такво нешто. Од еден таков чист проект каде што ќе се потсетиме на старите чалгиски ора и напеви како „Адана“, „Јени Јол“, па на еден убав егејски сплет“, вели таа.

Инаку, зад „Извор мјузик“, како што појаснува Арифовска, стојат продуцентот Дејвид Белидес, голем вљубеник во македонската традиционална музика и изворните инструменти и неговиот соработник Лери Вајнс.

„Тие многу добро знаат што сакаат од нас и го бараат тој прочистен, исфилтриран звук, она што е специфика на нашата музичка традиција“, вели музичарката.

Родена 1978 година во Кочани, Бајса Арифовска е една од најпознатите претставнички на новата генерација на македонски музичари. Израсната во семејство каде љубовта кон музиката се наследува со самото раѓање, таа своето професионално образование го започнала во Штип, за да потем продолжи на Музичката академија во Скопје каде се насочила на изучување на теоријата, пијаното и виолината, иако од претходно солидно ги владеела и флејтата, кларинетот и саксофонот.

Клучен момент во нејзината музичка кариера е средбата со професорот Драган Даутовски во 2000 година, по која тој нејзиниот интерес ќе го насочи и кон традиционалните инструменти како кавал, гајда, тамбура и тапан. Наедно Бајса ќе стане и член на неговиот квартет со кој ќе сними неколку албумски изданија и со кој ќе настапува сем во Македонија и во Италија, Франција, Германија, Холандија, Белгија , Русија, Португалија, Велика Британија и Австралија.

Во 2003 година мултиинструменталистката ќе стане аранжер и диригент на Мандолинскиот оркестар при ромскиот едукативен и културен центар „Дархиа“ со кој ќе потпише неколку интересни регионални проекти, а во последниве неколку години ќе стане и член на Н.У. Македонски национален ансамбл за народни ора и песни „Танец“ од Скопје.

Кон ова само уште информацијата дека Бајса Арифовска, на покана на професор д-р Соња Симан, во април наредната година патува во Остин, Тексас, во САД, каде покрај семинарите на тамошниот универзитет е предвидено да одржи и промотивен концерт за „Македонска чалгија“.

„Некако многу повеќе интерес за овој вид музика има надвор од Македонија отколку овде дома. Се нешто експериментираме, за на крај сепак да разбереме дека светот добро знае што е органско и оригинално и по што ние се препознаваме. За жал, изгледа дека не се цениме себе, сопствената традиција и музички јазик и сопствениот идентитет. Чудно, но вистинито. Ете, токму и затоа имам голема желба да го свириме овој материјал. Најнапред промотивно овде кај нас, во некој интимен простор да ги собереме вљубениците во македонската чалгија, а потем секаде онаму каде што ќе не поканат“, вели Арифовска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG