Достапни линкови

Дело за македонската национална фолклорна кореографска школа


„Танец промотор на фолклорно – кореографска школа со национален предзнак“ е насловена книгата на авторите Кирил Тодевски и Блаже Палчевски чија промоција ќе се случи на 12 март, во 12 часот, во Музејот на македонската борба за државност и самостојност. Станува збор за траен документ кој сведочи за континуитетот во одржување на македонските културни вредности и традиција.

Кирил Тодевски и Блаже Палчевски, авторите на делото „Танец промотор на фолклорно–кореографска школа со национален предзнак“, водени од своето долгогодишно искуство (Тодевски беше долгогодишен уредник на народната редакција во Македонско радио, а Палчески – играорец и една од легендите на ансамблот „Танец“), уште при самиот избор на темата направиле свесен и многу битен исчекор за македонската фолклористичка дејност на која, за жал, сè уште и недостасуваат трудови кои би се бавеле со современата сценска презентација на македонскиот музичко-играорен фолкор.
Целта ни беше, на некој начин, да проговориме, за условно речено, Македонска национална фолклорна - кореографска школа од луѓе, кои всушност и не биле образувани како кореографи.

Од таму, нималку не чуди кога д-р Александар Димитријевски во својата рецензија за книгата ќе забележи дека тие преку изборот на националниот ансамбл „Танец“ и сценско – кореографските постановки бележити за репертоарот од неговото основање до денес, како тема за истражување, а подоцна и како основа за трудот, се зафатиле со сериозна и одговорна задача за расветлување на проблеми поврзани со реализацијата на тие постановки.

Ние правиме еден преглед, на околу пет и половина децении на негување и на некој начин надградба на фолклорната материја на репертоарот на ансамблот „Танец“.
Притоа тој дополнува дека авторите неминовно морале да го постават фокусот и на цела низа личности поврзани со дејноста на Националниот ансамбл кои вложиле огромна енергија и љубов токму во креирањето на сценско кореографските постановки.

Идејата за публикацијата, како што вели Тодевски, е од пред пет години и тие имале намера да се бават со делувањето на „Танец“, но со оние сегменти кои дотогаш не биле на тој начин опфатени во другите пишани документи. Да проговорат не само за зачувувањето и негувањето на изворните фолклорни традиции, туку и за нивната надградба.

„Целта ни беше, на некој начин, да проговориме, за условно речено, Македонска национална фолклорна - кореографска школа од луѓе, кои всушност и не биле образувани како кореографи. Имено, сем Глигор Василев Гиле, кој што како член на првата генерација играорци некаде во Бугарија, во 1953 година, има стекнато диплома на тамошната етно-кореографска школа, сите други поставувачи се пред сè играорци, што би рекол народот од Бога надарени“, вели Тодевски.

Тој дополнува дека потребата за прилагодување на изворниот фолклор во сценска адаптација се наметнала спонтано (преку комуникацијата на играорците со сличните ансамбли од Балканот и од светот) и дека првите никулци на таквото творештво се јавуваат во средината на 1950-те години и зад нив застанале првиот директор на „Танец“ - Емануел Чучков и други играорци. Потем од 1958 година натаму следува периодот на новите кореографии, всушност на надградбата на фолклорното наследство со сите негови нишани (ритамот, мелодијата, чекорот, јазикот), за што особено бил заслужен композиторот и диригент Трајко Прокопиев, кој тогаш бил на чело на „Танец“.

Затоа, како што ќе забележи Тодевски, тие како истражувачи сакале да проговорат и за авторите на кореографиите - „оти сетивме дека генерациите заминуваат и ретко кој од денешнава, а камоли идните ќе се сети кој бил Дојчин Матевски поставувачот на „Тешкото“, кој е знаменитиот играорец Атанас Коларовски кој е автор на постановките „Драчевка“, „Калајџиско“ и така со ред“.

„Ние правиме еден преглед, на околу пет и половина децении на негување и на некој начин надградба на фолклорната материја на репертоарот на ансамблот Танец“, вели Тодевски.

Инаку, како што потенцира рецензентот Димитријевски, базата за изработката на овој труд е сочинета од огромен број артефакти, односно податоци за дејноста на националниот ансамбл „Танец“ кои се елаборирани и систематизирани во засебни поглавја посветени на сценско – кореографските постановки и биографските податоци за личностите кои ги создале или учествувале во нивното создавање. Покрај текстуалниот дел, трудот содржи и голем број фотографии и скенирани материјали.

Притоа особено значајни се и нотните записи на дел од ората и сценско–кореографските постановки што книгата ја прави не само достапна за етномузиколошката научна јавност, за големиот број љубители на сценската презентација на македонскиот музички фолклор, но и посебно за обичните читатели - почитувачи на делото на Националниот ансамбл за народни песни и игри „Танец“.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG