Достапни линкови

Влада наскоро, ама каква, никој не кажува!


Архивска фотографија - средба на партиските лидери со еврокомесарот Јоханес Хан
Архивска фотографија - средба на партиските лидери со еврокомесарот Јоханес Хан

Од Движењето за реформи ДПА велат дека ништо не може да откријат додека сè не се завршело, а другите партии целосно молчат за содржината на преговорите. Отсуството на информација од официјални претставник на партиите остава простор за шпекулации, манипулации, злоупотреби, оценуваат упатените.

Ништо не можеме да откриеме во јавноста додека сè не се заврши, велат од Движењето за реформи ДПА, чии претставници синоќа се сретнаа со потпретседателите на ДУИ, за да го разгледаат писмениот документ кој СДСМ пред два дена го испрати до партијата на Али Ахмети.

„Ние сме во преговори и со ДУИ и со СДСМ, додека не се заврши целосно тоа ништо не можеме да кажеме. Ние нема да влеземе во ниту една влада ако не се спроведат буквално сите точки од декларацијата на партиите на Албанците“, вели генералниот секретар на Движењето за реформи ДПА Арбен Таравари.

На прашањето кога се очекува сето ова да заврши тој одговора- многу брзо. Има шанси да се формира нова влада, но тоа ќе се знаело деновиве, велат од партијата. Од ДУИ, пак, продолжува молкот и од таму не откриваат никакви детали.

Јавноста во целосна неиформираност се држи повеќе од еден месец. Од деветти до 29 јануари, додека мандатот беше кај претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски, одговорот од партискиот портпарол Иво Котевски беше „ќе ве информираме кога ќе има нови моменти за во јавност“. Преговорите не успеаа, а јавноста се уште не дозна конкретно зошто, ниту пак што понудиле ВМРО-ДПМНЕ, а што не прифатиле ДУИ. Информациите од двата партиски штаба се спротиставени за тоа што се случувало.

Сега од СДСМ велат дека ќе ги кажат нивните ставови, па и содржината на писмениот документ испратен до ДУИ од како ќе собереле потписи и ќе го добиеле мандатот. Во меѓувреме не откриваат што предложиле до можниот иден коалициски партнер.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија премолчувањето на многу важни прашања кои го задираат идентитетот, уставниот и правниот поредок, особено темите за СЈО и употребата на албанскиот јазик, не смеат да бидат затскриени под плаштот на партиските тајни преговори. Тоа ја отуѓува јавноста и предизвикува разочараност во политичкиот процес, со што се намалува и активното учество на граѓаните во изборите понатаму бидејќи се шири песимизам и апатија кон политиката, додава тој.

„Отсуството на информација од официјални претставник на партиите во јавната дебата остава секогаш простор за шпекулации, манипулации, злоупотреби и пред сè го доведува под закана самиот преговарачки процес кој што е многу деликатен да биде саботиран на некој начин од различни центри на медиумска и политичка моќ“, вели Трошановски.

Молк има и од кабинетот на претседателот Ѓорѓе Иванов за недоречените прашања поврзани со давањето на мандатот. Во обраќањето до јавноста по средбите со партиските лидери на која тој обелодени дека ќе го даде мандатот само со доказ за 61 пратеник, не дозволи новинарски прашања така што нејасно остана до кога планира да ги чека партиите. Од неговиот кабинет и по 15 дена од одлуката не одговараат на тоа прашање.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG