Достапни линкови

Молчаливо собирање потписи за нова влада


Партиите и денеска не кажуваат детали околу преговорите за собирање потписи за парламентарно мнозинство. Експертите очекуваат договор во најбрзо време.

И денеска од партиите нема конкретен одговор за тоа до каде се преговорите околу собирање потписи за влада и дали се реални очекувањата дека тоа ќе се случи деновиве како што пишуваат одредени медиуми. Од Социјалдемократскиот Сојуз велат дека се уште немало лична средба помеѓу Заев и Ахмети, но дека работеле на обезбедување мнозинство и формирање нова Влада.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов ги отфрли како шпекулации информациите дека во текот на наредните два дена ќе падне договор со ДУИ и ќе се обезбеди потребното мнозинство од 61 пратеник.

Исто така демантираат дека ДУИ го побарале местото за премиер во новата Влада. Шилегов додава дека СДСМ ќе се изјасни за прашањата од Платформата на албанските партии во оној момент кога ќе го добие мандатот за составување на владата.

На прашањето има ли нешто ново и дали се прават нови обиди за формирање мнозинство, од ВМРО-ДПМНЕ одговараат дека ќе информираат кога ќе има нови моменти.

И од ДУИ денеска молчат. Деновиве портпаролот на партијата Бујар Османи изјави дека засега неговата партија не е блиску до одлука за ниту една опција. Тој укажа дека процедурата за давање на мандат за новата влада може да трае до недоглед бидејќи во моментот нема рок до кога треба да се донесат потписи за мандат, а ако има мандат тогаш рокот е само 20 дена.

Политичкиот аналитичар Џељал Незири вели дека се реални очекувањата за договор за влада меѓу СДСМ и ДУИ, но како што вели доколку нема скриена игра и други намери.

„Мислам дека многу е возможно да се формира коалиција со СДСМ, затоа што двете точки кои ДУИ ги постави како неминовни, за кои не сака да преговара, а тоа се продолжување на мандатот на СЈО и пошироката употреба на албанскиот јазик не се никаков проблем за СДСМ. Имам впечаток дека СДСМ најмногу е заинтересиран за продолжување на мандатот на СЈО и второ таа партија излезе со предизборно ветување и подготвеност да се затворат сите прашања кои се извор на меѓуетнички тензии во Македонија“, изјави Незири.

Иако овие според Незири се цврсти основи за договор, не се исклучува варијантата да не се случи тоа. Во тој случај најверојатни опции се широката коалиција и нови избори.

„Земјата или би останала без парламентарно мнозинство и би се наметнало решение широка владина коалиција или пак опција техничка влада за да се оди до нови избори. Сепак сите опции се можни, но јас мислам дека нема да биде проблем СДСМ да ги собере потписите и очекувам оваа недела тоа да се случи“, изјави Незири.

Неодамна Ахмети во телевизиско интервју рече дека за излез од политичка криза треба поширока дебата која пред се треба да биде меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои треба да разговараат меѓу себе. За нив е отворена и можноста за широка коалиција, за која пак Заев се изјасни дека е неприфатливо партиципирање во идна влада со актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лица осомничени од Специјалното јавно обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ пак со став дека широки коалиции ништо добро не ѝ донеле на Македонија и дека сепак изборите се најзрелото и најдобро решение за излез од кризата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG