Достапни линкови

Јакимовски - Ако СДСМ формира влада, кризата ќе се продлабочува


Јакимовски - Ако СДСМ формира влада, кризата ќе се продлабочува
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:39 0:00

Јакимовски - Ако СДСМ формира влада, кризата ќе се продлабочува

Ако СДСМ формира влада, нема да биде испочитувана волјата на граѓаните и тоа ќе предизвика сериозни проблеми. Кризата нема да се реши, туку дополнително ќе се продлабочи, вели претседателот на ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Јакимовски, во изминатите денови воздухот во Општина Карпош беше загаден 25 пати над дозволеното, што преземате за да се намали загадувањето?

Загадувањето не е проблем на една општина во Скопје. Загадувањето е проблем од Шар Планина па се до Дервенската Клисура. Значи мерки мора да се преземаат интегрално, а не дава резултат ако ние преземаме само парцијални мерки, односно нормално ако една општина недоволно презема мерки тоа си има влијание врз атмосферата во друга општина. Таа работа мора да оди интегрирано. Меѓутоа, ние како локална самоуправа не седиме со скрстени раце и ова прашање сме го опсервирале и го работиме веќе 10 години. Како што покажуваат анализите, сериозни загадувачи претставуваат домаќинствата, особено во зимскиот период. Но, морам да кажам дека тие загадувања се многу помалку од Општина Карпош, многу повеќе доаѓаат од другите соседни општини каде што се користи дрва, ќумур и друг начин на греење. Инаку нашите инспекциски служби, во рамките на минималните надлежности, ги имаат исконтролирано сите педесет механичарски сервиси. Само кај два е најдено дека се греат на несоодветен начин. Претежно се греат на електрична енергија или со пелети. Исконтролирани се сите угостителски места и согласно законските прописи имаат филтри на своите оџаци, како и други за загадувачи. Може да замислите дека 19 проценти од загадувањето во Општина Карпош доаѓа од индустријата која ја нема. Ние имаме мали трговски единици, мали сервиси и претежно трговија. Имаме само една фабрика, а тоа е фабриката Реплек, која што нема ниту оџак, ниту што било емитира. На територијата на Општина Карпош се наоѓа Топлана-запад, којашто има прописни филтри и којашто го затоплува градот со гас. Значи не е со мазут или пак нафта или некое друго цврсто гориво, туку греењето е на гас, што значи дека загадувањето е минимално. Морам да кажам и дека ПМ честичките и она што значи градежна прашина претежно доаѓа од Цементарата во Генерал Јанковиќ, како и загадувањето од домаќинствата коешто е доминантно од другите општини.

Една од причините за загадувањето, како што и самиот изјавивте е и уличната прашина од градежните активности. Граѓаните постојано ве обвинуваат дека се случува градежна експанзија на сметка на зеленилото?

Тоа воопшто не е точно. Во Општина Карпош за осум години вкупно се изградени 23 станбени згради од 4 ката до 10 ката. Во исто време во Општина Аеродром се изградени 130 згради.

Но, господине Јакимовски бројките говорат поинаку. Општина Карпош во последите шест години е рекордер во Скопје по издадени одобренија за градба, односно 970.

Тука влегуваат и индивидуалните и колективните домувања. Зборувам за колективни домувања. Значи имаме вкупно 23 згради над 4 ката на територијата на општина Карпош и кога тоа ќе се компарира со Општина Центар или Општина Аеродром, како да кажам, тоа не е ни 20 проценти.

Граѓаните на Општина Карпош ви замеруваат и дека носењето на урбанистичките планови е спротивно на сите критериуми. Колку сето тоа е со цел остварување профит како што обвинуваат тие?

Од тие 23 згради, 15 се изградени до 2013 година кога на власт во Општина Карпош беше СДСМ и имаше мнозинство во советот. Тие обвинувања постојано доаѓаат од СДСМ.

Но и вие тогаш бевте дел од СДСМ.

Да, и јас бев тогаш, но додека бил СДСМ на власт немало профит се градело нормално за потребите на граѓаните, а откако не е дел од власта во Општина Карпош, значи тие останати 8 згради, станаа дел од профитот и дел од некаква си градежна мафија на територија на Општина Карпош.

Значи според вас неоправдани се критиките на граѓаните?

Јас ги прифаќам сите критики на граѓаните и тие треба будно да ја следат работата којашто ја води локалната самоуправа. Меѓутоа, критиките кога доаѓаат од политички партии или се поттикнати од нив или пак таканаречени невладини организации во кои членови се исклучително од една политичка партија, односно опозиција, тоа укажува на политичката мотивација за противењето на урбанистичките планови. Значи, урбанистички планови се носеле и натаму ќе се носат. Тоа е жива материја. Дали сум јас градоначалник или некој друг, значи тоа апсолутно е жива материја.

Вашата партија ГРОМ е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Дали по последната средба со нејзиниот лидер и вие стоите на ставот дека се потребни нови парламентарни избори?

Овие избори, како и претходните, покажаа дека нема манипулации на изборите, односно дека коалицијата За подобра Македонија ги освои готово истите гласови. Целото ова мачење на граѓаните на Република Македонија, цели овие две и кусур години и целиот циркус што се направи со наводниот неточен избрирачки список, како и опструираните медиуми, очигледно се виде дека тоа немало влијание врз гласовите што ги добива владејачката коалиција и тоа значи дека овие избори се чисти како кристал и дека по сето ова што го завршивме коалицијата За подобра Македонија и со еден глас повеќе, а не со еден пратеник повеќе да победеше, ние требаше да пружиме рака, што значи дека целиот циркус кој е правен е неоправдано направен и да продолжиме нормално да функционира Македонија, бидејќи е воспоставен принцип по барање на најголемата албанска партија, како и со посредство на меѓународниот фактор во Република Македонија, партијата која ќе освои најмногу пратеници во македонскиот блок да прави коалиција со партијата којашто ќе освои најмногу гласови во албанскиот блок, бидејќи претходно ќе имавме случај традиционален партнер во претходните два изборни циклуси да биде ДПА, а на ДУИ која земаше наголем број на гласови и нормално значи тој принцип се почитува. Ова е обид за нарушување на тој принцип, кој ќе не внесе во нова опасност како држава и како граѓани во нова нестабилност, што значи дека во моментите кога оваа коалиција За подобра Македонија на чело со ВМРО-ДПМНЕ ќе освои над 61 пратеник, тогаш има легитимно право да не земе ниту една албанска партија во влада или пак да бира со која албанска партија ќе коалицира, што повторно нас како држава ќе не внесува во нестабилност. Да потсетам, и на изборите во 2014 година, нашата коалиција имаше 62 пратеника па ние земавме во владата и албанска партија и 2012 година имаше мнозинство во Парламентот, но повторно беше земена најголемата албанска партија, иако целата работа можеше да се заврши и со помалку давања од владината поделба во ресорите и јавните претпријатија и установи доколку тоа била помала албанска партија.

Што доколку СДСМ формира влада?

Доколку СДСМ формира влада, тоа значи дека нема да биде испочитуван овој договор. Нема да биде испочитувана волјата на граѓаните. Сметам дека ќе имаме сериозни проблеми. Во Македонија нема да биде разрешена кризата, туку напротив и натаму ќе се продлабочува, особено ако се има предвид дека лидерот на СДСМ е обезбеден со посебни истражни мерки во корупциски скандали и навистина срамота би било за Република Македонија во името на борбата против криминалот да тргаме една владејачка гарнитура, а да носиме друга владејачка гарнитура која има посебни истражни и судски мерки обезбедено дека е влезена во криминал.

Се наближуваат и локалните избори, ќе се кандидирате ли повторно за градоначалник на Општина Карпош?

Сметам дека во изминатиот временски период вложивме огромни напори за подобрување на животот на граѓаните на Општина Карпош. Она што го дадовме како ветување и во 2013 година во најголем дел, да не кажам 85 отсто од ветувањата се исполнети, што значи дека нашата намера и желба и натаму да им служиме на граѓаните на Општина Карпош постои и понатаму.

Значи ќе се кандидирате?

Да.

Самостојно или во коалиција со ВМРО ДПМНЕ?

Во моментов сме во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, до локалните избори имаме уште четири месеци. За тоа ќе одлучат органите на нашата партија.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG