Достапни линкови

Ваши коментари - „Мора да дојде до промени“


Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош.
Стевчо Јакимовски, градоначалник на општина Карпош.

Најмногу коментари од читателите предизвика неделното интервју во кое гостин беше градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, потоа и изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски и нападите врз градоначалникот на општина Центар.

Редовното неделно интервју на Радио Слободна Европа, овој пат со градоначалникот на Карпош и претседател на ГРОМ, Стевчо Јакимовски предизвика нова поплава од ваши постови на нашата Фејсбук страница. Би рекле рекорден број и дефинитивно, коментари со најголем негативен одиум спрема интервјуираниот. Главно сите коментари се однесуваат на неговата партиска неконзистентност. И на неговата наводна нечесност во работата како градоначалник. И на резултатот од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ во овие десетина години.

Лутфија Јусуфи реагира на зборовите на Јакимовски дека ако СДСМ направел Влада, во Македонија ќе имало криза: „Предавник, кој ја донесе кризава во државава, 10 години сте на власт и посиромашна држава нема во Европа. Мора да дојде до промени, инаку со вас ќе се тоне многу длабоко“.

Стојчо Ѓорев смета: „Ако СДСМ формира Влада, стравот е голем зашто најверојатно ќе завршиш в затвор за огромниот криминал што си го сторил...“

Тина Поп-Христова извикува: „Стевчеее!!! Не може да биде подлабока криза од оваа што ја направивте вие, еееј!“

Петар Шишков, како и многу други, го потсетуваат Јакимовски: „Абреее, ти и на ВМРО му се закануваше!“

И изјавата на Груевски за ТВ Нова дека на Македонија ѝ се потребни нови избори предизвикала еден куп ваши коментари, почитувани. Спасе Прентоски напишал: „Ако сакате да направите добро за Македонија, тргнете се настрана, 100% ќе биде подобро без вас“, а Зенит Адеми постирал: „Готово, Грујо, кога беше на власт имаше шанси да бидеш најдобриот премиер на РМ, но излезе од власт како најголемиот криминалец во историјата на Македонија, можеби и на ЕУ“.

Нашите фанови реагираат и на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое се напаѓаат Жерновски и Општина Центар дека се трошело „многу пари за забави и боемски улици“. Ѓоре Павлов со неверба прашува: „Абе не ми се верува дека ова се пишува... Абе овие од ДПМНЕ дали се нормални... Преку 700 милиони евра потрошија на ’Скопје 2014‘, абе, не се салам...“

Меѓу сите овие коментари се провлекуваат и оние со анти-сдсмовска содржина, како оној на Џелал Имероски, за тоа дека уште покојниот прв претседател Глигоров ја продал Македонија, најредовниот Мате Додевски со својот лик на измислениот војвода Лаки Арамбаша со реденик, пиштоли и ками на појасот, и на уште неколкумина други.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG