Достапни линкови

Младите сакаат да волонтираат, им треба поддршка


Анастасија Анѓеловска, млада волонтерка од Куманово и волонтерот Јусуф Љатифи основач на здружението Кумановски акцијаши
Анастасија Анѓеловска, млада волонтерка од Куманово и волонтерот Јусуф Љатифи основач на здружението Кумановски акцијаши

Кумановските акцијаши велат дека има голема заинтересираност за волонтирање, но иако им се потребни средства само за обезбедување пат до одредена локација, маици и храна, тешко доаѓаат и до нив.

Во ерата кога сè се гледа низ призмата на парите, не е лесно да се изнајдат волонтери. Меѓутоа акцијашкиот ветеран Јусуф Љатифи, основач на здружението Кумановски акцијаши, а раководен од идејата дека Куманово е акцијашки град веќе седум децении, со освоени највисоки признанија во тогашната држава, смета дека неговиот ентузијазам, при тоа согласно Законот за волонтирање, бележи резултати за помалку од две години постоење. Иако на акцијашите им се потребни средства само за обезбедување пат до одредена локација, маици и храна, тешко доаѓаат до нив.

„Многу е тешко како да се дојде до тие средства“, вели тој.

Стопанството е во тешка состојба или како и да не постои, па Љатифи забележува дека минатата година локалната заедница им била покровител, им го оддала најголемото општинско признание, со што кај младите го поттикнува доброволното работење.

„Нашата Општина во 2016 имаше доблест јавно да го пофали доброволното работно ангажирање при што младите ќе творат за своето општество“, вели тој.

Освен учество на конкретни акции, расчистување по елементарни непогоди и помагање на граѓаните за надминување на нивните лични катастрофи во државава и регионот, Љатифи вели дека акцијашите се мултиетничко здружение. Но, од ветераните, помалку од десет акцијаши се приклучиле, зашто поради сменетиот општествено –политички систем и поранешните акцијаши запливале во некои други води.

„Заинтересираноста на младите, пак, е голема, што се виде и на презентациите во основните училишта „Толи Зордумис“ и „Браќа Миладиновци“, при што присуствуваа по седумдесетина ученици. Имаме секција за волонтери во општинското средно земјоделско училиште, како и во едно приватно училиште за странски јазици. Кај младите навистина има заинтересираност“, вели тој.

Идејата за враќање на акцијаштвото или продолжување таму каде што било запрено во 90-те години од минатиот век, Љатифи вели дека предизвикала зачуденост и прашање, зарем тоа е можно. Особено што еден од основните постулати на тогашното акцијаштво било и братство-единство.

„Кумановските акцијаши се сто насто во тој стил на братство-единство, со оглед дека нè има од сите ентитети и многу пати сум рекол дека можеме да послужиме за пример. Без оглед на етнички, верски,политички, „бариери“ живееме и работиме заедно“, вели тој.

Љатифи додава дека политичките партии би требало да се однесуваат како и акцијашите и да реализираат мултиетнички проекти.

„Упативме повик до сите политички партии да ги надминат нивните различности и да креираат еколошки програми во интерес на сите граѓани, без оглед на нивната припадност и определба“, вели Љатифи.

Во здружението се регистрирани помалку од 200 членови, но во оперативниот дел се само педесетина. Бројката е променлива.

Во најтешките акцијашки потфати минатата година се издвоила 13-годишната Анастасија Анѓеловска од Куманово. Доброволната работа, според неа, повеќе ја привлекува отколку да седи пред компјутер или да се забавува на социјалните мрежи на интернет. Таа се надева дека со нејзината активност ќе привлече многумина од нејзините врсници.

„Се надевам дека повеќе од мои врсници ќе поттикнам да се вклучат во акцијаштвото, особено мои другари со кои јас секојдневно се дружам. Тие гледаат од мене и имаат желба да се вклучат. Акцијаштвото мислам дека има иднина“, вели најмладата акцијашка од Куманово која годинава добила и ударничко признание.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG