Достапни линкови

Сподели оброк со тој што го нема


Волонтери и твитер активисти секоја сабота делат оброци на оние кои го немаат. Околу 200 пакети храна стигаат до социјално загрозени луѓе и бездомници.

Храна и намирници и се разбира добро расположение е доволно за да учествувате во петочното готвење за акцијата #Ретвитни оброк. Насмеани и весели млади граѓански активисти веќе една година секој петок готват оброци за бездомниците и дел од социјално загрозените луѓе во Скопје. Во сабота храната се носи пред спомен куќата на Мајка Tереза.

Сè повеќе луѓе се приклучуваат кон акцијата. Некои доаѓаат и готват со нас, некои готват дома, отприлика готвиме околу 200 оброци.

Изминатава година волонтерите и твитер активистите поделија многу оброци, облека и обувки на оние кои ги немаат. Тие со оваа иницијатива сакаат да се крене свеста за гладот во главниот град, воедно да анимира готвачи, да рециклира храна и да ја пренесе идејата дека секој оброк е важен.

„Сè повеќе луѓе се приклучуваат кон акцијата. Некои доаѓаат и готват со нас, некои готват дома, отприлика готвиме околу 200 оброци“, вели твитер активистката Мила Тасевска.

Тони Станковски од невладината организација Вистински дела на љубезност вели дека неколку семејства пред две години почнале да ја реализираат идејата со неколку сендвичи подготвени дома. Како ги запознавале луѓето така се ширела и идејата за седмичен оброк.

„Покрај седмичниот оброк, редовно ги посетувам семејствата во нивните домови и бездомниците во нивните засолништа кои од разни причини не може да дојдат до тука.“

Впечатокот кој што го оставаат луѓето кои доаѓаат по оброк е дека нивната најголема траума е тоа што стигнале воопшто до ова ниво.

„Пропаст е што сме дошле до ова дереџе да немаме јадење.“

„Живеам по кирија, се снаоѓам собирам кутии.“

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика во Македонија има стотина бездомни лица, но неофицијалната бројка е поголема. Хари е еден од бездомниците кој го запознавме на оваа акција. Вели дека се снаоѓа како знае и умее.

„Ако не прибере некој пријател којшто има сметување, да се сместиме на топло, благодариме, ако не се снаоѓаме по автобуски станици, железничката станица, подруми, напуштени куќи.“

А има и такви кои ноќите ги поминуваат под камион.

Според податоците на Црвениот крст, пунктот за бездомници го посетуваат 170 луѓе кои ги користат нивните услуги.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG