Достапни линкови

Бездомници - скарани со животот, заборавени од државата


Во Македонија има неколку стотини бездомници. Живеат на паркинзи, железнички и автобуски станици, во паркови, напуштени куќи. Здруженија и граѓани им помагаат со храна и облека.

Тросед и двосед на скопски паркинг е сè што имаат Станко Спасовски и Благоја Бошков. Едниот поранешен фудбалер во Вадар, а другиот молер. Веќе пет години деновите ги поминуваат на паркинг под отворено небо, на сонце и на дожд. Велат дека во домот за бездомници во Чичино село одат само кога е многу ладно.

Јас и ден денеска сум прочуен мајстор молер, мене ме знае цела Македонија, си реков уште ова лето ќе одам со питачење, а до догодина и ќе си го фатам занаетот и ќе си бидам газда како што сум бил.

„Таму нè примаат само кога е минус 20, само за да не умреме“, вели Спасовски.

Пред неколку години нивниот живот бил поинаков. Станко Спасовски пред многу години професионално се занимавал со спорт, вели дека бил фудбалер во скопскиот тим Вардар, но парите и славата го однеле во лош правец.

„Пред тоа многу тимови сменив, требаше во Ѕвезда да одам, се фатив со покер апарати, да не се изразувам вулгарно, се фатив со некои манекенки, ги облекував, им купував злато, Панчев отиде, требаше и јас да одам ама тука си ја уништив кариерата“, вели Спасовски.

Благоја Бошков, пак, работел како молер, сега вели дека штом ќе му заздрави ногата повторно ќе се обиде да заработува од тој занает, затоа што вака деновите тешко му минуваат.

„Јас и ден денеска сум прочуен мајстор молер, мене ме знае цела Македонија, си реков уште ова лето ќе одам со питачење, а до догодина и ќе си го фатам занаетот и ќе си бидам газда како што сум бил“, вели Бошков.

Семејството Станковски секоја сабота ги посетува и им носи храна и намирници. Тони Станковски со својата сопруга и три деца, по обрвските со споделување храна како дел од проектот Вистински дела на Љубезност, со своето комбе го обиколува градот и носи облека и храна за социјално загрозени луѓе во нивните засолништа.

Такво е и семејството Али кое живее во стара напуштена куќа без прозори и врати. Рафаела е мајка на осум деца, таа вели дека биле и жртва на семејно насилство, претходниот сопруг кој сега е во затвор ја тепал. Бара од државата да и помогне да најде дом за петте деца кои останале со неа и да и ги врати другите три кои социјалните служби ги однеле во дом за деца без родители.

„Ме тепаше, ми ги скрши забите, со нож ме повреди. Моите деца беа малтретирани, почнаа да дуваат лепак, и заради тоа Центарот за социјално ми ги одзема родителските права да не можам да си ги земам моите деца. Не ми дозволуваат ни да одам да си ги видам децата.“

Пари заработува од собирање на пластични шишиња.

„Ние од канти се храниме со толку деца, собираме шишиња, продаваме, што го фрлаат граѓаните лебот ние го собираме и го јадеме. Мислам тоа живот не е. “

А дополнителен проблем и е тоа што неодамна државата и ја укинала социјалната помош и бара од неа да ги врати парите што претходно и биле дадени.

Прифатен центар за бездомници во Македонија има само еден, во скопското Чичино село каде што според капацитетите може да бидат сместени 70 луѓе. Пред неколку години државата нудеше сместување за бездомниците и во центар во Катланово и во камп во Љубанци, кои сега не се во употреба. Главна причина за згаснувањето е оддалеченоста од централното градско подрачје и несоодветните услови за престој, на што реагирале штитениците.

Според податоците на Црвениот крст во нивниот пукт поставен кај Момин поток од 2008 година досега, 170 бездомници ги побарале нивните услуги.

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика во Македонија се регистрирани 129 бездомници од кои 109 живеат во Скопје.

Според податоците на Државниот завод за статистика 50 илјади луѓе во земјава се корисници на социјална помош, а околу 20 проценти од населението живее под прагот на сиромаштијата.

Семејството Станковски со 15-тина волонтери од цела Македонија постиле во изминатава година 65 социјално загрозени семејства на кои им поделиле храна, намирници, облека и донирале мебел.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG