Достапни линкови

Се намалува поведението на тетовските средношколци


Архивска фотографија, Средношколци во Тетово, декември 2014.
Архивска фотографија, Средношколци во Тетово, декември 2014.

Средношколци учествуваат во тепачки, им недостига одговорност, асоцијални се и некомуникативни, немаат однос кон наставници и повозрасни луѓе, но и кон своите врсници, отсуствуваат од часови, велат психолозите. Причините ги лоцираат во општествената транзиција и домашното воспитување.

Информациите дека средношколци од тетовско учествувале во тепачки и слични настани се чести во полициските билтени. Такви случки се бележат и во рамки на училиштата и надвор од нив. Повозрасните училишни психолози велат дека поведението на учениците за разлика од пред две-три децении е драстично променето кон полошо. Затоа се чести вакви немили немили инциденти, вели училишниот психолог Маргарита Гашевска.

„Сметам дека таа разлика се должи првенствено на менување на системот на општеството во процесот на транзиција. За жал, денеска се многу ретки случите кога учениците знаат да ги почитуваат своите наставници, своите другарчиња или повозрасните лица. Се случува да помине наставник и ученикот воопшто да не го поздрави, дури и да се однесува непристојно кон наставникот, а тоа нешто било исклучително ретко во минатото”, вели психологот Маргарита Гашевска.

Таа проценува дека кај учениците недостига одговорноста, состојба која се рефлектира од општеството, научена поради однесувањето на возрасните.

„Оттуѓеноста ги прави исто така да бидат многу себични, егоистични, затворени, некомуникативни, едноставно да бидат асоцијални во своето однесување. Наставниците се тие кои што треба да ја креираат атмосферата во својата училница. Меѓутоа и наставниците некогаш се соочуваат со проблеми кога децата имаат свои права да се однесуваат и кои права постојано се потенцираат. Меѓутоа ретко кој зборува за должностите на учениците. Сметам дека и тука може малку повеќе да се поработи. Исто така, не само наставниците, многу е битно и домашното воспитување. Семејството како една многу значајна клетка во општеството е многу многу битен фактор за позитивно социјално однесување на децата“, вели Гашевска.

Во тетовската полиција поради ваквото однесување на дел од средношколците веќе неколку години се работи на едукативни активности. Се одржуваат спортски натпревари со цел меѓусебно запознавање, како и посебни часови на кои полициски службеници ги посочуваат законските последици доколку нарушуваат јавен ред и мир. Се потенцираат и за меѓуетничките односи со оглед дека и такви инциденти имаше во минатото.

„Се очекува да придонесат, исто така, и за поголема информираност на младите, што значи меѓуетничкиот соживот и толеранција. Но и да се запознаат со законските импликации, доколку учествуваат во предизвикување на нарушување на јавен ред и мир, таму каде што учат, се дружат и забавуваат”, изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.

Уште една состојба која го отсликува лошото поведение на учениците, според наставниот кадар, е и намерното отсуство од часови. Ова е причина за писмени опомени, намалување на поведение, преместување на ученикот во друго одделение и последна педагошка мерка е менување на училиштето.

XS
SM
MD
LG