Достапни линкови

Граѓанските иницијативи се туркаат на мускули


Архивска фотографија: протест на судската администрација во Скопје
Архивска фотографија: протест на судската администрација во Скопје

Нетранспарентноста на институциите, партизацијата, како и нивната долгогодишна нефункционалност ги потиснуваат потребите на граѓаните во втор план, со што ги поттикнуваат граѓанските активисти да засукаат ракави и сами да бараат решенија.

Не прашувај што државата може да стори за тебе, туку што ти можеш да сториш за неа, е познатата изрека на поранешниот американски претседател Џон Кенеди, според која еден општествено освестен граѓанин треба да се води.

Вклучувањето на граѓаните во градењето на политики на централно и локално ниво е клучно за демократизација на општеството во кое институциите ќе се вртат околу народот, а не обратно. Граѓаните треба да бидат запознаени со урбанистичкото планирање во нивните општини, кои советниците честопати ги прават зад затворени врати. Тие треба да бидат запознаени и со општинските планови за заштита на животната средина како и со плановите на централната власт и нејзините политики.

Детален урбанистички план за населбата Карпош 4 во Скопје.
Детален урбанистички план за населбата Карпош 4 во Скопје.

Нивниот глас освен преку партиските избраници треба да се слуша и на непосреден начин. Граѓанските иницијативи се форма на непосредна демократија, законско право што граѓаните во развиените држави го користат речиси секојдневно за да издејствуваат од државата да носи или да менува закони поволни за одредена категорија граѓани. Во Македонија ова право и по речиси три децении независност е сé уште е во зародиш. Нетранспарентноста на институциите, нивната партизација, како и нивната долгогодишна нефункционалност ги потиснува потребите на граѓаните во втор план, со што ги поттикнува граѓанските активисти да засукаат ракави и сами да бараат решенија.

„Карпош не е Кисела Вода“, „Да го заштитиме зеленилото во Карпош“, „Да го спасиме шеталиштето на Кејот на Вардар“, „Да го спасиме Чаир, Коце врати ни ги улиците“, „Да го гушнеме ГТЦ“, се само дел од последните граѓански иницијативи кои добија големо внимание од јавноста. Во исто време има иницијатива за референдум за деталени урбанистички планови и референдум за законот за амнестија.

Дополнително граѓански активисти изминатава година организираа и протести за чист воздух во Скопје, Тетово и Битола, протести за чиста вода во Гевгелија, протести на студенти, средношколци и наставници.

Граѓаните од иницијативата „Уа Лопови“ прославија и јубулеј - шест месец како протестираат граѓаните исклучени од системот за топлинска енергија пред Регулаторната комисија. Тие велат дека нема да се откажат и дека ќе продолжат како и досега секоја сабота да се собираат пред зградата на регулаторната комисија и натаму ќе бараат од Балкан Енерџи Груп, поранешна Топлификација да престане да им испорачува сметки за парно, и да бара пари зауслуга што не ја користат. А во меѓувреме ќе продолжат правдата ќе ја бараат пред судовите.

Изминатава година покажа дека дел од граѓаните во земјава се тргнати во потрага по решенија кои политичарите не сакаат да им ги понудат. Тие своите права се обидуваат да ги исполнат преку протести, барања за референдуми на локално ниво, за измена на детални урбанистички планови, собирање потписи, информирање на граѓани преку разни дружби и пикници, петиции, барања на законски измени.

Професор Румена Бужаровска вели дека има повеќе начини на кои граѓаните можат да се спротивстават на самоволието на една општина или на локалната власт.

„За жал, законот не предвидува некои поголеми начин на притисок, освен политички притисок да се врши. Еден од нив е основање на граѓанска иницијатива, вториот начин е покренување на граѓански собир и во крајна инстанца може да се влијае врз тоа што општината го има решено е референдум, но свикување и спроведување на референдум е екстремно тешко во една општина, тоа и го видовме и со референдумот „Го сакам ГТЦ“ колку е тешко“, вели Бужаровска.

Таа додава дека интересно е тоа што овие граѓански иницијативи им се прилично непознати на граѓаните.

„И се гледа од претходното искуство дека не многу општини досега се решиле на такви чекори, но по мене е многу позитивно што полека граѓаните се будат и стануваат свесни за својата одговорност во своите општини таму каде што живеат и се информираат за начините на отпор“, вели Бужаровска.

Архитектот Даница Павловска, која беше дел од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, вели дека граѓаните мора повеќе да бидат вклучени во донесувањето на урбанистичките одлуки, да реагираат секогаш кога има можност за тоа и да грижат за опкружувањето на нивниот имот.

„Нивната реакција треба да се почитува до крај, значи да се одмери колку и што е интерес на заедницата, а колку од некаков индивидуален или да го наречеме интерес на некој инвеститор којшто може да припаѓа и на урбаната мафија, тоа е можно. Отпорот кон таквата појава е многу важен и граѓанинот е тој што треба да го даде“, вели таа.

Референдум за изгледот на Градскиот трговски центар во Општина Центар во Скопје.
Референдум за изгледот на Градскиот трговски центар во Општина Центар во Скопје.

Интересот на граѓаните за вклучување во општествените процеси не е ист на ниво на државата. Во одредени делови од земјава се уште постои апатичност и незаинтересираност, најмногу предизвикани од стравот од неуспех. А независно од тоа дали и колку граѓанските иницијативи во земјава се оправдани или не, нивниот неуспех се должи на односот на домашните институции, вели граѓанскиот активист Џељал Хоџиќ.

„Мислам дека нема функционална демократија без активни граѓани ниту може да дојде до организирање на граѓаните ако тие не се активни во општеството.“

Дона Костуранова од невладината организација Младински образовен форум смета дека не е голема волјата на младите да бидат слушнати од институциите и да кажат гласно што им е потребно.

„Но дури и оние млади луѓе кои го артикулираат својот глас и мислење преку младински активизам, без разлика дали формите се петиции, или барања за дискусии, средби со надлежните, или протести, сепак и оние млади луѓе кои се најмотивирани да направат нешто и да променат на нешто на подобро се соочуваат со критика, со шиканирање, со отуѓување, со медиумски напади и без институции кои би можеле да ги заштитат.“

Проблемите настануваат кога граѓанските активисти ќе се судрат со првата бариера-бирократијата. Со неа дури и политичарите тешко излегуваат на крај, а камо ли граѓанските активисти.

За пример може да ја земеме последната иницијатива на граѓаните на општина Карпош, против промените на деталниот урбанистички план. Граѓаните требаше да соберат најмалку 5.700 потписи, односно 10 проценти од избирачкото тело на општината за да може да се исполни нивното барање за референдум за спречување на носење на нов детален урбанистички план. Поддржувачите на овој референдум претпоставуваат дека слабиот одѕив се должи на работното време на подрачната единица на Државната изборна комисија, каде се собираат потписите, односно граѓаните можат да се потпишат само во работни денови без викенди и во период од 8 до 16 часот, кога вработените граѓани реално не се во можност да излезат од работа за да го стават својот потпис.

Еден од главните проблеми на граѓанските активисти е судирот со институциите и нивната незаинтересираност да излезат во пресрет за реализирањето на нивните барања. Потсетувајќи на иницијативата на АМАН во која беа собрани над 13 илјади потписи како доказ дека поскапувањата на електричната енергија се неоправдани, а истата беше одбиена од пратениците во Собранието, Алек Гочев кој беше дел од иницијативата вели дека се соочиле со многу проблеми од технички карактер.

„Се соочувавме со проблеми каде што во локалните единици на државната изборна комисија вработените не доаѓаа на работа, ги криеја списоците, измислуваа работи дека граѓаните не се во можност да се потпишат, и правеа од секаков вид на опструкции за оваа иницијатива“, вели Гочев.

Постапката за граѓанска иницијатива за измена на закон или референдум оди вака :

Прво се собираат потписи за да може го исполнат условот за собирање на 10 илјади потписи со кои подоцна ќе можат да ги достават до Собранието. Но во меѓувреме граѓанските активисти ќе мора сами да соберат пари за печатење на тие 10 илјади обрасци и сами да ги достават до сите подрачни на државана изборна комисија низ цела Македонија, што е реално финансиски товар.

Следна бирократска пречка е прагот на излесноста на граѓани за да може да се распише референдум вели аналитичарот Здравко Савески.

„Една петтина да побараат распишување на референдум е едноставно невозможно висок праг за распишување на референдум, и споредено со другите земји се гледе дека е на дискриминаторско ниво, особено што претходно граѓаните мораа да поминат невидени процедури за да стигнат до ситуација да се потпишуваат за референдум.“

Александар Цветковски од невладината АГТИС вели дека самата поставеноста на законската регулатива ги одвраќа невладините од обидите да сменат нешто. Законите се рестриктивни што се однесува до невладините организации, а тоа покажува дека политиката не сака мешање во нејзиниот свет на носење одлуки.

„Тука на многу начини ги анулира невладините организации, прво имаат фингирани и мошне неискрени дискусиони процеси по одредени закони, тие фингираат јавност, собираат свои луѓе, обично партиски војници, или не ги објавуваат навреме или не ги вклучуваат навреме, а сето тоа е само техника.“

А дополнително на оние невладини кои не и се допаѓаат на власта во медиумите добиваат етикета на „партиски експоненти“, и со тоа народот губи доверба во невладиниот сектор, објаснува Цветковски.

Сегашната изборна регулатива го отежнува учеството на избори преку граѓанска листа, дискриминирајќи ги граѓаните кои не се дел од партија, а сакаат да учествуваат во политичките процеси. Станува збор за далеку понеповолни законски одредби кои го регулираат учеството на изборите на граѓаните неорганизирани во партии наспроти одредбите со кои се регулира учеството на партиите. За една партија да може да учествува на избори треба да биде регистрирана и да има собрано потписи од илјада членови, додека овој навидум ист услов од илјада потписи важи и за граѓански листи, со разлика од тоа што се множи со бројот на изборни единици. Ако една граѓанска иницијатива сака да учествува на избори ќе треба од секоја изборна единица да собере по илјада односно вкупно 6 илјади потписи, додека партијата и натаму може да учествува во изборите во сите 6 изборни единици со илјада потпишани членови од целата држава.

Дополнително законот вели дека потписите треба да бидат правилно распределени, односно ако одредена граѓанска листа собере 6 илјади потписи само во две или три изборни единици, тогаш тоа ќе значи дека во другите не успеала да собере доволен број и да учествува на избори само во изборните единици каде што ги собрала потписите. А да не заборавиле дека е далеку полесно за една партија да собере илјада потписи од цело население, додека една иницијатива треба да собере исто толку потписи, но од само една шестина од население.

Савески потенцира дека и ако сакат граѓани да се самоорганизираат во партија која институционално ќе бара решение за некој проблем, законот им нуди нова пречка – финансиска.

Аналитичарот Савески вели дека во Македонија постои разработен систем на блокади на граѓански иницијативи, а тој беше воспоставен веднаш после бранот на незадоволство во 90-тите години, кој ги исплаши тогашните елити. Оттогаш секоја наредна влада само го надградува и проширува.

„Дали се работи за народна иницијатива, за референдум, за штрајк, за учество на избори преку граѓански опции, па дури и преку учество со формирање на политички партии, се работи за добро осмислен и доста детализиран систем на блокирање и оневозможување на изворна граѓанска иницијатива.“

Со системските блокади се создава слика во јавноста дека единствена промена може да се изврши преку политичките партии и дека граѓаните немаат моќ и сила за промени. Загрижувачки се и тенденциите на зголемено казнување и законско огромна регулација на секој сегмент од општествениот живот како и инволвирањето преку закони на партиските политики во семејниот живот, со што се креира уценето општество и исплашени граѓани. Проблемот честопати не е во немањето свест кај граѓаните за одредена појава туку во недостигот на реакција, посочуваат граѓанските активисти.

Професор Мирјана Најчевска смета дека е неопходно е да им се помогне на граѓаните да се ослободат од стравот, па ако треба и со личен пример како нејзиниот.

„И сега ако не делува некое орудие, да речеме еве излегуваме на протест и викаме еј не делува ништо не се менува, или собираме петиција е па не се менува, и ќе дигнеме раце и толку. Па затоа сме ние активисти за да смислиме друг начин,ете јас излегов балет да играм, значи нешто само да ги размрда луѓето да им ја отвори чаурата и да им покаже дека „ А бе нема зашто да се плашиме“.“

Хоџиќ додава дека досегашната апатија кај граѓаните е резултат на монополот на политиката од страна на политичките партии, особено во последните 10 години во кои се рушат институциите и граѓаните се чуствуваат дека нивниот глас никој не го слуша.

„Секогаш кога политиката ќе им ја оставиме на моќниците и на оние во чии раце е сконцетрирано огромно количество на моќ, а посебно во случај како што е во Макеоднија за оние кревки институции кои оние ги срушија,ние го живееме ова што денеска го имаме, узурпирани и приватизирани институции кои ние ги плаќаме и ги нарекуваме државни но тие не се во наша функција.“

И додека во развиените земји луѓето го користат своето право и преку граѓански иницијативи менуваат закони, се стекнуваат со одредени поволности, кај нас сè уште ова право е во зародиш. Со успешноста на овие иницијативи може да се мери нивото на демократија во нашата држава, додаваат инволвираните, затоа што отсуството на одговор и на реакција, не е показател за успешноста на иницијативите, туку негативен показател за нивото на демократија во Македонија, велат тие. А, за подобрување на демократската атмосфера во земјава, потребни се помасовни и поорганизирани граѓански инцијативи.

Денеска ја реобјавуваме саботната анализа што првично беше објавена на 3 октомври минатата година.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG